Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да го правите тоа што го сакате. Оваа е пораката која 22-годишната Сонита Фејзовска од Битола им го порачува на сите млади. Како мала го слушала зборот студент не знаејќи што значи. А каде е сега? Само што дипломира на Педагошкиот факултет во Битола како една од најдобрите студенти со просек 9,80. Приказната на Сонита е испреплетена меѓу сиромаштијата и традиционалните вредности во ромската заедница и сонот на една млада Ромка со јасна визија за во иднина. Откако заврши средно медицинско училиште, желбата да стане студент накратко ѝ падна во вода откако нејзиното семејство ја испиша штом беше примена на факултет. Но, Сонита вели дека во животот ѝ се појавиле добри луѓе кои ѝ помогнаа повторно да се запише на факултет. Нејзиниот сон е да работи со деца и со деца со посебни потреби, но за жал, иднината ја гледа надвор од Македонија.
Читај бе: Сонита, само што заврши Педагошки факултет во Битола и една од најдобрите студенти и заврши со 9.80 просек. Колку беше трнлив патот доттука?
Сонита: Не секој е роден „под среќна ѕвезда“ – толку многу луѓе знаат многу добро како е да растеш во сиромаштија. Едноставно не можете да имате сé што ќе посакате, особено ако сте дете. Додека се образовав, како дете носев облека што ми ја даваа моите соученици. Небитно дали беше машка или женска, за мене најважно беше да имам облека за да можам да одам на училиште. За мене училиштето не беше досадно, напротив таму се чувствував посреќно затоа што таму учев нови работи, се дружев со соучениците и бев прифатена од сите.
Читај бе: Кажи ни нешто за себе. Која беше мотивацијата која ја имаше во животот? Што беше пресудно да го искористиш својот капацитет и да им пркосиш на предрасудите?
Сонита: Како човек сум амбициозна и многу одговорна, особено кога се работи за обврски кои треба да ги завршам. Неколку пати во детството го имав слушнато зборот студент, не знаев што точно значи тоа, но знаев дека е нешто убаво. Потоа постојано го повторував зборот студент и како што растев се повеќе сонував да бидам студент. Мотивацијата во животот ми е да имам подобра иднина како за мене така и за моето семејство.
Читај бе: Каква е поддршката од семејството и околината?
Сонита: Мојата приказна за студирање започна со многу огромна желба и храброст за постигнување на успех, успеав да го претворам сонот во реалност со многу подеми и падови.
Кога го завршив средното образование, бев сигурна дека сакам да студирам Педагогија затоа што е работа поврзана со деца. Но кога дојде време да се запишам на факултет, но моето семејство не ми дозволи пред сé од финансиски причини и од традиционален аспект.
За време на уписите јас се запишав на факултет и бев примена. Но, за жал моите родители ме испишаа и ги зедоа докуметите, затоа што девојките Ромки не треба да се образуваат. Тоа беше навистина тежок период за мене како млад човек и се чувствував повредено затоа што не ми дозволуваа да продолжам да се образувам и да чекорам кон посветла иднина.
По неколку дена се појавија добри луѓе во мојот живот. Ми помогнаа да се запишам повторно на факултет и цело време ги имам како поддршка во живот. Благодарение на нив јас денес завршив високо образование. Исто така студиите ги завршив благодарение на РЕФ (Roma Education Fund) стипендијата која ми помогна да ги покријам сите трошоци за време на студирањето. Во втора година од студии бев второ наградена за највисоки резултати во студиите на ниво на цела држава од страна на Ромаверзитас.
Иако немав поддршка од моите најблиски, јас не се откажав од мојот сон да бидам студент. Затоа никогаш не откажувајте се од вашите соништа без разлика колку ви било тешко и колку луѓе не ви дозволуваат да го правите тоа што го сакате. Секогаш ќе има некои кој што ќе сака да ви помогне и да знаете дека не сте сами.
Читај бе: Дали на патот кон успехот досега си имала пречки затоа што си Ромка и како си ги надминала?
Сонита: Во текот на моето студирање не се соочив со никаква дискриминација и тоа ме направи среќна затоа што професорите и колегите ме гледа со целосна почит. Но во основно и средно образование секако дека бев дискриминирана затоа што сум Ромка, но тоа не ме демотивираше, напротив секогаш успевав да им докажам дека јас како Ромка можам да бидам одличен ученик.
Читај бе: Колку е важно образованието, особено кај ромската заедница? Мислиш ли дека може да се промени состојбата каква што е сега?
Сонита: За мене образованието во животот е важно колку што е важна и храната, облеката и засолништето. Ниту едно човечко суштество не може да води достоен живот без образование. Образованието ги насочува луѓето како да размислуваат, како да функционираат правилно, како да носат правилни одлуки и на крај само образованите луѓе можат максимално да го искористат својот потенцијал. Само преку образованието човекот може да си изгради сопствен идентитет.
Образованието кај ромската задница е подобрено во однос на завршено средно образование, но факултетот сѐ уште е табу-тема на која треба многу работа за подигнување на свеста. Сметам дека за неколку години ќе се промени состојбата затоа што како што доаѓа времето сé повеќе е потребно високото образование. Колку повеќе Роми завршуваме високо образование толку подобро за целата заедница и позитивен приимер за идните генераци.
Читај бе: Што е она што сакаш да го промениш во општеството?
Сонита: Би го променала системот на кој функционира цела наша држава, а тоа е дека сѐ функционира преку ,,врски’’ и ,,пријатели‘‘.
Читај бе: Што е она што уживаш да го правиш заедно со пријателите?
Сонита: Уживам да патувам со пријателите, да поминуваме повеќе време заедно во дружби, да одиме на театар и на кино. Исто така сакам да учесвување на обуки, семинари, работилници, размена во странство преку Еразмус+ програмата и да запознавам нови пријателства од секаде низ светот.
Читај бе: Каде се гледаш во иднина? Кој е твојот животен сон?
Сонита: Во иднина се гледам надвор од нашата држава, затоа што партискиот ангажман не е во мојата агенда. Срамна е одлуката да се напушти сопствената земја, во нормални услови. Но, оваа Македонија е држава која младите ги дели на ’ваши’ и ’наши’. А, бидејќи јас не сум во нивните ’наши’, нема да можам да добијам работа. Затоа размислувам да си заминам од Македонија. Мојот животен сон е да работам со деца и деца со посебни потреби затоа што таа работа ме исполнува и ме прави среќна и задоволна.