Огнен Радуловиќ има 13 години, учи во седмо одделение во ООУ „Крсте П. Мисирков“ – Бистрица. Ова младо момче е вистински бисер на македонската фолклорна музичка сцена.
„На гајда свирам од 5 години, а од 3 години тропам на тапан. Мојот талент го открија моите родители, коишто воедно ми се и најголема поддршка“ – вели Огнен за Читај бе.
Македонската народна музика и песна е препознатлива по својата единственост , така што во ова време на консумеризам, да се негува македонскиот традиционален звук не е само забава, туку оставање идентитетски печат во инстант бетонираното време – затоа пожелно е да се поздрави со громогласен аплауз секој млад човек кој веќе одлучил или веќе одлучил да се занимава со создавање на идентитетски обележја, а ние останатите, чесно е да ги поддржиме младите ентузијасти – сепак ним им припаѓа иднината.
Огнен е дел од ансамблот КУД „Илинден“ Битола.
„Најмногу сакам да го свирам орото „Овчеполка“. Го обожавам македонскиот познат гајдаџија, композитор и играорец – Пеце Атанасоски, од кого ми дојде идејата да свирам на гајда. И најмногу им благодарам на кореографот Александар Стефановски и шефот на оркестарот при КУД „Илинден“ Битола, Славе Наумовски – Чапче кои ми даваат голем поттик во мојата музичка кариера“ – вели младиот гајдаџија Огнен Радуловиќ.
Огнен вели – полн со жар во очите, „Македонската народна музика е најубава на целиот свет, ме воодушевуваат народните инструменти и нашиот ритам“.
Освен музиката и училишните обврски Огнен сака да црта, а своето средно образование планира да го продолжи во музичко училиште.