sagata za olja

Дали знаете дека првата дипломирана аптекарка на Балканот е од Македонија, конкретно од Битола и се вика Рајна Алексова? Академскиот статус го стекнала на универзитетот во Лозана, Швајцарија.

Оља Петрушевска –Томева напиша романизирана повест „Сагата за Рајна“ каде го раскажува животот на Рајна и нејзиното семејство. Наративот е сместен во трите најкомлексни општествени превирања за Македонците, но и за Битола која е отсекогаш била раскрсница на круцијалните светски феномени: Отоманска империја, Балканските војни и Првата светска војна. Периоди кога гладот и болестите го глодаа народот, но најтешките товари во животот ги носат најсилните.

viber image 2023 04 06 11 03 03 987

„Живеј како што знаеш, но умри значајно“ – говореше битолчанката Рајна.

Писателката Оља Петрушевска-Томева е дипломиран правник и магистер по Европско право и интеграции. Родена е во Скопје. Со „Сагата за Рајна“ направи вистински пресврт што се однесува на книжевното женско творештво во Македонија, без пардон, пишува гласно и отворено – за другата страна на секојдневието на обичниот човек – она што ретко има можност публиката да го прочита во формалните учебници и излагања, затоа што судбината на обичниот човек е тема на размислување само кај уметниците, останатите гледаат на него преку призмата на профитот.

Битолчани не го пропуштајте романот„Сагата за Рајна“, во продолжение интервју со авторката Оља Петрушевска – Томева:

Читај бе: Вашиот роман „Сагата за Рајна“ побуди голем интерес кај читателската публика, неодамна излезе од печат и второто издание. Се чини дека книгата си го најде патот до читателите или читателите умеат да препознаат добра книга?

Промоцијата на романот беше на 15 октомври 2022. Книгата се издаде во 1000 примероци и по само четири месеци излезе второто издание. Искрено, не очекував толкава реакција од читателите. Се надевав дека романот ќе им се допадне, но не и дека ќе бидат воодушевени.

viber image 2023 04 06 11 03 03 734

Кога создаваш одредено дело (во мојот случај роман), го работиш со многу љубов, се вложуваш и даваш сѐ од себе, бидејќи тоа е дел од тебе, од твојата душа, твое чедо, но никогаш не си сигурен на каква реакција ќе наиде. Не си сигурен дали ќе им се допадне и по малку се плашиш од нивната реакција. Така беше и со пишувањето на „Сагата за Рајна“. Јас едноставно уживав дедека пишував. Најпрво бев преплавена од море на информации кои сакав да ги прочитам, сакав да дознаам што повеќе за таа храбра жена која беше моја хероина. Потоа ме преплавија други емоции и чувства. На моменти чувствував тага, гнев и на крај чувство на гордост кое го имам до денес. Затоа се потрудив и веројатно успеав да го доловам животот на мојата хероина на начин на кој таа вистински живеела, да им претставам на читателите која е Рајна, зошто е вреден и значаен нејзиниот живот. Пресреќна сум од секојдневните коментари кои ги добивам. Би сакала да сум скромна, бидејќи таква сум по карактер, но навистина не можам бидејќи сите коментари до еден се позитивни. Веројатно фактот што Рајна е вистинаска личност, Македонка од Битола, која сонувала да стане некој и нешто и успеала во тоа и покрај тешкиот живот и услови, предизвика бура на позитивни реакции кај читателите и јас сум неизмерно среќна и благодарна на нив. Но морам да споменам и да ѝ се заблагодарам од срце најпрво на Ивана Спасев, а потоа и мојата издавачка куќа „Сакам книги“, без кои никогаш немаше да успеам. Тие направија прекрасна промоција за „Сагата за Рајна“ и овозможија сите да дознаат за Рајна.

Читај бе: Романот „Сагата за Рајна“, на прво (централно читање) делува лесно раскажана животна врвулица, но, слоевитото читање е она што делува инспиративно, бунтовно. Романескното дејство се случува во еден од најтешките периоди во Битола, Отоманска Империја, Балканските војни и Првата светска војна, колкав беше предизвикот да се работи во три зони, а притоа да се задржи автентичноста на Рајна?

Искрено беше тешко. Да се спои приканата на роднините на Рајна со реалните случувања во периодот во кој живеела, беше вистински предизвик. Рајна имала долг живот и живеела во бурни времиња, на жалост исполнети со војни, страдања, болести, како за неа така и за целиот македонски народ. Но токму поради тоа таа е толку значајна, бидејќи успеала да ги постигне своите идеали. Но да не заборавиме дека таа не е значајна само поради нејзиниот успех, уште позначајна е поради тоа што несебично се давала себеси да му помогне на својот страден народ. И што зад себе оставила белег, наследство, со кое сите треба да се гордееме, бидејќи Рајна живее во секој од нас.

Читај бе: „Сагата на Рајна“ е биографски роман за првата жена дипломиран аптекар во Лозана на Балканот, во текот на отоманскиот период, која е всушност битолчанка, а вие сте скопјанка, како се разви идејата, па романот?

Тоа е прашање кое многумина ми го поставија. Како една скопјанка се реши да пишува за една битолчанка и зошто? Еве да раскажам како јас дознав за Рајна. Јас сум личност која ужива во утрото. Мојот наубав дел од денот. Секогаш станувам пред сите. Во тие моменти сакам да сум сама со себе. Тоагаш размислувам, бидејќи умот ми е сѐ уште свеж, неоптеретен со секојдневните обврски. Утрата ги започнувам со цеден лимон и кафе и утринската програма на некоја од тв – програмите. Така слушајќи ги утринските емисии, еден ден слушнав прилог за Рајна Алексова. Ми беше интересен прилогот но остана само на тоа, се до наредната година кога на иститот ден (денот кога е родена Рајна) повторно бев на истата програма и повторно одеше прилогот за Рајна. Е тогаш веќе знаев дека нема да остане само на тоа. Решив да истражам малку повеќе за Рајна и нејзиниот живот. Колку повеќе читав, толку повеќе интересот да дознаам повеќе за нејзиниот живот, растеше. Прочитав речиси сѐ што можев да најдам на интернет прелистувачот, но тоа не ми беше доволно. Истражувајќи, случајно наидов на името на внуката на Рајна. И нели денес преку социјалните мрежи можеш да најдеш секого, па така стапив во контакт со неа. По првиот телефонски разговор со внуката веднаш се разви пријателство, како да се знаевме отсекогаш. Таа беше пресреќна за идејата што и ја предложив, а јас бев пресреќна за тоа што ми дозволи да пишувам за нејзината баба. Таа ми раскажа сѐ што знаеше. Потоа ме поврза и со другата внука на Рајна (нејзина братучеда), која живее во Битола, од која исто така добив многу корисни податоци. И така започна создавањето на „Сагата за Рајна“.

viber image 2023 04 06 10 51 52 032

Читај бе: Пишувате дека потомците на Рајна Алексова одат по препис на дипломата  на универзитетот во Лозана за да им докажат на бугарската научна јавност дека Рајна не е Бугарка, туку Македонка, а  дипломата што се наоѓа кај нив е едноставно според одреден закон само нострифицирана – во тие фрагменти прилично се чувствува еден гнев, ама и борба – оттука и драмски моменти. Според она што го пишувате Рајна била исклучително и паметна и школована жена, како би реагирала таа на овие небулози што ни се случуваат денес?

Јас не знам како би реагирала Рајна на денешните случувања, но едно знам дека ништо не е случајно. Сѐ се случува од некоја причина и секогаш во вистинското време. Сега веќе сите знаат која е Рајна Алексова и колку е значајна таа за нас.

Читај бе: Романот има два дискурса денес и времето на Рајна – верувам дека книгата ќе ја прочитаат многумина и ќе постане класика, затоа што ги има тие особини. Со оние кои разговарав очекуваат филм, или во најмала рака театараска претстава. Можно е?

Јас верувам дека тоа ќе се оствари, бидејќи Рајна навистина заслужува да застане на филмското платно. Но мене уште подраго би ми било доколу „Сагата за Рајна“ се најде на листата на задолжителни лектри.

viber image 2023 04 06 14 12 00 846

Читај бе: Дали во Битола има потомци на Рајна, со оглед дека таа не се реализира како мајка?

Рајна немала свои деца, но децата од брат ѝ Ристо и снаа ѝ Софија, биле како нејзини родени деца, бидејќи таа живеела со нив. Да, Рајна има свои потомци во Битола, кои се горди на животот и делото на својата баба.

Читај бе: Колку беше возбудлив истражувачкиот период?

Погоре во еден од одговорите веќе споменав околу истражувањето. Искрено прочитав многу историја и научив многу. Но во ниеден момент тоа не ми преставуваше тежина, напротив со задоволство читав и истражував. Сето она што го има сработено Рајна, сите дневници со рецепти, изработката на галенските препарати и целата работа на Рајна и денеска се чува во Одделението на Државниот архив во Битола, како културно наследсво и доказ дека таа се родила, живеела, работела и умрела во Македонија.

Читај бе: Дали Рајна и Оља имаат нешто заедничко?

И тоа колку. Секоја на својот начин, но секогаш истрајни, упорни кон остварување на своите цели и идеали.

viber image 2023 04 06 10 51 52 334

Читај бе: Како ја дефинирате творечката инспирација?

Јас сум личност со богата фантазија и искрено не ми е тешко да творам, едноставно уживам во тоа. Понекогаш пишувањето ми е најбезбедно место да побегнам од реалноста. Сакам да се испробам во повеќе жанрови, па затоа пишувам сѐ, од поезија, драма, книги за деца, романси, трилери. Се надевам дека ќе читате уште многу од мене. Барем засега ми е таков планот.

Читај бе: Ваши омилени книга, филм, автор?

Карактерот не ми дозволува да имам едно нешто омилено. Најмногу сакам да читам и да гледам трилери, историски драми, комедии, значи сѐ. Ни автор не можам да одвојам, некој посебен, но можам да кажам дека последниве две години читам само македонски автори и можам да кажам дека се одлични. Затоа сметам дека издаваштвото на македонските автори треба да се подdржи од државата. На тој начин ќе се поттикнат луѓето да творат, да пишуваат, а тоа е многу важно, бидејќи тоа ќе остане засекогаш, како белег на едно време, на еден народ кој твори на својот мајчин јазик и остава историја зад себе.

Читај бе: Како го сфаќате светот во однос на сите домени кои ги имате во него?

Јас секој пат светот го сфаќам како прекрасно место за живеење, доколку малку се потрудите и му дадете шанса.

Читај бе: Вашата инспиративна порака?

Со оглед дека овој прилог е посветен на Рајна, јас би сакала ова интервју да го завршам со нејзината мисла, која за мене е безвременска:

„Со текот на децениите, на вековите, исчезнуваат земните нешта, а остануваат безвременските значења и вредности, кои по својата природа се есенцијални“.

meblo trejd mialnik
jk kipar carter
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…