Пишува Биљана Т. Димко
Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да ти плачи. Колкупати ги имате овие зборови изговорено за некого?
Пред да ме обесите, дозволете да се одбранам, после нека биде што ќе биде.
Го имате читано „Процес“ од Франц Кафка? Прекрасен роман за очајното општеството, очај кој е неоткинливо ткиво од високата книжевност – онаа која дава можност за препрочитување – затоа се чини напорна, ама кој ќе ја издржи до крај, само ќе си даде можност буквално да избега од калапирањето.
Скршен бардак не се лепи, а и да го залепите – ќе биде краткотрајна импровизација. Немојте да им попуштате на луѓето и немојте да очекувате дека луѓето се менуваат – напротив вие се менувате. Оние кои вистински ве сакаат, пред сѐ ве почитуваат како вредно човечко битие никогаш нема ни да помислат да ве повредат, искористат, омаловажат, изневерат, кога немаат време ве вметнуваат во секојдневните приоритети, не ве оставаат на seen, не ве посрамотуваат пред другите, ви помагаат да го издржите животниот товар, не, не ви го носат, ве храбрат да продолжите.
Никогаш не е доцна да се спротивставите и да ги искористите магичните зборови не сакам.
Кога не им попуштате или на некој начин не им помагате на луѓето околу вас, тие почнуваат буквално да размислуваат, да се будат – говорам за здрави луѓе. Единствен начин, човек да ги открие своите потенцијали за преживување е да биде оставен сам, без никого – да се снајде. Тоа е интелигенција на преживувањето и почитување на сопствениот и туѓиот труд.
Модерното родителство за жал произведува слаби генерации генерално, а тие генерации ќе бидат еден ден водачи во општеството, како што врти бројчаникот – светот ќе искрвари до смрт од неспособност.
Луѓето имаат тенденција да ги искористуваат слабостите кај другите луѓе, во случајот кај луѓето што попуштаат. Во македонската усна книжевност има фраза „мала вода“ која се користи за некој кој постајно попушта, па наликува на наивен, крајно глуп. Па после имате големи разочарувања од околината, се чувствувате изманипулирано, а всушност вие сте виновни што сте имале предебела црвена линија на толеранција.
Будно размислувајте пред да одговрите на нечие прашање или барање, не трчајте. Бидете онаму каде што сте уверени дека би помогнале без да попуштите. Има две мисли кои сакам да ги споделам: „Прави го она што е правилно, не она што е прифатливо“ од Кафка и „Премногу се дадов онаму каде што не требаше воопшто да ме има“ од Селимовиќ.