Шеесеттото јубилејно издание на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ вечерва свечено ќе биде отворено во Прилеп со изложба, театарска претстава и доделување награди за животно дело.
Програмата започнува во 19 часот со отворање на изложбата „60 години Војдан Чернодрински – Прилеп“, хибридна поставка составена од артефакти, фотографии, постери, документи и други сведоштва од богатата фестивалска историја. Изложбата е поддржана од „Витаминка“ во рамки на заедничката прослава „70-60-50“, која ги обединува 70 години од постоењето на компанијата, 60 години од фестивалот и половина век заедничка соработка.
Поставката ќе се протега низ повеќе локации во градот – од Театарот „Војдан Чернодрински“, преку Музејот на икони, Градскиот саат и Реклами, до Центарот за култура „Марко Цепенков“.

– Со оваа изложба сакаме да им оддадеме почит на сите кои го создаваа фестивалот низ децениите. Преку фотографии, постери, документи и предмети ќе ја раскажеме неговата историја, но и ќе отвориме простор за иднината. Изложбата содржи и перформативен сегмент во кој студентите од ФДУ, под менторство на режисерката Шенај Мандак, ќе изведат перформанс инспириран од драмите на Дејан Дуковски – истакна уметничката директорка на фестивалот Ана Стојаноска.
Свеченото отворање продолжува во 20 часот во големата сала на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Пред почетокот ќе биде прикажан документарен филм посветен на фестивалот, по што на присутните ќе им се обрати претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, покровител на фестивалот, додека за отворен фестивалот ќе го прогласи министерот за култура и туризам Зоран Љутков.
Во рамки на свеченоста ќе бидат врачени и наградите за животно дело на Атила Клинче, Сашо Миленковски, Веби Ќерими и Љубомир Чадиковски.
Честа да ја отвори натпреварувачката програма ќе ја има Драмскиот театар од Скопје со претставата „Мачкина глава“ од Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски.
Годинашното јубилејно издание ќе трае до 12 јуни и ќе понуди вкупно 13 претстави – девет во официјалната и четири во придружната програма. Фестивалот се одржува под мотото „Храбриот нов театар“, а годинашната тема е „Кризата на човекот во општеството и кризата на општеството во човекот“.
На затворањето ќе настапи Белградското народно позориште со претставата „Црно злато“ во режија на Оливер Фрљиќ, работена по текст на Дејан Дуковски, кој годинава е автор во фокусот на фестивалот.
Во рамки на фестивалската програма, в недела ќе се одржи и посебен настан посветен на Дуковски, со изложба на постери од претстави создадени според неговите драми, промоција на две нови книги и разговор со авторот.
Фестивалот ќе понуди и богата дополнителна програма, меѓу која Музеј во движење, улични театарски перформанси на студентите од ФДУ, промоции на книги и Детска зона наменета за најмладите посетители.








