Фото: Александра Костадиновска
Фото: Александра Костадиновска

Од првите звуци на виолината во Нижото музичко училиште во Битола, до создавањето на еден од највпечатливите алтернативни албуми на новата македонска сцена – патот на Атанасија Гулевска е приказна за посветеност, тишина, борба и креативна слобода.

Музичкиот проект АТА започнува како соло идеја во 2021 година, а денес прераснува во силен колектив со автентичен звук. По три години работа, експерименти и раст, АТА го објави својот деби албум „Лакримариум“ – концептуално дело кое носи длабока симболика и емотивна тежина.

Во разговор за Читај бе, Атанасија искрено зборува за процесот на создавање, инспирацијата, личните приказни зад песните и патот што допрва следи.

atanasija

Читај бе: Неодамна го промовиравте вашиот деби албум „Лакримариум“.Колку време се подготвуваше албумот и како течеше процесот – од идеја до финална верзија? Какво чувство е конечно да го споделите со публиката?

Атанасија: Албумот изоде долг пат додека концечно се вообличи, процесот траеше отприлика 3 години со мали периоди на пауза но генерално поголем дел од времето се работеше континуирано во студио. Проектов го започнав како соло проект, па некое време соработував со музичари од различни музички позадини додека проектот не оформи свое јадро во 2023година сочинето од Виктор Стојановск (тапани), Иво Николовски (бас гитара), Андреј Димовски (гитара), Раде Биковски (продуцент и тон), а последниве концерти ги работиме во соработка со Наталија Калајџиеска (клавир).

Овој албум помина низ една метаморфоза што е директен одраз на метаморфозата која ни се случуваше нам сиве овие години правејќи го албумот. Наидовме на многу препреки, но и на многу подадени раце без чија поддршка и помош овој албум не би бил она што е.

Среќни сме што раскажавме една приказна која ќе трае и возбудени да започниме следна авантура, па да раскажеме и нови сказни.

Читај бе: Насловот „Лакримариум“ е многу впечатлив. Како дојдовте до тоа име?

Атанасија: Лакримариумот носи многу прецизна симболика за приказната која ја раскажува овој албум. Се поврзува со македонските жени но и приказната за тоа како биле испраќани во војна спартанците. Но сепак неговото универзално значење како сад за чување на солзи зборува само по себе доволно прецизно.

ata studiski 8
Фото: Александра Костадиновска

Читај бе: Дали албумот има концепт што ги поврзува сите песни?

Атанасија: Овa е концептуален албум низ кој се раскажува една повеќеслојна приказна. Не би навлегувала детално во образложение зашто се држам до ставот дека делото креативно го заогружува слушателот, можеби во некоја следна прилика 🙂

ata studiski 6

Читај бе: Текстовите на песните се твои. Од каде најчесто доаѓа инспирацијата за нив, колку лични се приказните што ги носат песните?

Атанасија: Најчесто се лични, но и на луѓето околу мене. Ова не значи дека се дословно документирани и пресликани приказни од реалноста, но се можеби едно емоционално восприемање и екстензија на материјалната реалност. Силно верувам во улогата на човекот како писател на сопствениот живот, умешниот писател може и најтемната ноќ и најтешките битки да ги испише во светлина. Најголем дел од она што ни го носи животот не е во наши раце, но во наши раце е пенкалото со кое раскажуваме што ни донел животот, и наша е приказната за борбата, во борбата се раѓа личноста, доколку не постои борба не може да има рожба. Во природата на човекот е да биде кокреатор да учествува во доградување на овој свет, и поривот за творештво е еден од најдлабоките најблагородните кај човека.

ata studiski
Фото: Наталија Димчовска

Читај бе: Ако треба со неколку зборови да го опишете „Лакримариум“, како би звучело тоа?

Атанасија: Можеби : Приказна на едно јато албатроси кое прелетува над океан од солзи 🙂

ata studiski 5 e1775421745651
Фото: Александра Костадиновска

Читај бе: Што мислите дека го прави звукот на АТА препознатлив?

Атанасија: Ух… веројатно јас не сум човекот кој може да даде објективен одговор на ова прашање. Мислам дека сите кои работеа на снимање на проектов креативно вложија дел од себеси, доста преживеавме заедно во меѓувреме, можам да кажам и дека самата продукција и работата со Раде и слободата со која сите пристапувавме кон песните, не ставаќи си некакви ограничувања во однос на исходот допринесе албумов да звучи навистина автентично.

Тргнавме со приказна и со идеја, не со веќе оформена визија, албумот се работеше доста долг период што дозволи песните органски и без некаков притисок да се развиваат во она што се, а не она во што ние мислиме дека треба да бидат. Секогаш пристапувавме со мислата што бара песнава од нас а не обратно, и сметам дека за нас тоа е принципот кој секогаш ќе функционира. Ние можеме само да посадиме семче и да му ја храниме почвата, да го наводнуваме, да го поставиме на сонце и да бидеме трпеливи, а тоа само ќе си процвета на пролет и ги ги даде своите плодови.

Читај бе: Кога за првпат почувствува дека музиката ќе биде важен дел од твојот живот? Каков беше вашиот прв контакт со музиката?

Атанасија: Музиката отсекогаш имала значаен дел во мојот живот, не можам да се сетам на период во животот каде не била присутна, и можам со сигурност да кажам дека е еднственото нешто што Бог ми го поклонил како константа во животот (буквално). Спас, засолниште,слобода: отворено море, широко небо, утеха, храброст, светла ѕвезда во најтемната ноќ… секогаш била присутна. 

Уште од малечка сум опкружена со музика најголем дел поради татко ми кој е исто така музичар и подоцна имаше доста големо влијание конкретно врз мојот музички вкус, односно од него добив едно општо музичко образование каде се запознав со музика од најразлични различни музички жанрови. 

На 6 години го имав првиот допир со инструмент што беше виолината (мојата прва љубов) 🙂 во Нижото музичко училиште во Битола каде и го завршив моето формално 8 годишно музичко образование на моја среќа во класата на професот Ванчо Стоилков, прекрасен професор и човек и мојата најголема поддршка во тој период.

Читај бе: Се сеќаваш ли на првиот настап пред публика? Какво искуство беше тоа?

Атанасија: Искрено не се сеќавам баш на првиот настап, веројатно бил еден од домашните концерти кои им ги приредував на моите дома хахах, а првите настапи на концерти во музичко ми беа колку возбудливи толку и страшни, од малечка имам некоја перфекционистичка нишка која можам да кажам дека сега веќе сум ја надминала. Убаво чувство е, незаменливо, секој нов концерт е како прв, а на некој начин и е 🙂

Читај бе: Кој најмногу ве поддржуваше во музичките почетоци?

Атанасија: Генерално би ги издвоила Ѓорѓи од 103ка, Виктор Танасковски и Ива Дамјановски, Владица Младеновски – Грга како најголема поддршка на почетокот  иако доста луѓе ни излегоа во пресрет уште од самиот почеток, секој на свој начин во поддршка.

Читај бе: Дали постои музичар или бенд кој силно влијаел врз твојот музички стил?

Атанасија: Дефинитивно, но не е еден, ги има многу….во времето кога го почнав проектов 2021 год. Голeмо влијание имаа Лиз Фрејзер, Нина Симон, Јанг Годс, Бјорк, ПЏ Харви, Елиот Смит, Питер Габриел, Дејвид Силвијан, Радиохед, XTC, Boye,….. и уште тон други но периодот конкретно тие. Исто така доста од новата музика која излезе од македонската сцена околу тој период и нешто порано, Стринг Форсес, Кристина Горовска со Бернис Пропаганда, Плустои, Светлост, Милко, првите албуми на Фанк Шуи, Мазно ама не е, Сашко Костов, Кантон на ПМГ, Телемама, Алембик, не можам ни да се сетам што се не слушав тој период веројатно буквално се што постоеше на македоснката алтернативна сцена исто и нешто македонска изворна музика. Доколку треба да издвојам, како најголемо влјание би ги издвоила Лиз Фрејзер, Кристина Горовска, Дејвид Силвијан, што се однесува на вокален израз ненадминати се Вања Лазарова, Мирвет Белоска, Костадинка Палазова… 

ata promocija 3
Фото: Филип Ѓорески


Читај бе: Како се развиваше твојот вокален израз низ годините?

Атанасија: Поголем дел од музичкото патешествие ми беше инструментално поддржано од вокал, некако не ми се допаѓаше како ми звучи гласот, но како поминуваше време чувствував сѐ поголема потреба да го користам и најпосле да се потпрам на него како матичен инструмент. Како стекнував искуство доста ја променив перспективата во тој поглед, и кога почнав со компонирање на музика гласот го перцепирав како изразно сретство и не обрнував толку многу внимание дали звучи совршено туку дали е дволно добро да ја пренесе приказната и емоцијата. Подоцна, пред две-три години кога почнав формално да изучувам византиска музика во школата на проф. Ристо Солунчев почнав да гледам на гласот како на инструмент кој може да се усовршува и трансформира доколку човек е доволно посветен. Од огромно значење ми беше и искуството со академскиот хор при УКИМ „Мирче Ацев“ под водство на маестра Јасмина Каро.

Сфаќам дека допрва почнува авантурата за мојот вокал, и стварно сметам дека човек не може и не треба да се ослони само на талентот туку треба да работи напорно и посветено да го умножи.

614568058 18015061688812893 7876836760731962099 n 1
Фото: Александра Костадиновска

Читај бе: Која е Атанасија приватно и што прави кога не се занимава со музика?

Атанасија: Да бидам искрена сум прилично досаден човек, одам на работа понеделник до петок а останатото време е посветено на музка нема нешто специфично измеѓу двете, обично во автобус уз пат често читам македонска поезија или детски приказни од македонски автори🙂, пријатели, семејство… тоа е тоа

Читај бе: Како би ги охрабрила младите луѓе кои сонуваат да се занимаваат со музика?

Атанасија: Би им кажала само да почнат. Да почнат со она што го имаат, да не размислуваат премногу нанапред и да не размислуваат што можат да добијат од музиката туку што можат да дадат на музиката. Сметам дека секој дар од Бога треба да се умножува складно на нашите можности и дека секој што има дар има и должност достоинствено да служи. Уметниците се оние кои треба да раскажуваат за невидливото да му дадат некаква форма на она што разумот не може да го дофати но е еднакво реално (кога сме веќе кај невидливото, би препорачала на секој што сака да се бави со вистинска уметност да не влегува во тие води без соодветн духовна котва, ова е пресудно).

Фокус, дисциплина и доседност.

Не многу шаркање со очите кој правел како правел, посветеноста и погледот да бидат управени кон она што им е нив дадено да го створат.

Да се поддржуваат едни со други, а натпреварувачкиот дух да биде присутен само на креативното поле, на музиката и треба заедница, не самица без прозор.

ata promocija
Фото: Зденко Петровски

Читај бе: Што следува по „Лакримариум“ – нови песни, спотови или можеби турнеја?

Атанасија: Ух, во моментов би најавила само дека се планирани неколку концерти оваа пролет, а и дека јатото се спрема да слета и на битолско тло после година дена. Со нетрпение ја очекуваме нашата следна средба!

(Фотографии на Зденко Петровски, Филип Ѓорески и Александра Костадиновска)

Вечерва започнува Jazz Factory Festival 2026 во Битола
Битола вечерва ќе пулсира во ритамот на џезот со свеченото отворање на …
Како неспособните ги преценуваат сопствените способности – Данинг-Кругеров ефект
Во животот неизбежно сте сретнале барем една ваква личност – тој тврди …
meblo trejd

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

ChatGPT: како да го користите виралниот чат-бот со вештачка интелигенција за кој сите зборуваат – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола Неминовно, иднината што доаѓа е…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Самото читање на „Пролет” од Блаже Конески ја створи мелодијата за песната – интервју со Сара Петровска

Сара Петровска е дипломирана оперска пејачка. Родена 1997 година, во Битола, каде…