Разговараше: Сара Танаскоска
Некои пораки се раѓаат од желбата да се промени нешто, а некои од болката што со текот на времето се претвора во сила, поддршка и надеж за другите. „Check Your Boobs“ е токму таква порака – започната од д-р Марија Бунда Калпак, која и самата се соочи со ракот на дојка на само 28 години, а денес продолжува да живее преку иницијативата на нејзиното семејство.
Во разговор со д-р Соња Јованоска, радиолог со долгогодишно искуство и мајка на Марија, зборуваме за важноста на раното откривање на ракот на дојка, причините поради кои жените ги одложуваат превентивните прегледи и предизвиците со кои се соочуваат при пристапот до навремена дијагностика. Но, ова е и разговор за нешто многу полично – за продолжувањето на една мисија, за грижата за сопственото здравје и за тоа како една лична приказна може да поттикне други жени да направат преглед што можеби ќе им го спаси животот.
Зашто зад секој преглед стои можноста за навремена реакција, а зад секоја споделена приказна – можноста некој да се препознае, да се охрабри и да не го одложува сопственото здравје. „Провери си ги градите“ не е само слоган. Тоа е потсетник дека грижата за себе започнува со грижата за сопственото здравје.

Читај бе: Која е д-р Соња?
Соња: Искрено кога ме прашавте за интервјуто мислев дека темата ќе биде розовиот октомви, месецот за подигнување на свесноста за ракот на дојка, значењето на неговата раната детекција и поддршката на сите кои се соочуваат или се соочиле со него, како и активностите на нашето здружение Марија – Провери се.
Но кога веќе ме прашувате само би рекла јас сум човек, како и сите други, кои го живеат животот правејќи го секогаш најдоброто што го знаат и умеат. Инаку прилепчанка по потекло се до студентските денови кои ги поминав во Скопје. По завршувањето на факултетот поголемиот дел од времето го поминав во Прилеп, но при тоа работејќи во повеќе градови низ Македониј, а последните 12 год во Англија се до нашето конечно враќање во Македонија, во Април оваа година.
Како многу жени на 60 годишна возраст јас сум сопруга, мајка, нана (баба по кумановски, по мојата мајка), другар, пријател и професионалец но животот ме научи да бидам и борец.


Читај бе: Би сакала да започнеме со Вашиот професионален пат. Што Ве привлече кон радиологијата и како се развиваше Вашата кариера?
Соња: Што ме привлече кон радиологијата? Многу интересно прашање. Пред едно добри 24 год колегата др Милан Сапунџиоски, тогашен раководител на Одделението за Радиодијагностика во Прилеп, кој воедно ме познаваше од најмали нозе преку пинг понгот, ме праша: Соња а зошто не почнеш специјализација по Рендген и не ни се придружиш затоа што те знам и како колешка но и знам дека сакаш и те бидува со техника?
Како општ лекар со повеќе од 11 години искуство во медицинскиот центар, уредот како што во тоа време се викаше, на село и последните 6 години во брза помош, а и началник на службата, секогаш ми беше предизвик кога пациентите се вратат со рендген снимка прво јас да ја анализирам и видам што ќе видам а потоа да го прочитам наодот.
И така почна мојата Радиолошка приказна.

По завршувањето на 4 годишната специјализација и неколкуте месечни престои во главната болница во Салзбург Австрија, каде го имав и првиот тренинг за дијагностика на дојка, работев во Одделението за Радиодијагностика во Прилеп а потоа во Дијагностичкиот Центар во Кравари, Битола, кратко време во Неуромедика и последните, повеќе од 10 год во Англија. Во моментов работам телерадиологија за болниците во Англија но често ми се обраќаат и за второ мислење на веќе направени прегледи кај нас.
Со еден збор заљубена сум во радиологијата и ако имам можност повторно да бирам, повторно би ја избрала.
Читај бе: Колку е важна радиологијата во раното откривање на ракот на дојка и што треба да знаат жените за можностите што ги нуди современата дијагностика?
Соња: Би потенцирала само тоа дека без радиологијата нема чекор напред како во раното откривање така и во докажувањето на ракот на дојка.

Го велам тоа затоа што скринингот преку мамографијата го открива карциномот и тогаш кога нема симптоми, кај навидум здрави индивидуи. Кога има симптоми пак, прегледите ја карактеризираат природата на промената и доколку се работи или постои сомнеж за карцином се зема биопсија. Во случај да нема видлива промена на стандардните прегледи, ЕХО и мамографија, тогаш местото на симптомите се доиспитува со пософистицирани прегледи како магнетна резонанца на дојка, томосинтеза или контрастно појачана мамографија и или со земање на биопсија која понатаму патологот ја анализира и го докажува карциномот.
Во денешно време кога има голем избор на тераписки можности како и персонализиран, индивидуализиран пристап во лекувањето, не може да се замисли почеток на лекувањето додека карциномот не се докаже со радиолошките методи и со земање на биопсија, примерок од ткивото. Дури откако, врз база на радиолошките испитувања и патохистолошката анализа, ќе се докаже карциномот, како и неговата природа и проширеност хирургот и онкологот од тимот можат да го планираат најсоодветниот третман за пациентот. Веќе не постои еден пристап за сите и затоа радиологијата и радиологот во сета оваа приказна ја има улогата на детектив. Јас често велам дека ние радиолозите сме очите на клиничарите, гледаме и докажуваме што се случува во човековото тело.
Читај бе: Од Вашето професионално искуство, кои се најчестите причини поради кои жените ги одложуваат превентивните прегледи и кога е важно да побараат лекарска помош?
Соња: Како секогаш не постои само една причина. Една од причините секако сме самите ние. Понесени од динамиката на животот прво забораваме на себеси и на нашето здравје или си велиме не осеќам ништо, зошто да одам на преглед или да се зрачам. Некои ја гледаат мамографијата како нешто болно или ги поврзуваат симптомите и промените со бременоста, доењето, циклусите или менопаузата а кај некои преовладува стравот од тоа што ако се открие нешто.
Во втората група на причини би го ставила здравствениот систем со сите слабости во организираноста на скрининг програмата или достапноста на симптоматските прегледи преку системот Мој Термин. Исто така слабост на системот е непостоење на добро организирани Центри или Кабинети за Дојка каде покрај рендгенолози ќе има и специјализирани хирурзи и тим на сестри за дојка.
И како трета причина би ја ставила цената на прегледите и сите потребни доиспитувања во приватните институции.
И покрај сите слабости и ограничувања сепак на крај одговорноста останува наша, лична да правиме самопреглед, да започнеме со превентивни прегледи на време и да побараме лекарска помош секогаш кога ќе забележиме промена се додека не се докаже дека истата е доброчудна или дефинитивно се потврди дека нема сериозна причина.
Читај бе: Која е разликата меѓу самопрегледот на дојките, ултразвукот и мамографијата и како жените можат да дознаат која метода е соодветна за нив?
Соња: Самопрегледот, како што кажува и самиот збор, е преглед кој го правиме самите ние еднаш месечно 3 до 7 дена по завршувањето на циклусот или на ист датум, кој лесно го памтиме, секој месец доколку повеќе немаме циклуси. Тоа е едноставна техника, која лесно се учи како визуелно а потоа и со јагодиците на четирите прсти да ги провериме дојките и регијата околу истите вклучувајќи ги и пазувите.


Ултразвукот или ЕХОто на дојки и мамографијата се основни радиолошки методи на преглед.
Ултразвукот користи ултразвучни бранови кои не се штетни и затоа може да се користи и да се повторува од најрана возраст додека мамографијата користи рендген зраци и затоа има поограничена употреба.
Со мамографија стандардно се почнува од 40тата година и затоа скрининг програмите ја опфаќаат возраста 40-70(74) години, кога е и најголем ризикот од рак на дојка, и најчесто се повторува на 2 год (Англија на 3, Америка на 1 или 2). Мамографиите не е препорачливо да се повторуваат ако предходната била направена порано од 6 месеци но секако доколку се работи или постои сомнеж за канцер, бенефитот го надвладува ризикот, и истите се повторуваат или се прават и кај помлади од 40 години. Исто кај високо ризичните групи за канцер на дојка се почнува од 25 или 30 год со скрининг на 1 или 2 год (доколку МРИ на дојка се прави годишно).
ЕХОто и мамографијата, како и сите радиолошки методи, имаат свои предности и слабости и затоа по потреба и индикација се комбинираат, а за тоа одлучува рендгенологот.
Едноставно кажано пред 40та година преглед на избор за дојките е ЕХОто а по 40тата мамографијата и ЕХО имајќи ги во предвид горенаведените исклучоци и препораки за мамографијата. Дополнителните, пософистицирани прегледи, и биопсиите се прават по потреба и по одлука на рендгенологот.
Читај бе: Како се поврзавте со иницијативата „Check Your Boobs“ и што Ве мотивираше да станете дел од неа?
Соња: Искренo, можам да кажам дека, ова е најтешкиот момент од ова интервју за мене затоа што сега не зборувам само како професионалец, туку зборувам и како мајка. Со иницијативата едноставно ме поврза животот.

Всушност „Check Your Boobs“ е наша, иницијатива на нашето семејство, како желба да продолжиме од таму каде што застана нашата ќерка. Марија беше само 28 години, сопруга, мајка на 2 деца и докторка кога се откри ракот на дојката. Соочувајки се со се што значи истиот Марија несебично ја сподели својата приказна со цел да потсети, да мотивира а и да охрабри, да ги охрабри сите кои поминуваа низ истиот пат. Во една прилика објави:
“Упс, канцер на 28 години. Не мислев дека тоа мене ќе ми се случи….. Ако мојата приказна ги поттикне жените на било која возраст да прават редовни прегледи, ќе сметам дека сум ја постигнала целта.“
По 3 години, Марија замина прерано но како што неодамна рече Ивона, нејзината сестра, нашата помлада ќерка и председател на здружението “Нејзината борба, нескротливиот дух и нејзината посветеност да помогне и на другите не обврзува – дека секоја приказна може да инспирира, секоја борба може да биде светло за некого.”
Болката може да те уништи но истата може да те направи и посилен. Ние одбравме да бидеме посилни, да инспирираме и помагаме заедно со вас продолжувајќи ја мисијата на Марија.
Читај бе: Д-р Марија Бунда Калпак преку своето лично искуство ја подигнуваше свеста за ракот на дојка. Што сметате дека беше најзначајно во нејзината порака и како таа продолжува да живее преку иницијативата?
Соња: Марија кога прв пат ја сподели својата приказна и се обиде да да допре до другите ја сподели со слоганот “ Have you checked your boobs“ а сега е тоа и наш слоган и порака која што продолжува да спасува животи.

Најзначајно во нејзината порака, беше самата порака Check Your Boobs, Провери си ги градите. Истата зборува многу, едноставно потсетува дека треба да се грижиме за себе и дека грижата за себе започнува со грижата за сопственото здравје. Нејзината порака не ја подигнува само свесноста за ракот на дојка, ја подигнува свесноста за грижата за себе и сопственото здравје.

Но Марија остави и друга порака Check Your Mind: “Не можам да ви опишам колку не ми се битни веќе материјалните нешта. Колку се битни конекциите, колку е битно да имаш здрав ум, да имаш добра психа и да се разбудиш среќен и благодарен“
По формирањето на здружението почнавме како профил на Инстаграм, насловен по слоганот кој го започна Марија затоа е Msays: Check your boobs, каде споделувавме едукативни содржини за ракот на дојка, се трудевме на интересен начин да привлечеме внимание за оваа болест со цел да инспирираме и поттикнеме некој да се прегледа. Така создадовме и видео за самопреглед на дојки. Потоа организиравме донаторски акции, почнувајќи со кампања преку ecrowd и бројчиња за донации кои се активни и сега. Првиот поголем настан, како овогодишниот, се случи лани во октомври, кога официјално го започнавме нашиот розов октомври.

Причината за се ова беше да обезбедиме бесплатни прегледи со цел рано откривање на ракот на дојка. Во овие 3 години со донираните средства покрај тоа што обезбедивме 132 ЕХО прегледи и 43 мамографии со што целосно се прегледаа 133 жени на возраст од 22 до 74 год, обезбедивме за 66 онколошки пациенти ваучери за помагала како перики, протези, градници, лимфедем стегачи и костуми за капење доделени преку Клиниката за Онкологија и Радиотерапија, Групата Пеперутки и Организацијата на жени на општина Свети Николе.
Со цел да се покрене свесноста за важноста на менталното здравје и благосостојба на онколошките пациенти 7 пациентки добијаа 2 бесплатни сесии со психолог и 3 ќе добијаат РТТ Хипнотерапија. Започнавме и едукативна кампања за важноста на нутриционистичката поддршка и моментално 11 пациентки се на 2 месечна нутриционистичка поддршка.
Марија често потсетуваше на тоа колку е важна физичката активност и да се поминува време во природа. Па затоа, тимското учество на спортски настани е дел од нашето делување. Изминатава пролет, трчавме на Преспа Run and Fun, Drim Run, а и често планинариме.
На таквите настани сме препознатливи, сите сме брендирани, разговараме со луѓето, ја раскажуваме приказната за здружението, а имаме и наши штандови, на кои покрај флаери и едукативни материјали, достапни се и производи, со чија продажба директно собираме средства кои потоа ги пренасочуваме кон бесплатни прегледи.
Еден од поголемите настани на кои учествувавме беше MoonWalk во London. Целиот Лондон беше обоен во розово, а ние од зајдисонце до изгрејсонце ја носевме приказната за Марија и нејзината порака под мотото „We walk the walk, You check your boobs“.

Читај бе: Дали преку активностите на „Check Your Boobs“ забележувате промена во свеста и однесувањето на жените во однос на превентивните прегледи? Можете ли да споделите конкретен пример?
Соња: Во овие неколку години секако дека постои промена во свеста и однесувањето на жените во однос на превентивните прегледи. Генерално со нашите и активностите на другите субјекти во заедницата а секако и преку влијанието на медиумите сметам дека колективно се повеќе се зголемува свесноста за малигните заболувања и грижата за себе си и сопственото здравје.
Луѓето се повеќе не препознаваат и на секои наши објави имаме се повеќе жени кои се пријавуваат не само за прегледите туку и за сите другите наши активности.
Оваа година имавме околу 170 посетители на нашиот настан. Во тек на отворената, интерактивна панел дискусија, Прашај го експертот, жените но и мажите, отворено зборува, се интересира и споделува.

Морам исто да споделам дека уште кога Марија ја сподели својата приказна и почна да апелира да жените се прегледуваат, инспирирани и мотивирани од неа, 3 жени направија преглед и открија канцер кај себе, и тоа го споделија со Марија.
Читај бе: Што треба да се промени во здравствениот систем во Северна Македонија за жените полесно да добијат пристап до навремена дијагностика и соодветно лекување?
Соња: Според GLOBOCANдатата на податоци на Светската Здравствена Организација „Нитy едно Министерство за здравство не смее да го занемари карциномот на дојка доколку има намера да се справи со ракот како значаен јавно-здравствен проблем во својата земја“. Според нив главни стратегии за контрола на канцерот се Раната Детекција, Дијагнозата, Третманот и Здравствениот Систем.
Според моето искуство од Англија најважно е воспоставување на добро организирана скрининг програма што ќе овозможи детекција на ракот во ран стадиум кај здравата популација и поедноставна и побрза достапност за симптоматски прегледи преку отварање на современи Кабинети за дојка како што спомнав и предходходно.
Секако тука важен момент е и редовната едукација и тренинг на медицинскиот персонал и обезбедување на квалитетна опрема и воведување на нови современи методи.
Читај бе: Кои се најголемите предизвици со кои се соочувате во продолжувањето на иницијативата и какви се плановите за нејзиниот иден развој?
Соња: Предизвици секако дека има многу затоа што ние сме невладина, независна организација и зависиме од поддршката на другите субјекти во заедницата за да може да ги оствариме сите наши цели. Исто така сите ние, нашето поблиско семејство и блиските пријатели, сме истовремено и професионалци така што сите овие активности ги организираме и спроведуваме сами во нашето слободно време.

За оваа година покрај продолжување на веќе постоечките активности имаме за цел за онколошките пациенти да обезбедиме неколку бесплатни третмани на лимфедем, како и бесплатни стоматолошки прегледи како дел од сеопфатната онколошка грижа.
Да поттикнеме физичка активност кај пациентките со или предходен рак на дојка преку бесплатни активности како јога, пилатес и други форми на рекреација.
Организирање на бесплатни забавни и рекреативни активности, со цел подобрување на општата благосостојба и поттикнување на меѓусебно дружење и вмрежување. Благодарение на Опера и Балет веќе дониравме 10 бесплатни билети за операта Турандот. Да организираме неформални „кафе-разговори“ со експерти од различни области, како простор за отворен разговор, споделување искуства и едукација за важноста на редовните прегледи и грижата за сопственото здравје и дека ракот на дојка не бира по пол и не ги поштедува мажите.

И покрај сите предизвици посебно не радува што колективната свест да се помага и донира се повеќе се развива и се повеќе фирми и субјекти не препознаваат, доаѓаат со свои идеи и понуди и ги насочуваат своите вештини, специјалности и донации кон поддршка на нашите активности па така нашите цели стануваат заеднички, и нивни цели.
Читај бе: Ако треба да испратите една порака до секоја жена што ја чита оваа приказна, што би ѝ порачале за грижата за сопственото здравје и важноста на навремените прегледи?
Соња: Грижата за себе започнете ја со грижата за сопственото здравје. Не заборавајте ги и не плашете се од прегледите. Направете ги и тогаш кога не чувствувате ништо. Aко прегледите не покажат ништо, а вие сепак чувствувате нешто, направете ги повторно. Не откажувајте се, Check your boobs.








