ivan

Разговараше: Сара Танаскоска

За некого, професијата е одлука што се носи со текот на годините. За Иван Јовановски, желбата да стане доктор по ветеринарна медицина постои уште од детството. Додека бил мал, на прашањето што сака да биде кога ќе порасне, одговорот секогаш бил ист – ветеринар. Денес, години подоцна, тој е студент на Ветеринарниот факултет во Битола и чекори кон остварување на детската желба.

Но, ветеринарната медицина е многу повеќе од љубов кон животните. Таа носи голема одговорност, долгогодишно учење и работа која често е далеку од сликата за „слатките крзнени пациенти“. Иван зборува и за одговорноста што ја носи сопствеништвото на домашен миленик, проблемот со напуштените животни и уличните кучиња, но и за тоа што навистина значи да се биде ветеринарен доктор.

1000041065

Во разговорот за Читај БЕ, Иван открива зошто уште од најмала возраст ја избрал оваа професија, што најмногу го привлекува во ветеринарната медицина и зошто љубовта кон животните, иако важна, не е доволна за да станеш добар ветеринар.

Читај бе: Иван што те натера да се запишеш на Факултетот за ветеринарна медицина и кога сфати дека токму оваа професија со која сакаш да се занимаваш?

Иван: Кога станува збор за донесување на одлуката јас да студирам ветеринарна медицина морам првенствено да напоменам дека од никого не бев натеран ниту пак тоа ми беше наметнато. Љубовта кон животните прерасна во природна желба еден ден да завршам како доктор по ветеринарна медицина. Кога би разговарале со мои познаници кои што ме познаваат уште од најмала возраст верувам дека ќе ви кажат дека кога сум го добивал прашањето ( што сакаш да бидеш еден ден ) јас сум одговарал ветеринар. Мислам дека тоа зборува од кога датира таа љубов кон ветеринарната медицина. Со самото созревање истата желба беше сé поголема, па така денес сум студент на Ветеринарниот Факултет во Битола. Но секако мојата најголема желба еден ден пред моето име и презиме да стои скратенката д-р вет.мед Иван Јовановски. 

1000041071

Читај бе: Многу луѓе ветеринарот го поврзуваат само со лекување на животни. Што всушност значи да се биде ветеринар?

Иван: За жал можам слободно да кажам дека огромен процент од населението се водат според размислувањето дека докторот по ветеринарна медицина е единствено доктор за животните. Но сепак ветеринарната медицина има многу големо значење. Да бидеш доктор по ветеринарна медицина означува да ракуваш со здравјето на оние суштества кои што комуницираат на различен начин од нас луѓето. На јазик кои што го разбираат само оние кои што имаат поврзаност со животните. Докторот по ветеринарна медицина е клучен и во здравјето на општеството, знам дека звучи чудно и фрустрирачки, но верувајте дека докторите по ветеринарна медицина одлучуваат која храна од анимално потекло ќе биде одобрена за конзумација. 

1000041068

Читај бе: Колку е важна одговорноста на сопственикот кога одлучува да чува миленик?

Иван: Веќе се префрлуваме во една друга насока, но морам да кажам дека ова е и тоа како битно да се разговара. Сметам дека на оваа тема се зборува, но не на правилен начин. Чувањето на домашен миленик претставува 10 пати поголема одговорност од она што луѓето сметаат дека е одговорност. Домашниот миленик е првенствено член од семејството но и член на кој што му е потребно буквално потполна посветеност. Мојата мисла вели дека за да чуваш домашен миленик мора да бидеш психички, физички и финансиски спремен. Бидејќи тоа не е само миленик кој што бара неколку оброци во текот на денот, прошетки за да се раздвиже и да ги заврши своите физиолошки потреби и по некоја посета на ветеринар. Тоа е суштество кое што првенствено бара правилна комуникација, запознавање на карактер, градење на заедничка рутина, период на адаптација, претходно запознавање со расата и тн… Домашниот миленик од нас не очекува да конзумира лосос уловен во Америка, шарени чорапчиња и чинија изработена од чисто сребро туку бара посветеност. Кога еден сопственик ќе го овозможи најважното тогаш сме постигнале здрав однос со миленикот. 

1000041062

Читај бе: Денес сé почесто гледаме напуштени мачки и кучиња. Што се случува со едно животно кога оддеднаш ќе остане без својот сопственик и дом?

Иван: Уличните кучиња се оглед на општеството во една држава. Тоа што денес се случува е оглед на реалната слика колку е ниска совеста на населението во Република Македонија. Домашниот миленик е обврска изразена во години. Години кои што некогаш знаат да бидат и над 15. Тоа е сериозно донесување на одлуката дека ќе се посветиш на нечиј живот во наредните 5-10-15-20 години. Кога едно животно завршува на улица првенствено бројката на популацијата на бездомни миленици во Македонија скока за уште една бројка погоре. Но на прашањето што се случува со самото животно со еден збор би одговорил е ХАОС. Хаос бидејќи тоа е исто како ние да се пробудиме во друга држава, со различна временска зона, различен менталитет, луѓе што ќе не гледаат чудно и ќе вперуваат со прстот во нас, нема да не прифатат, ќе не линчуваат и ќе бидеме секојдневно изложени под ризик. Тоа е момент каде што животното доловува неопишлив стрес, дезориентираност, изгладнување, исцрпеност, пореметување на рутината и тн… Но за да се свати таков момент пробајте само еден ден да живеете сосема поразлично. Односно да се пробудите во непозната средина, без можност за лична хигиена, без храна и вода, во чевли што ќе ви бидат тесни и болни и без соодветна гардероба. Напуштањето на миленикот не е само напуштање туку и автоматско загрозување на неговиот живот.

Читај бе: Кои се најчестите последици од напуштањето на милениците не само за самото животно, туку и за заедницата?

Иван: Последицата не е исфрлениот домашен миленик туку овозможувањето на истиот чин. Кога нештото ќе се овозможи да се практикува во континуитет е доцна да се размислува за последиците. Но сепак ако треба да кажам некои последици што ги сносуваат милениците кои што се исфрлени нешто што би издвоил е загрозување на нивното здравје со заразување од заразни болести. Заразните болести во голема мера главните преносители се паразитите ( комарци, крлежи, болви, песочни мушички и тн ). За жал постојат заразни болести од кои што можат да бидат заразени и луѓето без претходно да имале контакт со заразено куче/маче. Доволно е само еден убод од заразен преносител.

Читај бе: Дали според тебе луѓето доволно размислуваат пред да земат домашен миленик или често одлуката ја носат импулсивно?

Иван: За жал често таа одлука е донесена импулсивно. Односно од денес за денес или од денес за неколку дена/недели. Одлуката може да ја имаш претходно донесено многу одамна но многу е битно навремено да се запознаеш со сето она што те следува од моментот кога официјално ќе станете сопственик на миленик. Денес за жал имаме прилика да гледаме различни огласи за продажба на ,,расни” кучиња, мачиња, папагали, зајаци и тн. Слатки животинчиња фотографирани на убава софа, со лесно примамлив текст и воедно поставена ниска цена е клучно за некој да подлегне на таква објава. Белото крзното, хипоалергената мачка , смачканото носе денес е доволно за лесно да помине продажбата на едно животно. Но сакам да нагласам дека најчесто таквите огласи и таквите лица за жал не секогаш ќе ви дадат правилна документација за животното што ќе ти го продадат. Односно, можеби и никогаш нема да ја дознаете генетиката на таа единка, кои се неговите предци и дали со себе носи некакви генетски предиспозиции. Секогаш апелирам кога се носи одлуката за купување на домашен миленик претходно идниот сопственик добро да се запознае со генетиката на самото животно. Бидејќи во голем процент купувањето на животно за ниска сума подоцна знае да носи високи финансиски трошоци. 

Читај бе: Што би им кажал на луѓето кои земаат милениче како подарок, без притоа да размислат дали лицето навистина има услови и желба да се грижи за него?

Иван: Моментот на подарување на куче/маче па што и друго да е како поклон за роденден, во љубовна врска или свадба е погрешно кога не знаете дали идните сопственици се потполно спремни на таков предизвик. Можеби единствено признавам кога претходно сте зборувале со личноста на која што сакате да и подарите животно на таа тема па веќе го имате финалниот одговор дека личноста е спремна за таква обврска! 

Читај бе: Како студент по ветеринарна медицина, што најмногу те изненади откако започна да се занимаваш подлабоко со професијата?

Иван: Ветеринарната медицина е секогаш авантуристичка, предизвикувачка и борбена. Односно јас секогаш велам со еден збор тоа е МОНТ ЕВЕРЕСТ. Понекогаш си високо на врвот, а веќе следниот момент можеш да паднеш од онаму каде што си започнал. Секогаш постојат ситуации од кои што си изненаден и учиш нешто ново. Но дефинитивно ако треба нешто да издвојам тоа е нивната физиологија. Начинот на кој што функционира нивното тело и како е се совршено подредено. Многу е интересно што луѓето многу често не знаат колку луѓето и животните имаат сличности и дека и животните страдаат од идентични болести како и луѓето. Но сепак јас не ги обвинувам за тоа бидејќи на крајот од денот затоа сме овде ние, идните доктори по ветеринарна медицина како би одговирле на прашањата кои што ги засегаат луѓето.

1000041074

Читај бе: Што би им порачал на средношколците кои сакаат да работат со животни, но се уште се двоумаат дали ветеринарната медицина е вистинскиот избор за нив?

Иван: Се надевам дека ова нема да звучи разочарувачки, но љубовта кон животните не е клучна и најважна во ветеринарната медицина. Многу често луѓето ветеринарната медицина ја поврзуваат со галење и дружба со слатки крзнени пациенти, но тоа во пракса и не е баш така. Секојдневието на еден ветеринарен доктор знае да биде смирено, бурно и борбено. Затоа е потребно и да бидеш лесно адаптибилен на предизвиците кои што ти доаѓаат.  Првенствено е многу битно да знаат што најмногу ги исполнува и што е она кое што навистина ќе им лачи серотонин. Ветеринарната медицина е навистина професија која што бара голема посветеност. Доктор по ветеринарна медицина не се станува преку ноќ и само со завршен факултет, секако со завршен факултет веќе си лиценциран доктор по ветеринарна медицина но сето она што стои позади успешен ветеринарен доктор се години и години учење, надоградување на знаењето, непроспиени ноќи, различни искуства и повторување на сето ова претходно. Сепак најбитно е да постои желба за личноста да ја носи оваа титула еден ден.

Читај бе: Зошто би им препорачал на младите кои сакаат животни да го изберат токму Факултетот за ветеринарна медицина во Битола?

Иван:  Кога веќе ги поминавме сите површински и подлабоки прашања сепак на крајот доаѓа и прашањето ,,во кој град да се запишам на факултет”. Кај мене немаше искрено големо двоумење. Јас завршив и средно земјоделско ветеринарно училиште на смерот техничар по ветеринарна медицина со што после тоа останав во Битола и се запишав на Ветеринарниот Фалултет. Битола за мене од секогаш имала посебно место во моето срце. Битола е исполнета со различни истории. Од локациски познати места до познати лица од историјата кои што твореле во Битола. Но сепак Битола спаѓа во Пелагонискиот регион и тоа означува и дека е регион на земјоделието и сточарството. Има капацитет за одгледување на многу земјоделски култури но и на многу сточни грла. Со самото ова означува дека Ветеринарниот Факултет располага со можности за пракса која што ја нуди на студентите и искуството со работа на терен.

Шипка – есенската црвена витаминска бомба
Со доаѓањето на есента, по ридовите и планините се појавува црвениот плод …
Какви деца воспитуваме?
Книжарница. Влегува мајка со малечко девојче. Мајката дотерана, по сите прописи, со …
You May Also Like

ChatGPT: како да го користите виралниот чат-бот со вештачка интелигенција за кој сите зборуваат – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола Неминовно, иднината што доаѓа е…

„Македонската народна музика е најубава на цел свет“ – портрет на младиот гајдаџија Огнен Радуловиќ

Огнен Радуловиќ има 13 години, учи во седмо одделение во ООУ „Крсте…

Самото читање на „Пролет” од Блаже Конески ја створи мелодијата за песната – интервју со Сара Петровска

Сара Петровска е дипломирана оперска пејачка. Родена 1997 година, во Битола, каде…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…