Автор: Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог
Некои родители ги препознаваат знаците што покажуваат на нарушување од аутистички спектар кај бебињата на возраст од 6 до 12 месеци, во зависност од симтомите и нивната сериозност. Родителите треба да обрнат внимание на тоа дали детето реагира на социјалните информации и околината.
Во текот на првата година од животот бебињата почнуваат да разговараат и да користат гестови, како што е покажувањето кон нешто, исто така бебињата почнуваат да им се смеат на своите родители и се обидуваат да комуницираат со нив. Бебињата со аутизам понекогаш не успеваат да комуницираат преку звуци или гестови и не реагираат на социјалните стимули.
Најраните знаци на аутизам се однесуваат на недостаток на однесувања кои обично се присутни – така што може да биде тешко да се забележат. Децата со аутизам понекогаш се етикетирани како ,,мирни бебиња‘‘ затоа што изгледаат смирени, независни. Но, родителот може да ги забележи знаците ако обрне доволно внимание.
Симптоми на аутизам кој можат да се јават во првата година од животот:
Детето не покажува и не држи предмети за да им покаже на другите луѓе, да сподели искуство или да покаже дека сака нешто – на пример, детето не покажува кон кучето, а потоа кон вас за да се увери дека и вие сте го виделе кучето или детето ја испушта играчката и си оди наместо да ја држи и да ве погледне вас;
Не користи контакт со очите за да привлече нечие внимание – на пример, не гледа во родителот, а потоа во чоколадото за да покаже дека сака да ја јаде;
Детето не реагира на своето име или на звукот на познат глас. Исто така детето не се насмевнува кога му се насмевнувате, не имитира движења и изрази на лицето; не користи гестови – на пример, не мавта ,,чао‘‘ без да биде побарано да го стори тоа или без да имитира некој друг што мавта; детето не го следи гестот со погледот кога покажувате кон нештата (гледа во раката, а не во предметот кон кој покажувате);
Детето не посегнува да биде подигнат во вашите раце. Не прави врева за да го привлече вашето внимание и не бара помош или други основни барања;
Детето не покажува интерес за другите деца, не си игра со другите, не споделува радост или интерес;
Детето не звучи како да ти зборува туку тоа звучи како џагор; не разбира едноставни упатства – на пример „Дај ми ја играчката“ или „Покажи ми го кучето“ и го повторува она што го слуша од другите или на ТВ – на пример, ако го прашате детето дали сака повеќе да пие, тие повторуваат „повеќе да пие“;
Детето се интересира за одредени предмети и „виси“ на нив – на пример, постојано ги вклучува и гаси светлата или само си игра со играчките. Комуницира само со играчки и други предмети на специфичен начин, наместо да ги користи за различни игри или на наведените начини. На пример, детето постојано го врти тркалото на автомобилот-играчка или ги подредува предметите во линии;
Се интересира за необични работи или активности – на пр. метални предмети или гледање одредена ТВ реклама одново и одново. Заинтересиран е ,,само‘‘ за тесно дефинирани објекти и активности кои често се изведуваат постојано (на пр. распоредување на предмети);
Детето е вознемирено од промените во рутината – работите како одење во кревет, јадење или напуштање од дома треба да се прават на ист начин секој ден. Повторува движења или прави необични движења, како што се „мафтање“ со раце или одење на прсти. Тоа реагира многу чувствително на одредени сетилни дразби – на пример, одредени звуци го возбудуваат детето или јаде само храна што има одредена конзистентност;
Бара сензорна стимулација – на пример, детето го врти лицето кон светлината и ги „мафта“ рацете пред очите за да го види треперењето на светлината;
Некои деца имаат многу од овие рани симптоми на аутизам, додека други имаат помалку. Дури и не-аутистичните деца покажуваат едно или друго однесување од горенаведените. Некои од однесувањата се менуваат со текот на времето или стануваат поексплицитни како што детето расте. Списокот на рани симптоми на аутизам не е за дијагноза! Како прво, секое дете има неколку идиосинкразии, а за друго, симптомите не ни кажуваат која е причината за однесувањето. Доцнењето на говорот може да се должи и на проблеми со слухот. Педијатарот може да ги исклучи ваквите симптоми и да ви издаде упатување до специјалист.
Аутистичните деца секако дека имаат силен сопствен емотивен живот и можат да бидат и многу чувствителни. Меѓутоа, изразите на лицето не ги покажуваат емоциите. Исто така имаат потешкотии во разбирањето на чувствата на другите и тоа често води до социјални конфликти или исклучување на детето. Спонтаноста, друштвените собири се тешки, па дури и целосно отфрлени. Многу се согледува преку сетилните органи (не толерира супстанции на кожата, мирисите се отфрлаат), контактот со очите и контактот со телото се можни само во ограничена мера или воопшто не.
Како да разговарате со аутистично дете?
На аутистите им е тешко да ги разберат двосмислените, саркастичните или ироничните зборови. Генерално е полесно да се користи што е можно помалку симплифициран јазик и со ограничен вокабулар, односно ограничен број на зборови без употрба на сложени зборови и без прошрени реченици.
Како да воспитам дете со аутизам?
Детето со аутизам мора да биде охрабрено и предизвикано. Важни теми се, на пример, изразите на лицето и гестовите, вистинскиот начин за справување со другите луѓе и манирите. Важи следново: Дури и со многу емпатија и трпение, родителите мора да очекуваат дека напредокот на детето ќе трае долго време за да се постигне одреден успех.
Како реагираат аутистичните деца на браќата и сестрите?
Тие често страдаат од чувство на изолација и се збунети, но и лути на својот ,,различен‘‘ брат или сестра и во исто време се срамат од нивниот гнев кон нивната сестра или брат. Тука многу зависи од воспитувањето и трудот на родителите.
Аутизам преку вакцинација?
Некои родители се сомневаат дека нивното дете станало аутистично само по вакцинацијата ММР (сипаници, заушки и рубеола). Сепак, тоа неколку пати беше побиено од неколку студии. Така што тоа не може да биде причината.
Дали аутизмот е наследен?
Бидејќи аутизмот може да се открие само од околу двегодишна возраст, многу засегнати родители претпоставуваат дека нивното дете претходно се развило целосно „нормално“ и дека ова нарушување дури тогаш одеднаш се развило. Сепак, се претпоставува дека мозокот на аутистите се развива различно во текот на бременоста. Значи, аутизмот е вроден.
До родителите:
Препорачувам повеќе музикотерапијата да се користи за подобрување на социјалните и комуникациските вештини кај детето, избегнувајње на гужви, бучава или силно осветлување. Исто така многу важно е трпението, односно дозволете му на детето да се навикне на новата средина. Откријте го светот заедно со детето малку побавно!
Забелешка: Авторот Сонита Фејзовска работи во Германија во Дом за деца и млади со и без посебни потреби како социјален и регхабилитациски педагог.