1000040909

Разговараше: Сара Танаскоска

За Стефан Спироски, музиката никогаш не била само хоби, ниту пак начин за заработка. Уште од најмала возраст тој е поврзан со музиката, а денес чекори кон градење сопствен препознатлив стил и авторски репертоар. Неодамна ја објави својата нова авторска песна, создадена за неговата свадба и посветена на сопругата, што за него ја прави особено лична и емотивна.

Во разговор за „Читај бе“, Спироски зборува за своите први музички чекори, влијанието на семејството, градењето сопствен стил и односот кон критиките. Открива и како настанала песната на која музиката ја потпишува самиот, додека текстот е на Антонија Шола, но и што значи за него настапот на „Охрид Фест“ со последната композиција на Кире Костов. Песната „Дур постојам“ беше прогласена за најдобра според стручното жири, а Стефан имаше и најдобар сценски настап. Со нови соработки и планови за повеќе кант-авторски песни, Стефан најавува период во кој сака уште посилно да го остави својот печат на македонската музичка сцена.

Песната беше прогласена за најдобра според стручното жири

Читај бе: Стефан, кога првпат сфати дека музиката не е само хоби, туку нешто со кое навистина сакаш да се занимаваш? Од кого го наследи талентот за музика?

Стефан: Со пеење се занимавам од најмала возраст и уште како дете имам учествувано на повеќе фестивали. Во моето семејство има луѓе кои свират на различни инструменти, а и дедо ми бил доста талентиран за музика, иако никогаш професионално не се занимавал со неа.

Читај бе: Како изгледаа твоите први чекори во музиката и кој најмногу те охрабри да продолжиш?

Стефан: Најголема поддршка секогаш сум имал од моите дома. Но, пред сè, јас самиот сакам да се занимавам со музика. За мене музиката отсекогаш била нешто без кое не би можел.

Читај бе: Што значи за тебе да бидеш млад пејач денес, во време кога социјалните мрежи имаат огромно влијание врз музичката сцена?

Стефан: За мене музиката е нешто што ме исполнува, без разлика на сè останато. Ја сакам и не сум ја гледал само како начин за заработка. Ако дојдат и други работи преку неа, секако дека е убаво, но љубовта кон музиката ми е на прво место.

Читај бе:  Колку ти е важно да изградиш сопствен музички стил, а колку влијаат пејачите и музиката што ги слушаш?

Стефан: Најважно е да бидеш свој. Пејачите и музиката што ги слушам секако ми се инспирација за одредени работи, но не сакам да копирам никого. Сакам со текот на времето да изградам свој препознатлив стил.

Читај бе: Кога настапуваш пред публика, што е поголемо – тремата или возбудата? И како се справуваш со притисокот?

Стефан: И тремата и возбудата се големи, особено пред настап. Но, на крајот, настапот не го паметам по тремата, туку по реакциите и впечатоците од публиката. Тоа е најубавиот дел.

Читај бе: Дали некогаш си се посомневал во себе и си помислил дека можеби музиката не е патот за тебе? Што те натера да продолжиш?

Стефан: Не, никогаш. Музиката никогаш не сум ја гледал како егзистенција или само како начин да заработувам. Ја гледам како љубов, па зошто би се откажал од нешто што навистина го сакам?

Читај бе: Младите артисти денес се изложени на голем број коментари и критики на интернет. Колку тебе ти влијае мислењето на публиката?

Стефан: Секој нормален коментар и критика се добредојдени, бидејќи секогаш можеш нешто да научиш од нив. Што се однесува до негативните коментари, не им придавам големо значење. Секој има право на свое мислење и не дозволувам тоа да влијае врз мене или врз она што го работам.

Читај бе: Неодамна ја објави својата нова авторска песна. Што беше првата мисла кога конечно слушна дека песната е готова и ќе стигне до публиката?

Стефан: Последната песна што ја објавив беше создадена специјално за нашата свадба и за нашиот прв танц. Ја посветив на тој посебен ден и, пред сè, на мојата сопруга. Затоа оваа песна за мене има посебно значење.

Читај бе: Што ја инспирираше песната и колку лично се пронаоѓаш во нејзината приказна?

Стефан: Сто проценти се пронаоѓам во песната, бидејќи е создадена специјално за нашата приказна и за нашиот ден. Музиката ја напишав јас, а текстот го напиша Антонија Шола, и заедно успеавме да ја пренесеме емоцијата што ја сакав.

Читај бе: Овојпат станува збор за авторска песна. Колку ти е важно како пејач да не бидеш само интерпретатор, туку и да оставаш свој авторски печат?

Стефан: Секогаш се трудам да бидам дел од создавањето на музиката, без разлика дали станува збор за текст, музика или нешто друго. Но, со задоволство сум и интерпретатор на песни од други автори. На пример, песната со која настапив на „Охрид Фест“ на 27 август е музика на Кире Костов, а текстот е на Огнен Неделковски. Особено ми значи што тоа е последната композиција на Кире Костов пред неговата смрт.

Читај бе:  Дали оваа песна е најава за период во кој ќе се посветиш повеќе на авторска музика и можеби на создавање сопствен репертоар?

Стефан: Да, секако. Имам план да снимам и повеќе свои, кант-авторски песни. Веќе имам започнато неколку соработки, меѓу кои и со Антонија Шола, Григор Копров и други автори, и на дел од нив веќе се работи.

Читај бе: Кога би требало да го замислиш Стефан Спироски за пет години, каде би сакал да биде – на големите македонски сцени, во регионов или можеби многу подалеку?

Стефан: Искрено, никогаш не сум сакал многу да размислувам каде ќе бидам за пет години. Сакам да продолжам да правам музика, да уживам во тоа и да се развивам, а каде ќе ме однесе патот – ќе оставиме времето да покаже.

Преподобен Јован Рилски
Овој голем подвижник и светилник на Православната Црква се роди близу Софија …
Фоторепортажа од Манастирот Трескавец, еден од најубавите во Македонија
Издигнат високо над карпите со поглед кон Баба, Кајмакчалан и Бабуна, на …
You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

ChatGPT: како да го користите виралниот чат-бот со вештачка интелигенција за кој сите зборуваат – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола Неминовно, иднината што доаѓа е…

„Македонската народна музика е најубава на цел свет“ – портрет на младиот гајдаџија Огнен Радуловиќ

Огнен Радуловиќ има 13 години, учи во седмо одделение во ООУ „Крсте…

Самото читање на „Пролет” од Блаже Конески ја створи мелодијата за песната – интервју со Сара Петровска

Сара Петровска е дипломирана оперска пејачка. Родена 1997 година, во Битола, каде…