Книжарница. Влегува мајка со малечко девојче. Мајката дотерана, по сите прописи, со нокти, фризура, напумпани усни, бренд чанта. Во едната рака држи преполна кеса од познат козметички бренд.
Само што влегоа во книжарницата, девојчето оди директно кон сликовниците.
„Мамо, те молам купи ми ја оваа сликовница“ – ѝ ја покажува.
„Чекај да видам. Ааа, 200 денари. Не, не, многу е скапа, земи нешто поевтино“.
Си заминаа со потрошени 70 денари за девојчето, додека мајката на козметичките производи имаше потрошено сигурно 20 пати повисока сума.
За жал, ова не е само измислен пример. Ова е вистинска случка која ми ја раскажа вработената во книжарницата која беше погодена од оваа случка. Ми рече: „Не можев да си поверувам дека и купи едно моливче и тетратка за 70 денари. Девојчето навистина ја сакаше сликовницата, ми дојде јас да ѝ ја купам“.
Жалосно е што ова ни стана секојдневието. И можам да набројувам еден тон примери: родител кој на својот 13-годишен син му набавува шишенца алкохол на роденденска забава, родители кои го обвинуваат училиштето затоа што презело педагошки мерки за синот кој веќе извесен период врши булинг, ставање на проблемите со насилството во училиштата под тепих за да не излезат во јавност, нестручност, незаинтересираност или незнаење како да се соочат со невоспитаните и агресивни деца…
Сите ние знаеме по некој пример. Да ги додадеме и неморалните вредности кои се шират по ТикТок и другите социјални мрежи, за кои не само што родителите не се заинтересирани и не реагираат, туку дел од нив и самите служат за пример на своите деца. Секако, негативен пример.
И, после сето ова, какви млади генерации ќе очекуваме? Немале емпатија. Нормално дека ќе немаат зашто нема кој да ги научи, подучи, искара. Ретко во овие времиња да сретнеш културно дете со манири. И тоа дете сигурно ќе биде мета на насилниците.
Цело општество се распаѓа, самата институција Семејство се распаѓа. Родителите повеќе немаат авторитет над децата, па камоли наставниците или професорите. Страшни се примерите кои педагошките работници ги споделуваат за однесувањето на децата на училиште. Ако така се однесуваат дома и на училиште, од снимките кои излегуваат во јавност многу добро гледаме како се однесуваат надвор на улица. Дивјачки.
Сите сме згрозени од видеата на врсничко насилство. Еве последната година ги имаше неколку. И? Ќе се згрозиме, ќе искоментираме, можеби ќе бидат казнети насилниците и потоа – што?
Работата е згрешена уште од корен. Оваа фурија нема да запре. Овие генерации на деца не чувствуваат одговорност. Кај нив одмаздата побрзо би проработела отколку грижата на совест. Со деструктивни мисли, без никакви амбиции, исполнети со злоба.
За еден момент ставете се на местото на децата – жртви на врсничко насилство. Каков живот нив ги чека? Дали ќе имаат доверба тие некогаш во некој? Дали ќе имаат вистинско другарство? Дали секоја вечер ќе имаат кошмари и на сон ќе им се повторува случката повторно и повторно?
Не смееме повеќе да останеме неми набљудувачи и фејсбук коментатори за врсничкото насилство. Мора да се преземат сериозни мерки од страна на сите институции, мора сите да се вклучат и државата, МВР, училиштатата, Центрите за социјална работа, најмногу родителите. Да станеме општествено одговорни и да не бидеме неутрални.
Отсекогаш постоеле насилници, не е ништо ново. Но ова што сега се случува, го носи општеството во пропаст. Ако иднината ни зависи од овие генерации, тогаш слободно да кажеме дека немаме никаква иднина.







