Некои деца играат со музиката. Теодосиј Поповски живее со неа.
Има само 11 години, но зад себе веќе има нешто за што на многу музичари им се потребни децении.

Теодосиј Поповски, син на реномираниот македонски џез-музичар и директор на „Џез фактори фестивал“ Битола, Сашо Поповски, годинава настапи на престижниот Нишвил џез фестивал како најмлад учесник, а неговиот настап беше една од убавите приказни што останаа запаметени од овогодишното фестивалско издание.

Но, приказната за Теодосиј започнува многу порано.
На само три години почнал да свири пијано. Денес е ученик во НУ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, а последните четири години џезот го изучува со својот татко.
Првата џез-композиција што ја научил е „Oh, When the Saints“.
Ја имал слушнато во цртан филм, а потоа сам ја пронашол во книга.
Имaл само седум години.
Оттогаш до денес, музичкиот свет на Теодосиј станува сè поголем.

Минатата година настапил во Ниш во организација на Нишвил како дел од младинскиот интернационален состав France Balkans Jazz Network.
Годинава, пак, на сцената на Нишвил застана со својот татко Сашо Поповски и тапанарот, изведувајќи седум композиции: Peri’s Scope – Bill Evans, Yesterday – Paul McCartney, Jelly Roll – Charles Mingus, Yesterdays – Jerome Kern, Mr. P.C. – John Coltrane, Autumn Leaves – Joseph Kosma и Take the A Train – Billy Strayhorn.
И тука приказната добива една друга, многу посилна емоција. Затоа што не станува збор само за музичар и неговиот настап.
Станува збор за татко и син на иста сцена.

„Нема поубаво чувство – татко и син на една сцена. Не можам да го опишам со зборови. Пресреќен сум“, вели Сашо Поповски.
А Теодосиј по настапот не ја криеше својата среќа и гордост. За него тоа била, како што самиот кажува, една од најубавите ноќи во неговиот живот.
Една од фотографиите што ги направи и му е особено драга е онаа со легендарниот Paquito D’Rivera. На лицето на Теодосиј се гледа онаа детска возбуда која не може да се одглуми.


А јас Теодосиј го запознав лично…
На прв поглед, ќе видите едно мало, 11-годишно момче.
Но, кога ќе проговори – ќе се изненадите.
Од него излегува една зрелост, смиреност и мудрост што не ги очекувате од дете на тие години.
А потоа ќе седне пред пијаното. И тогаш зборовите стануваат непотребни.
Имав чест да го слушнам Теодосиј пред почетокот на еден од концертите на годинешното издание на Џез Фактори Фестивалот во Битола, кога во еден неформален момент, го замоливме да засвири нешто.
И она што го слушнав беше навистина неверојатно.
Не само техниката.
Не само талентот.
Туку емоцијата.
Начинот на кој ја чувствува музиката.
Начинот на кој тоновите излегуваат од него како нешто природно, искрено и длабоко.
Навидум мало дете.
А кога ќе засвири – пред вас како да стои некој многу поголем.
Можеби затоа Теодосиј не треба да го гледаме само како „син на Сашо Поповски“.
Туку како Теодосиј Поповски – млад музичар кој допрва го пишува својот пат.
И ако ова е само почетокот, тогаш навистина со нетрпение ќе чекаме да видиме каде ќе го одведе неговата музика.








