Нутриционистите со години ја нагласуваат важноста на хранливиот појадок богат со растителни влакна и протеини, но сега велат дека подеднакво важно е и времето кога го јадете првиот оброк во денот.
Препорачуваат појадокот да се консумира во рок од два часа по будењето, бидејќи тоа може да помогне во подобра контрола на холестеролот и заштита на срцето.

„Кога станува збор за времето на појадокот и подобрувањето на нивото на холестерол, консензусот е јасен – колку порано, толку подобро“, пишува регистрираната диететичарка Deborah Murphy за порталот EatingWell.
На ова се надоврзува и кардиоваскуларната нутриционистка Veronica Rouse, која советува:
„Препорачувам појадокот да се јаде во рок од два часа по будењето за да се помогне во контролата на холестеролот.“
Според експертите, започнувањето на денот со избалансиран оброк не само што го намалува чувството на глад, туку и ја намалува веројатноста за нездрави ужини и прејадување подоцна во текот на денот.

Истражувањата покажуваат дека прескокнувањето на појадокот е поврзано со повисоки вредности на таканаречениот „лош“ LDL холестерол. Голема студија спроведена во Кина на повеќе од 37.000 возрасни лица открила дека луѓето кои редовно го прескокнувале појадокот имале повисоки нивоа на масти во крвта, вкупен холестерол и LDL холестерол во споредба со оние кои редовно појадувале.
Дополнителна анализа од 2023 година покажала дека прескокнувањето на појадокот е поврзано со просечно зголемување на LDL холестеролот, што дополнително го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања.
Високиот холестерол доведува до создавање масни наслаги во артериите, со што се намалува протокот на крв и се зголемува ризикот од срцев и мозочен удар.
Што треба да има во идеалниот појадок?
Veronica Rouse препорачува појадок базиран на намирници од растително потекло. Овошјето, зеленчукот, јаткастите плодови, семките и интегралните житарки се богати со растворливи влакна, здрави масти и растителни стероли кои активно придонесуваат за намалување на холестеролот.
Особено се препорачуваат:
- овесни снегулки,
- интегрални житарки,
- свежо овошје,
- јаткасти плодови,
- семки.

„Овошјето е одличен извор на витамини, минерали, фитохемикалии и растителни влакна. Интегралниот леб и житарките обезбедуваат витамини од групата Б, а овесот е добро познат по својата способност да го намалува холестеролот“, вели диететичарката Lisa Andrews.
Од друга страна, експертите советуваат да се избегнуваат појадоци богати со шеќер, како крофни, колачи и пецива, бидејќи често содржат големи количини заситени масти кои придонесуваат за покачување на LDL холестеролот.
Покрај здравиот појадок, редовната физичка активност останува еден од најмоќните сојузници на срцето. Експертите препорачуваат најмалку 150 минути умерена физичка активност неделно, како брзо одење, или 75 минути поинтензивно вежбање.








