Сара Петровска е дипломирана оперска пејачка. Родена 1997 година, во Битола, каде го завршува средното Музичко училиште, отсек соло пеење. Подоцна дипломира оперско пеење во Бугарија, а сега го изучува и актерскиот занает. Сара е пример што значи синкретичен уметник. Во доба кога се создава квантитет, а квалитетот од срам се крие, има млади луѓе кои смело тргнуваат да покажат што умеат. Не е мала работа да се собере храброст да се напише композиција за стихови на Конески. Епа, Сара го направи тоа.
Читај бе: Koja e Сара Петровска?
Сара: Дипломиран музичар, пејачка која професионално се занимава со оперско и забавно пеење.
Освен тоа во моментот учи и за актерство во Скопје. Но, ако гледаме пошироко, таа е многу емпатична личност која ко дете се радува на сè. Неизмерна љубов има кон децата и животните. Комуникативна, позитивно – реална, секогаш спремна за забава.
Читај бе: Ти ја избра музиката или таа те заведе тебе?
Сара: Дефинитивно музиката ме заведе.
Мислам дека што и да речам нема да успеам да доловам. Неописливо е чувството како со секоја нота повторно да се раѓаш, да растеш, да се радуваш. Не можам да опишам сепак, но знам дека бев многу малечка кога почнав да пеам. Моите најблиски се занимаваа, со музика па уште од тоа време бев опкружена со убава песна и музика од близу, не само од тв екраните. Подоцна кога станав свесна дека веќе целосно музиката ме има заведено, не можев да одолеам да не ја одберам. Со многу желба, труд и љубов работам врз сите мои проекти, снимања, концерти, натпревари, фестивали… Љубов најголема ми е и засекогаш ќе остане.
Читај бе:На 23 септември ќе настапуваш пред битолчани на настанот „Хуманитарна вечер со македонски автори“ во организација на книжарницата Book’s House . Се подготвува нешто, ново и интересно?
Сара: Јас многу се радувам и сум возбудена за тој настан, пред сѐ благодарност до Book’ House на поканата, како и на локалот Бар Oпштина и на сите што се дел од овој настан. Евергрините навистина многу ги сакам и од душа и од срце ги пеам. За мене значат многу, тој стил и звук на музика го обожувам и ќе продолжам да творам и создавам во таа насока. Покрај македонските евергрини, ќе изведам една многу драга авторска песна со наслов „Пролет”, текстот е на Блаже Конески, музиката ја пишував јас, аранжманот е на Дејан Марковски со кого соработуваме подолг период. Интересна е приказната за создавањето на песната еве на кратко: Читав стихотворби од разни автори. За прв пат наидов на „Пролет” и со самото читање истовремено ми доаѓа мелодија во главата и си велам ,ова не е возможно’ , за прв пат ми се случува ова и си реков, точно како што ми дојде мелодијата така и ќе ја запишам и така ќе остане. Имам и други мои авторски песни што не се сѐ уште издадени, но за прв пат творам врз друг текст, во случајот на Блаже Конески. Кај оваа песна не сакав да променам ништо бидејќи целиот момент на создавање беше многу силен, полн со емоција, љубов… Сè се случи одеднаш, нешто неописливо се случуваше тогаш. Се надевам дека ќе ви се допадне.
Читај бе: Кој ти е омилен македонски и странски изведувач?
Сара: Тешко ми е да одберам еден омилен, секогаш набројувам по повеќе, но еве да не должам кога веќе морам да одберам еден од нашата македонска естрада е Маја Оџаклиевска. Омилен естраден странски изведувач ми е Ела Фиџералд, а од класичната ми е Мирела Френи. Најкратко речено.
Читај бе: Колкав предизвик е оперското пеење?
Сара: Оперското пеење пред сè е многу драг и комплексен предизвик. Бара многу точност, сѐ како што е напишано во нотниот текст исто така треба да се отпее, импровизации по свое како кај естрадното пеење не се дозволени освен на некои места пасажи и сл. и тоа пак е строго, не е толку во свој слободен стил. Има правила кои треба да се почитуваат. Оперското пеење бара многу сериозност и посветеност во работата.
Кога бев средно училиште и на факултет дневно вежбав пеење околу пет часа и ми поминуваа пребрзо како еден час. Гласот е сепак орган што треба многу да го чуваме, но ако беше инструмент како што е клавирот или некој друг би вежбала уште повеќе часа. Секогаш за мене е малку вежбањето и гледам да звучи барем приближно до совршено, бидејќи одамна го прифатив тоа дека не може ништо да биде совршено, кое е сепак убаво. Токму во несовршенството е и убавината, она што нè прави посебни, и автентични на свој начин.
Читај бе: Како ја доживуваш македонската музичка сцена?
Сара: Многу сакам искреност кај луѓето па затоа и јас ќе бидам искрена во одговорот на ова прашање. Кога станува збор за сцена, секогаш со љубов и желба пристапувам. Конкретно за македонската музичка сцена мислам дека го промашив времето за создавање, дефинитивно требаше да се родам во педесеттите години.
Не знам како но, некако и внатрешно во себе го чувствувам тоа време и мислам дека било едно баш многу убаво помирно време за творење и за живот кое никогаш нема да се врати. Во моментот јас на македонската естрада не гледам некоја константна квалитетна музика. Чест на исклучоците секако дека ги има, но општо речено мислам дека други нешта се поприоритетни, на друго се дава повеќе значење и внимание, на сè друго освен на тоа што треба навистина. И не можам да разберам зошто сите меѓу себе се гледаат како конкуренција кога музиката е толку широка, има место за секого и секој може да биде добар на свој начин.Кога треба да ги спојам мојата позитивно – реална страна некако тешко ми доаѓа да кажам што би се случувало понатаму со музиката кај нас, би сакала да речам дека ќе дојдат многу поубави времиња, па ајде така нека биде, сакам и се надевам.
Голема благодарност до citaj.be и поздрав до сите читатели, секое добро.