Во 1938 година првпат беше изведена драмата „Парите се отепувачка“ од Ристо Крле на сцената на скопскиот театар.
Битова драма чија тематика никако да се деактуелизира. Човекот и неговата ненаситна потреба од „да се има“.
Насловот тенденциозно ја нагласува човечката материјална провидна страна: печалбарството како хаотичен момент во минатото кој опстојува и сега само во друга попривлечна форма. Сиромаштијата која метастазира и во духовниот профил на човекот, така што, по години откако се враќа синот од печалба, сопствените родители кои го створиле не го препознаваат, му го одземаат животот и спечалените пари, очајна грозотија на изгубена надеж.
Р. Крле со „Парите се отепувачка“ од битов драмски автор со текот на времето и со маргиналното читање на времето во кое живееме, постана огледало кое на сиров и суров начин ја отслика миграцијата со која се соочува не само Македонија, туку сиот Балкан – оттуѓување од семејството, од домот, од татковината и на крај нашиот човек го губи сопствениот идентитет.
Кога прашав еден наш човек кој живее во Шведска, каков е неговиот живот таму, со оглед дека живее таму од 18 години, таму успеа да си обезбеди куќа, работа, во Македонија има летна куќа, неговиот одговор беше жален:
„Кога сум таму ме именуваат Македонец, кога сум овде ме именуваат Швеѓанец. Заминав затоа што тогаш сите заминуваа потоа се случи распадот на Југославија, така што во тоа време и добро беше што бев таму, но како што стареам сѐ повеќе срцето ме влече кон Македонија. Татко ми бил печалбар во Австралија, тогаш јас сум бил бебе, таму спечали пари за куќа – имам чувство ко некоја невидлива сила да нѐ протерува по светот ко под казна“.
Сега, кога лесно можеме да се преброиме на метар квадратен, системот е таков каков што е – бесполезен, не е ли право време да се размисли каде нѐ води иднината, животот по дефиниција е непредвидлив, едно е иселувањето да е избор, а друго е кога значи протерување на своите од своите.
Култната тетарска претстава „Парите се отепувачка“ на Народен театар Битола