Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик
На денешен ден, 5 Мај, го одбележуваме Денот на македонскиот јазик, денот кога во 1945 г. со Решение на Народната влада на Федерална Македонија е усвоена азбуката на македонскиот јазик врз принципот еден глас – една буква, а набргу потоа, на 7 јуни истата година, е усвоен и правописот на македонскиот јазик. Кодификацијата на современиот македонски стандарден јазик се заокружува со основоположничките дела на великанот на македонскиот јазик, Блаже Конески – Граматиката на македонскиот литературен јазик, Речникот на македонскиот јазик и Историјата на македонскиот јазик, како и со ангажманот и делото на македонскиот деец во стандардизацијата на македонскиот литературен јазик и особено во развојот на граматичарското дело, кој е автор на првата Македонска граматика – Круме Кепески.
Македонскиот јазик е темелот на македонскиот идентитет. Круната на неговата кодификација е 5 мај 1945 г. денот што денес го прославуваме. Иако првпат е прогласен за службен јазик во нашата држава на 2 август 1944 г. на Првото заседание на АСНОМ, континуитетот во развојот на македонскиот јазик го следиме уште од X-XI век, кога во црковнословенските ракописи се појавуваат првите типично македонски зборови. Тој развој продолжува низ вековите, со засилено навлегување на македонскиот народен јазик во ракописите од крајот на XVI век. Во XIX век веќе се појавува и јасна свест за посебноста на македонскиот јазик и за неговото место во јазичното семејство на светот, свест што кулминира во делото „За македонските работи“ од Крсте Петков Мисирков, објавено во 1903 година.
Јазикот е нашето најголемо духовно културно наследство и ние мораме да го чуваме како нешто најсвето, зашто нашите предци во мошне тешки и неповолни историски околности се изборија за правото на употреба на својот јазик, за докажување на неговата посебност … Македонскиот јазик денес е познат и афирмиран во светот со својата јазична структура и богат лексички фонд и има свое место во словенското јазично семејство. Нашата многувековна писмена традиција е најголемо сведоштво за посебноста на македонскиот јазик и самобитноста на македонскиот народ. Секој човек треба да се запознае со историјата на нашиот јазик и неговото значење за да твори на него. Бидејќи нема нешто поубаво од тоа да се пишува, твори и зборува на својот мајчин јазик. Македонскиот јазик денес е целосно оформен, литературен јазик. Но тоа не значи дека треба да прекинеме да пишуваме и да твориме, напротив, јазикот е непресушен извор, кој треба да се негува.
Македонскиот јазик и македонското кирилско писмо се непроценливо културно богатство. Загрозени се, пред сè од самите нас, кога зборуваме и пишуваме неправилно и несоодветно. Затоа, да ги употребуваме правилно, да ги афирмираме и потврдиме во светот како скапоцена придобивка од една стара култура и цивилизација која заслужува почит и поклонение. Мора сите да работиме на зачувувањето на јазикот бидејќи јазикот служи да ги обединува луѓето, културно ги поврзува генерациите кои една на друга ги предаваат цивилизациските вредности на човештвото.
Македонскиот јазик е симбол на македонското постоење, на македонската нација. Зборувај, осознај го и промовирај го убавиот македонски збор! Дали е народен, дијалект, архаичен, црковен или литературен, македонски е. Да го сочуваме ова наше непроценливо богатство. Читајте, пишувајте, зборувајте, творете и понатаму на македонски јазик. Јазикот е душата на народот. Но, додека кажаното некогаш се заборава, пишаниот збор останува, Петре М. Андреевски рекол: „без јазикот ќе си недостигаме самите на себе, оти само јазикот никогаш не нè оставил сами и тој памети многу повеќе отколку што ние можеме да заборавиме“. Toa треба да остане вечна поука и порака до сите нас.