Пред бројната публика во македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, вчеравечер се одржа извонреден концерт на Триото „Интерарт“ од Битола.
Со својот врвен уметнички настап, музичарите ја воодушевија присутната публика и беа наградени со долготрајни и искрени аплаузи, уживајќи во вечер исполнета со врвна интерпретација, техничка прецизност и исклучителна музичка зрелост.

Флејтистите Емилија Ристевска Стефановска и Александар Стефановски, заедно со пијанистката Татјана Божиновска, преку својот уметнички израз, богатото концертно искуство и беспрекорната изведба, приредија музичка вечер исполнета со виртуозност, префинетост и исклучителна сценска енергија.

Со овој настап уште еднаш се потврди високото место што Триото „Интерарт“ го зазема на македонската и меѓународната музичка сцена.На почетокот на концертот присутните ги поздрави директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска. Таа истакна дека е од особено значење што овој концерт е дел од годишната програма на институцијата, која претставува важен мост на пријателство, културен дијалог и соработка меѓу Македонија и Хрватска.

„Особена чест ми е што вечерва го најавувам концертот на триото ‘Интерарт’, составен од уметници со богата меѓународна кариера и исклучителен придонес во афирмацијата на македонската музичка култура. Уверена сум дека публиката ќе има ретка можност да ужива во едно незаборавно музичко доживување. Преку нашата програма континуирано работиме на промовирање на македонската култура, јазик и уметност, создавајќи простор за меѓусебно запознавање, почитување и поврзување меѓу нашите две пријателски земји“, истакна Ѓоргоска Илиевска.

Настанот беше реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам, во рамките на годишната програма на КИЦ во Загреб, кој континуирано работи на промоција на македонското творештво и на јакнење на културните врски меѓу Македонија и Хрватска.









