Љубителите на класичната музика вечерва ќе имаат можност да уживаат во концертот „Мозаик“ на Камерниот оркестар на Битола, кој ќе се одржи на 27 ноември 2026 година со почеток во 20 часот во КИЦ – Офицерски дом во Битола.
Концертот ќе понуди внимателно избрана програма составена од дела на четворица врвни композитори: Волфганг Амадеус Моцарт, Тома Прошев Зографски, Леош Јаначек и Бела Барток. Публиката ќе има можност да ја слушне безвременската „Мала ноќна музика“ од Моцарт, „Свита за гудачки оркестар“ од Зографски, „Свита за гудачки оркестар“ од Јаначек и „Романски фолклорни танци“ од Барток.

Со оркестарот ќе диригира младиот битолчанец Горјан Стојановски, пијанист и диригент кој и покрај младата возраст веќе бележи значајни успеси на домашната и меѓународната музичка сцена. Роден во Битола во 2003 година, Стојановски е добитник на бројни национални и меѓународни признанија, а својата уметничка надградба ја остварува преку студии по пијано и диригирање, како и настапи во Македонија и странство. Во 2025 година диригирал токму со Камерниот оркестар на Битола. Во 2026 година дипломира пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје, во класата на проф. д-р Елена Атанасовска–Ивановска. Настапува на бројни солистички рецитали низ Македонија и во странство. Подоцна истата година настапува на дуо-рецитал за пијано со Аница Нелоска во Рим, повторно во рамките на фестивалот „Concerti del Tempietto“.
Од октомври 2026 година ги започнува своите официјални студии во областа на оркестарското диригирање, во класата на проф. м-р Борјан Цанев на Факултетот за музичка уметност во Скопје.
За Стојановски, музиката претставува простор на постојано преиспитување, истражување и личен израз, во кој уметничката мисла се обликува преку звукот.
Концертот „Мозаик“ претставува музичко патување низ различни стилови, епохи и музички инспирации, спојувајќи класицизам, современа македонска музичка традиција и елементи од средноевропскиот фолклор.
Влезниците за концертот се по цена од 300 денари. Настанот е поддржан од Министерството за култура и туризам и Културно-информативниот центар Битола.







