CODE 369 полека ја освојува балканската музичка сцена, а во Скопје на 7 мај ќе одржат целовечерен концерт на Скопскиот градски фестивал. Ова беше повод малку одблиску да го запознаеме овој бенд. Екипата која битолчани ја знаеја како Памперси, сега, како CODE 369, ни нудат една созреана мисла, и музички и интелектуално. Разговаравме со Ирена Димовска – Митревска, за бендот, нивниот пробив на балканската музичка сцена, но и за Ирена како сестран уметник, мајка, сопруга, професор…
Бендот CODE 369 соработува со реномираната балканска музичка куќа Croatia Records – неколку песни се препеани од англиски на хрватски јазик. Одлучивте да го освојувате Балканот од Битола?
Ирена: Искуството што го имавме со Памперс, со CODE 369 е само продолжување на нашата музичка дејност, нормално со некои позрели и поинакви музички идеи. Песните се одлично прифатени во Македонија, меѓутоа кај секој уметник се раѓа потребата да ја сподели својата уметност со што повеќе публика, на поголем простор. Првично беше регионалниот канал на MTV и кога видовме како сме таму прифатени и испочитувани – се најдовме на различни формати на топ-листите каде што котиравме одлично на првите три места, така што логично беше да се случи и овој чекор, но, тука беше присутна и многу комуникација со многу луѓе кои работат со нас многу години, кои нѐ поврзаа со Croatia Records – односно преку Амир Бахтијаревиќ – BABA Production.
Публиката ве препознаваше како Памперс, сега сте CODE 369 – има некаква промена?
Ирена: Екипата е таа, но мислата е променета и музички и интелектуално, со нашето зреење како луѓе. Публиката одлично ја прифаќа музиката. Коментираат дека е музика којашто им дава позитивна мисла, убава за слушање, певлива. Музиката на CODE 369 е помека од онаа на Памперс, но не значи дека изгубила на енергија.
Ти и претходно дечките од Памперс пораснавте и ја почнавте кариерата на битолската музичка сцена. Како беше кога започнувавте и сега?
Ирена: Кога растевме ние, имаше многу фестивали пред сѐ овде во Битола, потоа низ Македонија, каде што младите изведувачи можеа да настапат да се промовират, да бидат видени, тука спаѓа и алтернативната независна сцена. Сега се останати малку фестивали и помалку млади, за жал. Битола се празни, иако има што да им понуди на младите – меѓутоа – ситуацијата е таква. Друго, има сѐ помалку бендови кои сакаат да работат авторска музика, повеќето се фокусирани на кавери, препејување, пресвирување, клупски свирки каде што се свират исклучиво кавери. Едно време беше исклучено да се оди да се ислуша некој бенд кој направил нешто авторско, речиси немаме ни клубови, неколку се. Добро би било да се вратиме на тие корени затоа што тоа не е сатисфакција само за оние кои ја творат музиката туку и поттик и мотивација за младите генерации, не само во смисла на музичко творештво туку и целокупен живот. Создавањето авторска музика е специфично дружење, размена на идеи, скокоткање на мозокот коешто може на сите – од програмери до книжевници да им направи инспирација да направат нешто сосема ново од она што се научени во матрицата.
Каква е соработката со колегите?
Ирена: Имаме соработка со колегите, често доаѓаат да разговараат со Даниел во врска со продукцијата, некаква интервенција, помош, иако имаат студија – не би откривала имиња, но, и ние нормално соработуваме, некогаш ќе те поканат за дует – ќе поканиш некој да ти испее нешто, да ти гостува на некој дел. Иако, во последно, соработката се сведува на поддршка „Слушнав што направивте, браво, убаво е тоа. Го видов спотот добар е“. Но, и тоа е една убава повратна информација, секогаш треба да сме во допир со мислењата на колегите, бидејќи истата мисија ја остваруваме.
Најново беше промовиран спотот за песната „Права љубав“, како се одвиваше процесот?
Ирена: Песната „Права љубав“ беше прва што излезе на хрватски јазик, но Croatia Records ја доиспромовораа оваа пролет на наше огромно задоволство. Спотот тие го направија. Публика реагираше одлично на песната, им се виде како нешто ново и свежо. Позитивни се коментарите. Така што песните „Права љубав“ и „Мјесечина“ се слушаат на радио, по трговски центри, убаво е кога ќе ни пратат некое интересно клипче од песните.
CODE 369 потсетува на стариот добар рок, но и звучи современо – се чувствува големата поетичност.
Ирена: Дефинитивно, музичката мисла е таму некаде, потсетуваме на старите времиња со текстовите, но аранжманите се сработени да бидат прилагоденина ова време, има и елктроника, бидејќи тоа исто му е голема љубов на Даниел, да има фанки- џез, го има андерграундот, со којшто ние тројцата со Иле сме израснати, со Гоце продолжува приказната со којшто создаваме џез и фанк моменти кои ја дополнуваат уметничката убавина. Членови на бендот CODE 369 се Ирена, Даниел, Иле и Гоце. Имаме одлична енергија, убави се пробите, кога снимаме се чувствува она заедништво во работата. Бидејќи знаете, секој кој почнал да се занимава со уметност, појдовна мотивација не му биле парите.
Дали CODE 369 планира концерт во Битола, па да дојде публика од повеќе градови од Македонија овде во Битола?
Ирена: Овој албум, откако ќе го доживее своето издавање, планиран е концерт во Битола, не смееме да ја избегнеме, тука израснавме, тука ги црпиме идеите, енергијата, љубовта. Сето она што нѐ прави Ирена, Даниел, Иле, Гоце е овде во Битола и треба тоа да му го возвратиме на нашиот град, најубав на цел свет. Концертот најверојатно би се извел во некоја од салите на културните институции или во клубовите. Имаме тим за тоа, убаво ќе го осмислат сето тоа. И ќе ве известиме навреме.
Како се дојде до CODE 369?
Ирена: Поради Тесла. Имаме песна која се вика Тесла. Отсекогаш сме биле фасцинирани од работата на Никола Тесла, неговиот интелект и можности како човек. Сублимирајќи го и тоа дека тој потекнува од ова поднебје, можеби тоа беше како почетна точка, Даниел тоа го истражи и рече „Ова е супер име за бенд“. Броевите 3, 6 и 9 се клучни за универзумот – т.е универзална хармонија. Музиката е универзална хармонија, па уште во комбинација со поезија или музички текст – мислам дека доликува за еден бенд да се вика вака и да се слави таа универзална хармонија, од аспект на тоа дека сите ние како човечки суштества треба да си функционираме во хармонија едни со други и во хармонија со нашата планета Земја, крајно со Космосот.
Како успева Ирена да го менаџира секојдневието, со оглед дека си сопруга, мајка, професор по Англиски јазик и литература, сценски изведувач, текстописец…?
Ирена: Разговарам со една многу блиска личност и ѝ кажувам што сѐ сум направила тој ден и таа ме прашува „А добра си?“ Тоа малку ме подзамисли. Во суштина, јас сум работохоличар, од дете сум всушност, сакав да пеам во три хора, да бидам во сите секции во училиште, едноставно имам многу интереси, мило ми е што ги хранам, иако некогаш сум оптоварена, затоа му благодарам на семејството кое ме поддржува максимално во сѐ. Им се извинувам на децата што некогаш се случува да јадат по пат, но мислам дека љубов не им недостига и сите технички работи им се средени. Со сопругот, заедно пишуваме и снимаме – и тоа е начин на дружење, секогаш има некакови тектонски поместувања, но љубовта преовладува. Сите работи кои ги работам ги работам со љубов и максимално се вложувам, некогаш се чувствувам растргнато, но благодарна сум за сѐ што ми е дадено како дарба.
Што би им кажала на младите луѓе?
Ирена: Прво, да читаат. Читањето е она што ги изградува децата во личности и луѓе. Кога гледаат нешто, да гледаат со супстанца, не празни работи кои се вирални и исчезнуваат. Да гледаат филмови, серии кои ќе ги изградат и поднаучат нешто. Во сѐ што прават да наоѓаат поуки, ние пораснавме со приказни и ни помогнале да во избирањето на животните вредности и да спречиме некои работи влијание просто да ни го уништат животот. Да си ги слушаат родителите, ама да не забораваат да бидат млади, бунтовни аванградни и свои. Имаме многу паметни деца – ќе ја сфатат пораката.
Кој англиски автор не смеат да го пропуштат младите ?
Ирена: Шекспир, Џејн Остин, односно јас секогаш им се навраќам на класиците и на филмовите кои се снимени по книги. Има една шега која е – која всушност е реалност за многумина, кога гледам филм пуштам превод – така што ми доаѓа истовремено да гледам филм и читам книга.
Рок бендот CODE 369 ќе одржи целовечерен концерт на V издание на СКОПСКИ ГРАДСКИ ФЕСТИВАЛ во малата сала на филхармонија на 7 мај со почеток во 21 часот. Специјални гости им се Агни Авшар и Бобан Мирковски. Пред нив, во 20 часот ќе настапат австриското дуо Роџер и Харисон.