Пишува: Сара Танаскоска
Марија Самарџиска е млада, храбра и амбициозна девојка која уште од најрани години се соочува со животни предизвици, но никогаш не дозволува тие да ја оттурнат од нејзините соништа.
Растејќи во СОС Детско Село, таа пронаоѓа чувство на припадност, љубов и сигурност, што значајно влијае врз нејзиниот личен развој. Денес, Марија е посветена на правото, водена од желбата да се бори против неправдите и да им помогне на оние на кои им е најпотребна, претворајќи ја својата бунтовна природа во сила за добро.

Читај бе: Која е Марија? Како би се опишала себеси во неколку зборови?
Марија: Обична девојка од мало гратче со големи соништа. Искрена, гурман, позитивна, љубител на адреналинот, прав пријател и млада тетка.
Читај бе: Како изгледаше твоето детство во СОС Детско Село? Кои се твоите први спомени од таму?
Марија: Првиот и најубав спомен е пристигнувањето во СОС Детско село. Се сеќавам дека мама Нате дојде со екипата дури до Пехчево, нè донесоа, а потоа се запознав со децата од куќата кои до ден денес ги сметам за мои братчиња и сестричиња. Таму за првпат во мојот живот го прославив и мојот 13-ти роденден. Она чувство на припадност, сигурност и безбедност го пронајдов токму таму. Подоцна, празнината и копнежот што ги чувствував за моите баба и дедо на еден начин успеав да ги надополнам со баба Мира и дедо Зоки, мајката и таткото на мама Нате, луѓе кои и ден денес ги гледам како дел од моето семејство. Потоа следуваа големиот број пријателства со децата од СОС и од други домови, посетата на разни хоби активности, воншколски активности, едукативната поддршка за време на училишната година, заедничките одмори, обуки и кампови. Сумирано, сите овие нешта, кога ќе ги соберам во едно, можам да кажам дека токму тие ме обликуваа во личноста која сум денес.

Читај бе: Кога сфати дека сакаш да студираш право? Зошто баш право?
Марија: Дефинитивно тоа беше уште од мали нозе хахах…тогаш обожавав да се карам со дедо ми наоѓајќи разни начини да докажам дека сум во право. Но сепак главниот мотив беа неправдите низ кои помина мојот дедо. Тогаш решив дека мојата бунтовна природа ќе ја насочам кон нешто добро помагајќи им на оние на кои им е потребно. Не велам дека подоцна не размислував за други опции како дефектологија, но познавајќи се сама себе знаев дека таму не би била објективна. Подоцна кога се запишав на правен иако првата година ми беше особено исцрпувачка, сепак сфатив дека не сум погрешила. Сфаќајќи дека низ целиот мој студенски пат учев од квалитетни професори и имав среќа да имам најдобра менторка со која и најсложените точки од мојата магистерска изгледаа лесни.
Читај бе: Со какви предизвици се соочи низ образованието?
Марија: Искрено, образованието никогаш не сум го гледала како предизвик, туку напротив. Додека бев мала и живеев со моите, тоа го гледав како мотив за подобро мое утре, а уште повеќе затоа што ми помагаше барем на момент да „побегнам“ од реалноста и да ги насочам мислите кон нешто попаметно.
Сега кога наназад ќе се свртам, можам да кажам дека во целокупниот мој студентски пат имало само 2 до 3 предизвици, но кои за жал траеја малку подолго. Најпрвин, тоа дефинитивно би била првата година од додипломските студии. Баш добро се сеќавам беше корона пандемијата, сè се одвиваше онлајн. Ми беше тешко да се привикнам на новиот начин на живеење надвор од СОС, потоа обемните книги за учење, но најголем предизвик дефинитивно ми беше кога мајка ми се разболе и беше со нас, па морав да комбинирам денови кога учам и кога сум со неа, додека брат ми беше на работа и обратно. Но, фала му на Господ, тој период, како по завршувањето на корона пандемијата, брзо помина. Затоа често велам дека во такви моменти најважна е поддршката од најблиските. Имало пријатели кои доаѓале, седеле со мајка ми додека јас учев и бев на испит, дел од нив дури и глумеа испитувачи (бато, Антонио и други). Се сеќавам дека тогаш, уште во првиот семестар, размислував да се откажам, но среќа што не го направив тоа. Така сфатив дека не секој лош период во животот е причина да се откажеш од својот сон и дека, доколку ги имаш вистинските луѓе покрај себе што ќе те разберат и насочат, ќе успееш. Додека пак за време на мастер студиите немав некои посебни предизвици, освен искрено моментот кога требаше да барам судска практика за мојата тема за магистерскиот труд, но благодарение на мојата менторка и тоа брзо го решивме.

Читај бе: Што би и кажала на онаа мала Марија? На што си најмногу горда?
Марија: Најпрвин би ја гушнала и рекла браво, твојата тврдоглавост и верба те донесоа тука. Би научила побрзо да сфатам дека не секој е човек во душа и би научила да простам не како оправдување дека некој нешто направил туку за мене да ми олесни. Има доста работи. Но пред сѐ дека покрај сѐ останав нормална, со жарот во очи и мотивација како од дете. Фактот дека израснав во девојка, а во иднина и жена која може самостојно да се грижи за себе и своите блиски како и дека си ги остварив дел од моите детски соништа.
Читај бе: Каде се гледаш себеси во иднина?
Марија: За една година од сега со положен правосуден испит и адвокатска лиценца, а подоцна и сопствена адвокатска канцеларија во која особено фокус ќе имаат семејни предмети како и бесплатна правна помош знаејќи низ што се секојдневно поминуваат одреденилуѓе и семејства.
Мајка, сопруга, снаа која поминува квалитетно време со своето семејство.
Читај бе: Што би им порачала на децата кои растат во слични услови?
Марија: Можеби ќе излезе повторување, но тоа секогаш и секаде го кажувам и повторно ќе го повторам.
Да се прифатат себе си такви какви што се, само така ќе сфатат што е добро, а што можат да подобрат, никој не е совршен. Да не се оптоваруваат со мислите зошто баш мене, јас помалку вредам од другите деца. Баш напротив своите борби низ животот да ги употребат како алат и мотивација да си ги остварат своите сонипта. Да не се плашат да сонуваат бидејќи дете без сон е како дрво без корења. единствена споредба која треба да ја направат е со личноста која биле вчера, а не со другите бидејќи секој од нас е роден во различно време. Услови, околности тоа што јас сум магистрирала сега, а некој друг после мене не го прави дугиот помалку успешен од мене и обратно. Да се опкружат со луѓе кои ги разбираат и мотивираат бидејќи со тек на времето ние стануваме сакале или не исто како тие до нас. Да си го слушаат срцето во релација со разумот, професијата, мажот, жената, не се бира за да се удоволи на друг, баш напротив за себе бидејќи утре ти ќе бидеш таа или тој што деновите ќе ги поминуваш таму и со таа личност.









