Хорското пеење е дел од еволутивниот пат на човештвото. Почетоците се забележуваат уште од искона, во антиката има почесно место. А градот Битола никогаш не бил само административна творевина, туку апсолутен водач во културната разгледница на Македонија – од каде изнедрува и КУД „Стив Наумов“ – најстариот македонски хор.
За идните планови поразговаравме со Владимир Христовски, познат битолски стопанственик и ротаријанец кој беше избран за нов претседател на ова културно-уметничкото друштво кое во моментов има 120 члена во три ансамбли, односно мешан хор, младински хор и мандолински оркестар.
Читај бе: Колкав е предизвикот да се биде претседател на КУД „Стив Наумов“, ако се земе предвид дека е највозрасното друштво во Македонија и Вашата нова одговорност пред музичката јавност?
Владимир: Да се биде претседател на КУД „Стив Наумов“ е вистински предизвик. Од една страна е голема привилегија но, од друга страна голема одговорност. Зошто? Тргнувајќи од фактот дека се работи за најстариот македонски хор, односно, најстарото друштво во Македонија, особен предизвик е да се зачува традицијата во денешното време кое се карактеризира со динамични промени. Но, јас со задоволство ја прифатив оваа позиција, свесен за важноста на традицијата за битолчани.
Во контекст на ова, би сакал да споделам некои информации за КУД „Стив Наумов“, инаку доста познат за Битола и битолчани.
КУД „Стив Наумов“- Битола, е мешан, аматерски хор а воедно и најстариот македонски хор. Формиран на 6 ноември 1944 година, кога борците на Седмата македонска ударна бригада- Битола, сакале да се чуе слободна македонска песна на плоштадот во Битола, и под диригентство на Тодор Скаловски приредиле музичка програма со хорски композиции.
Подоцна, после првиот концерт, голем број на битолчани изразиле желба да бидат дел од хорот и со тоа, од 1944 го означуваат почетокот на едно друштво, кое сѐ уште опстојува низ времето, со единствена желба, да се зачува традицијата на Битола преку песна. 79 години опстојува духот на КУД „Стив Наумов“ преку гласот на бројните хористи кои поминале и се дел од ова друштво.
Ова го зборувам за ја истакнам мојата голема одговорност пред Битола и битолчани. Да се зачува оваа традиција е потребно голема одговорност а воедно и многу нови проекти. Хорот е пред сериозен предизвик во кој се судруваат традицијата и модерното време.
Читај бе: Веќе имате искуство со менаџирање, кои се разликите, што е ново за вас?
Владимир: Претседателот има одговорност да го води друштвото кон напредок и развој. Треба да има пред сé визија, да поседува искуство за да ги идентификува проблемите со кои се соочува друштвото и согласно приоритетите да генерира идеи за реализација на проекти. Но, сето тоа не може да го постигне сам. Потребно е проактивно делување на сите членови кои согласно својата експертиза ќе учествуваат во постигнувањето резултати на проектите. Не треба да се занемарат организациските вештини за развивање на солуции, лидерски способности да се имплементира планот на акција. Како претседател на клубот, морам да ги мотивирам сите за активно да се вклучат во промоција на друштвото. Да се биде претседател не е едноставна задача но, можам да кажам дека е многу благородна задача. До крајот на мојот мандат јас ќе продолжам да го водам друштвото со истата енергија, посветеност и ставови. Член на претседателството сум веќе 13 години, и голем дел од работите ми се веќе познати.
Читај бе: Почнувајќи од првиот момент од 1944, па навака КУД „Стив Наумов“ го промовира хорското пеење, претставува културен амбасадор на Македонија во Југославија и по осамостојувањето, многу млади и признати музички имиња се и и биле дел од ансамблот. Која е Вашата визија и мисија со КУД „Стив Наумов“ во текот на Вашиот мандат?
Владимир: Мојата визија за друштвото поизлегува од суштината на самото постоење на друштвото, да го промовира хорското пеење, како и да продолжи да биде културен амбасадор. Ние промовираме и развиваме хорска музика на локален, национален и меѓународен контекст, поттикнувајќи извонредност, ангажман на заедницата и публиката, како и лично исполнување преку пеење.
Нашата визија е преку нашата работа да инспирираме љубов и благодарност за хорското пеење кај сегашните и идните генерации.
Читај бе: Не доаѓате од музичката фела, но сепак сте поминале дел од Вашата младост како член од КУД „Стив Наумов“. Дали планирате соработки со училишните хорови, Битола сепак е расадник на музички таленти?
Владимир: Ќе биде корисно во училиштата – пробите на хорот да се сметаат како редовна настава во музичкото образование, како и да добијат свое место во наставата. За да може работата на хоровите во основните и средните училишта да даваат добри резултати, неопходно е да се промени односот спрема училишните хорови. Многу школски хорови немаат ни основни услови за работа (време, простории и инструменти). Не е редок случајот да во некои училишта, часовите по хорско пеење се сметаат како нешто што се може но, не мора да се прифати. Во секој случај мојот фокус, како и фокусот на претседателството е да се започне со соработка со основните и средните училишта во насока на тоа да видиме каква е постојната ситуација на училишните хорови, па понатаму ќе се размислува за поттикнување на хорското пеење и сл.
Читај бе: Каков е моменталниот состав на КУД „Стив Наумов“, дирегенти, членови, хора?
Владимир: Во моментот во состав на КУД „Стив Наумов“ функционираат мешани хор, женскиот младински хор и мандолински оркестар. Хоровите се под раководство на професор по хорско диригирање Лилјана Трајковска Димевски, додека мандолинскиот оркестар е под раководство на диригент професор Мирко Митровски. Вкупниот број на членови изнесува 120.
Читај бе: Вклученост и музичка едукација кај децата?
Владимир: Хорското пеење ги буди и ги развива репродуктивните па и создавачките склоности на учениците. Исто така, создава подгодни услови за негување и усовршување на естетските и другите културни мерила. Хорското пеење се вбројува во дејностите кои, покрај интелектуалните и естетските способности, кај децата го развиваат чувството на припадност во заедницата и одговорност спрема неа, бидејќи постојаниот контакт со повеќе луѓе придонесува за нивно зближување и решавање на колективни задачи. Тоа доведува до развој на свеста за неопходноста од општествена соработка и заедничко делување, па сосема е извесно дека хорското пеење има своја социјално- образовна димензија.
Читај бе: Каков е планот за промоција на македонската хорска музика која одредено време беше меѓу најнаградуваните на натпреварите ширум светот?
Владимир: Факт е дека КУД „Стив Наумов“ е еден од најнаградуваните ширум светот. Во моментот се работи на тоа, за јавноста да види во кои активности и каде сé настапувал хорот низ годините што поминале. Диригентот Љубо Трифуновски е неисцрпен извор на сознанија за искуството и развојот на хорот низ годините. Сега во моментот се работи на промоција на хорот, како и систематизирање на искуството што хорот го има стекнато низ годините. Исто така, во моментот се работи на стратегијата за развој и осовременување на КУД „Стив Наумов“, како и на планот и програмата за музичките настапи што хорот ќе ги има во наредниот период. Можам слободно да кажам дека планирано покрај постоечкиот репертоар кој го има друштвото во сите ансамбли да го дополни и зголеми со нов репертоар, и исто така се планирани покрај, домашните гостувања да се земеме учество и на меѓународната сцена, каде преку музиката ќе ја зголемиме афирмација на нашиот град и држава.