Пишува: Маја Богоевска

„Таканаречените ситни души се хранат, како кокошки, од ѓубриштата на туѓите животи. Тие колваат и клукаат штом ќе наидат на зрно или трошка од нашата слабост“. Душко Радовиќ

Веќе подолго време сум во недоумица дали да пишувам за овие ситни, поситни од зрно песок, души. Делувам по девизата дека секогаш квалитетното треба да се потенцира, истакнува, да се пофали, на сметка на сите импровизатори…но, едноставно, овие ситни души со енормно крупни амбиции се накотиле толку многу што стана реткост да се сретне скромен, голем по душа човек чија величина самата свети по себе. Или пак не се толку ретки, колку што малоумието е секогаш погласно од мудроста…

Со еден збор, ситните души се колатерална штета за цело општество. Зошто? Затоа што тие, за жал, не се ни ставаат самите себеси во преден план. А со кои квалитети би се ставиле… На прво место во сопствениот мизерен живот ја ставаат вашата несреќа, вашето страдање, гледајќи ја со задоволство вашата ерозија…и ако ја најдат вашата слабост, ќе направат сé само да дотурат масло на огнот, да подбуцнат секаде каде што ќе најдат простор, само да ве турнат. Зашто, ете, само на тој начин знаат да ги остварат сопствените болни амбиции. Да ве турнат надолу, за тие да се искачат нагоре.

„Останете подалеку од луѓе кои сакаат да ги омаловажат вашите амбиции. Ситните души го прават тоа постојано, а само навистина големите луѓе ви го всадуваат чувството дека и вие можете да станете големи“. Марк Твен

Затоа, внимавајте со кого ги делите вашите тајни. Вашите проблеми. Со кого ги споделувате вашите бизнис или приватни планови. Некои од нив знаат да бидат толку вешти во глумењето ваш најблизок пријател или соработник, што вие никогаш не би се посомневале во нив. Се продаваат за евтини пари, па дури и беспари, само да ви наштетат и да го задоволат сопственото его. Но, едно нешто ги издава секогаш. Киселата насмевка на нивните лица за вашите успеси. Кога некој искрено се смее, се смеат и неговите очи. А очите на ситните души, не знаат искрено да се смеат. Тоа не знаат да го изглумат. Без разлика што и да излегува од нивната уста, бездушноста во нивните очи секогаш ќе ги издаде. Научете да ги препознаете.

„Големите луѓе не ги комплицираат работите, ситните души ќе ви го комплицираат животот. Ќе ве остават да го чекате нивниот одговор, ќе ви создаваат непотребна нервоза, ќе ви постават услови кои треба да ги исполните и очекуваат да им се поклонувате до крајот на животот и да им сте благодарни за нешто што е сосема природно и човечко само по себе, нешто што би му направиле на некој друг без разлика на сè, бидејќи тоа не ве чинело ништо и не барало некоја голема жртва во вашиот живот.“ Марио Жувела

Сигурно ви се случило некој да ви го минимизира вашиот успех. Или да ве одврати од нешто. Или да ви всади чувство на неодлучност, да се обиде за момент да ви ја намали самодовербата, да ве доведе до преиспитување на вашите постапки. Ако зборувате за вашите успеси, без да ви искоментираат, веднаш преминуваат на ЈАС и потенцирање на она што тие го направиле. Зборовите како: браво, честитки, со среќа, тешко излегуваат од нивните усти. Епа, тоа се тие, драги мои, ситните души со големо его.

Српскиот писател, сатиричарот Радоје Домановиќ напишал: „Тие мали души, кои имаат големи амбиции во себе, не бираат средства; тие сакаат да бидат слушнати; тие сакаат да се видат; тие копнеат да се истакнат; тие мислат дека треба да се зборува за нив; тие сакаат јавното мислење да ги смета за големи факти“.

И? Препознавате некого?

Во реалниот живот не е толку едноставно како во виртуелниот, да се избрише или блокира некој, затоа да научиме да живееме покрај нив, не со нив. Бидете мирни, сталожени и продолжете со остварување на вашите амбиции, продолжете со вашите успеси за кои сте вложиле пот и сте проплукале крв. Не дозволувајте нивните незаслужени успеси да ви влијаат. И онака се краткотрајни и безначајни.

meblo trejd
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

БУТИН: Која е реалноста – хипокризија вклучена на шестка

Пишува: Биљана Т. Димко Социјалните мрежи сервираат филтрирана содржина која е одличен…

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Кој е навистина слободен?

Пишува: Биљана Т. Димко Време е чекор по чекор да се припојуваат…