Задушниците се посебни денови одредени од црквата за спомен на покојните. Тоа се саботи посветени на сеќавање и молитвен спомен за покојните, кога им се оддава должна почит на починатите членови на семејствата. Меѓутоа, покрај овие редовни саботни молитвени денови, Црквата одредила посебни денови во текот на Црковната година, кои се нарекуваат спомен-денови.
Сега ја имаме Духовденската задушница и таа сегогаш се извршува во саботата пред празникот Педесетница – Духовден.
Покојните кога ќе го завршат овоземниот живот повеќе не можат да се молат за себе. Токму затоа ние живите можеме да се молиме за покојните. Тоа е одраз на нашата љубов спрема нашите ближни каде и покрај тоа што не се тука ние си спомнуваме за нив. Затоа што молитвата е таа што го спушта Бог на земјата, браќа и сестри. Молитвата е она што не носи во рајот. И затоа во Светото Писмо се вели: Бог не е Бог на мртвите, туку на живите, бидејќи во Него сите се живи. Затоа светата православна црква цврсто верува во оваа непобитна вистина, дека животот не се прекинува со смрт. Иако телото, како што гледаме секој ден, кога присуствуваме на погреби, е од земја и во земја се враќа, гледаме во таа прекрасна молитва на погреби „Ти си земја и на земја ќе одиш“.
Но, оние кои умреа во Христа, со вера во Христа ќе воскреснат. Затоа, ако нашата вера не е вера во задгробниот живот, тогаш нашата вера е непотребна во овој живот, што ќе ми направи верата во овие педесет или сто години, ако сè заврши овде? Но, нашата вера во Бога е во задгробниот живот, затоа на крајот од Симболот на верата читаме: „Го чекам воскресението на мртвите и животот на идниот век“. Овој живот овде ни е даден за доброволно да одиме по патот на Бога и да бидиме во заедница со Него. Да ја поправиме грешката на Адам и да му угодиме на Бога. И затоа сè зависи од нас од нашиот спас, од тоа каков ни бил животот овде. Дали навистина ја исповедавме Христовата вера, дали живеевме според таа вера. Дали навистина веруваме дека Бог постои, ако веруваме дека Бог постои, ако Бог е вечен, тогаш и човекот е вечен. Треба да веруваме дека постои и овој вечен живот. Но, ние умираме, поминуваме, смртта на христијанинот е премин од смрт во живот, ние умираме, но со смртта не смее да заврши заедницата со нашите мртви. Не може да има прекин меѓу живите и мртвите, тоа не се случува за верниците, туку продолжува преку нашата вера, преку нашите молитви, спомнувањето. Пред сè, тој однос меѓу живите и мртвите е литургискиот однос.
Што е потребно да се донесе за помен на покојните:
- Пченица
- Литургија
- Вино црвено
- Свеќа
- Список со имиња на покојни
Црвеното вино, кое свештеникот го истура врз пченицата, ја означува Божјата милост, која ги лекува раните од гревот.
Свеќата е симбол на Христовата светлина. Христос рече: „Јас сум светлината на светот“. Таа светлина треба да не потсетува на светлината со која Христос ги осветлува душите на упокоените. Свеќата е мала жртва на Бога, кој се жртвувал за нас.
ВАЖНО! За оваа задушница се прават помени и се посетуваат гробовите во петокот и саботата. Во Недела НЕ СЕ ОДИ НА ГРОБИШТА. Затоа ги имавме претходните 2 дена за спомен на покојните, додека пак неделата е празникот Духовден каде треба да бидеме во Црква и да се молиме заедно да слезе Светиот дух над нас како што слегол врз апостолите.
Кој ќе оди во недела и понеделник на гробишта не Му угодува на Бога. Бог да ги прости покојните и да ги насели во пределите на праведниците!
автор на текстот: Протоереј Крсте Тасески , Буковска епархија