Тамара Стојаноска, театарска режисерка родена во Прилеп, своето уметничко образование го започнува во Битола, каде што го завршува Државното музичко училиште, а подоцна студира музикологија и сонологија во Скопје. Во 2018 година се запишува на театарска режија на Универзитетот „Еуропа Прима“, во класата на проф. м-р Дејан Пројковски. Досега има режирано осум претстави и еден концерт.
Нејзиниот пат до театарската режија, сепак, не бил однапред испланиран. Од музиката, преку откривањето на театарот како простор за слободно раскажување и изразување, Тамара постепено го пронашла медиумот во кој ги обединува различните страни на својата уметничка природа.
Со Тамара Стојаноска за „Читај бе“ разговараме за нејзиниот пат од музиката до театарската режија, независната сцена, нејзиниот режисерски потпис, неодамнешната премиера на „Свињи“ во Битола, но и за новите проекти што следуваат.

Читај бе: Како се роди Вашата љубов кон театарот и кој беше клучниот момент кога дефинитивно одлучивте дека театарската режија е Вашиот животен повик, а не само професија?
Тамара: Мојата љубов кон театарот се роди непланирано и неочекувано, бидејќи претходно никогаш немав обрнато внимание на театарот како можен начин да се изразам. Уште од дете ме интересираше уметноста и отсекогаш се трудев да барам различни начини за раскажување приказни, но долго време бев фокусирана на класичната музика. Додека студирав на Факултетот за музичка уметност во Скопје, се запознав со делата на големи режисери, а особена инспирација ми беше Томи Јанежиќ. Бев „удрена“ од неговиот режисерски свет и искреност. Сфатив што сè театарот може да биде и колку е слободен медиум за раскажување приказни. Голем удел во тоа искрено да го засакам театарот имаше и мојата можност да бидам асистент на режија на трилогијата монодрами „Дневникот на лудиот“ на Бобан Алексоски, во режија на Ѓорѓи Ризески. Таа претстава и несебичната поддршка што ја добив од нив ми значат исклучително многу. Желбата се раѓаше постепено, но клучниот момент кога почувствував дом и сигурност во театарот беше по првите часови по театарска режија со мојот професор. Се запишав непланирано и си направив хаос студирајќи на два факултети, но конечно го најдов вистинскиот медиум во кој можам да ги негувам сите страни на уметноста во едно.

Читај бе: Секој почеток носи свои предизвици и несигурности. Кои беа Вашите први чекори кон оваа професија уште во родниот Прилеп и кој Ви беше најголемата поддршка на тој пат?
Тамара: Моите први театарски чекори дефинитивно не се случија додека живеев во родниот крај. Во тој период бев фокусирана на музиката, потоа учев во Средното музичко училиште во Битола и имав сосема поинакви перспективи. Мојот почеток со театарот се случи во Скопје, со запишувањето на театарска режија, потоа со мојата работа во независниот театар „Златен Елец“. Најголема поддршка, за сите мои „луди“ соништа отсекогаш ми биле моето семејство и најблиските.

Читај бе: Дипломиравте во класата на професорот Дејан Пројковски, кој важи за еден од најплодните режисери во регионот. Која е најважната лекција што ја научивте од него, а која денес ја применувате на сцената?
Тамара: Запишувањето на театарска режија можеби започна како некаков импулс или афект, меѓутоа е одлука што ми го промени животот засекогаш. Многу сум благодарна за шансата да ја учам оваа специфична уметност токму од мојот професор Дејан Пројковски. Студирањето во неговата класа ми даде огромна слобода и ме ослободи од сите ментални пречки околу тоа што може, а што не може додека твориш. Мојот професор од самиот почеток ме охрабруваше да создавам сопствен свет и да бидам храбра во тоа што го правам. Претходно ми недостигаа храброст и верба, како во театарот, така и во уметноста воопшто. Сум добила многу лекции и совети од него, како за професијата, така и за животот, но најголемата е токму таа: да верувам во светот што го создавам и сè што создавам да излегува директно од мене и од мојот внатрешен искрен порив. Репликата од „Галеб“ „најважно е да го носиш својот крст и да веруваш“ засекогаш ќе ме потсетува на мојот професор и театарски татко.

Читај бе: Победивте на престижниот меѓународен конкурс за млади режисери „Слави Шкаров“ во Бугарија. Што значеше ова признание за Вас на самиот почеток од професионалната кариера?
Тамара: Ова признание за мене сè уште претставува голема надеж и поттик да продолжам да се борам во професијата. Целото искуство во Бугарија ми даде нова храброст и ми покажа дека театарот навистина нема граници. Поминав една недела во Драмскиот театар „Сава Огњанов“ во Русе, каде што имав можност да работам со прекрасна екипа и заедно да поставиме еден фрагмент од романот „Срце од ајкула“ на Емили Хабек. За мене тоа беше сосема ново искуство, навикната на друга енергија тука кај нас, останав пријатно изненадена од искрениот прием и енергијата на колегите, од целата актерска и техничка екипа, како и од публиката. Наградата ми е од исклучително значење бидејќи ми ја дава ретката шанса да режирам целосна претстава според концептот што го поставивме за тие пет дена на конкурсот. „Срце од ајкула“ е приказна што многу ми значи, обоена е со магичен реализам, жанр што многу ме интересира и фасцинира. Секогаш е посебен предизвик кога роман се пренесува на сцена, зборува за соочувањето со загубата, за трансформирањето на болката и за барање на некаква сила за да се продолжи понатаму. Во сржта ова е една љубовна приказна која едвај чекам да ја работам.

Читај бе: Како млада режисерка, активно работите на независната театарска сцена преку театарот „Златен Елец“. Со какви предизвици се соочува независниот театар во Македонија денес?
Тамара: Независната сцена се соочува со секакви предизвици и од процес до процес тие предизвици се менуваат, но секогаш има две константи: немањето финансии и простор за работа. Независната сцена иако е многу похрабра, послободна и секогаш тивко присутна, сметам дека е потисната и недоволно вреднувана, не од публиката туку од самите театарски работници. Да работиш независно, не значи дека работиш аматерски претстави од љубов, независната сцена, онаа вистинската, е водена од професионални посветени и најчесто млади луѓе, кои сами си го бараат патот до создавањето. Независната сцена не е само скратен пат до државните сцени, не треба да се искористува само кога немаме каде да работиме или не сме вработени во државен театар, треба да ја негуваме зошто од таму доаѓаат сите вистински креативни промени и нови автори.
Читај бе: Кога избирате драмски текстови за работа, што е она што прво Ве привлекува кај еден автор или приказна за да решите да ја поставите на сцена?
Тамара: Сите избори досега ми се случиле многу природно и интуитивно. Сакам подлабоко да се поврзам со текстовите што ги работам, да бидам искрена и да филтрирам сопствени емоции, а исклучително ми е важно преку нив да зборувам за светот во кој живееме. Ме привлекуваат суштински автори и текстови, сакам да почувствувам дека и самите автори имале силен внатрешен порив додека го создавале делото. Убавината е во тоа што не сме ограничени, некогаш идејата за претстава доаѓа од роман, некогаш од филм или целосно авторска замисла, и можностите се огромни. Не сакам да создавам уметност само колку да се каже дека нешто се создава, мора да имам јасна причина и провокација зошто го правам тоа. Сметам дека не треба да забораваме дека уметноста започнува внатре во душата на индивидуата, па дури потоа се пренесува на публиката.



Читај бе: Театарот постојано еволуира и се менува. Каков е Вашиот личен естетски потпис што сакате да го изградите и по кој сакате да бидете препознатлива?
Тамара: Сакам да се разбудам по многу години и да кажам дека сум останала доследна создавајќи искрен театар. Ме интересира магичниот реализам како жанр и во литературата и во сликарството и визуелно сакам да се инспирирам од ваков вид уметници. Приказните што ги раскажувам се надевам дека се примаат како приказни за надеж и за подобри ние во систем кој не е ист за сите. Сакам валкан, суров театар измешан со еден вид детска невиност и анимираност. Најважно ми е да раскажувам длабоко човечки приказни и да направам процес во кој актерите ќе уживаат без да имаат притисок дека бркаат некаков резултат.
Читај бе: Како ја гледате позицијата на младите македонски автори и режисери? Дали институциите им даваат доволно простор за изразување?
Тамара: Во секоја професија, додека си млад, треба да помине време и да вложиш многу труд за да се „докажеш“ и луѓето да почнат да веруваат во твоите идеи. Институциите, нормално, не се секогаш сигурни во експерименти и во млади автори, бидејќи најпрво се загрижени за продажбата на билети и најчесто играат на сигурно со веќе проверени имиња. Меѓутоа, постепено сè почесто се пробиваат млади автори, режисери и актери на државните сцени, дури ни најисполитизираните театри не можат да замижат пред добри и креативни идеи.
Читај бе: Неодамна во Битола ја имавте премиерата на дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец, поставена за првпат во Македонија. Што значеше за Вас како млада режисерка да ја презентирате оваа тешка приказна за насилството и осаменоста токму пред битолската публика?
Тамара: Отсекогаш сум имала чувство дека битолската публика била отворена за слободен театар и за вакви теми. Многу ми значи шансата што работев со Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, бидејќи тие беа мојата првична слика за ликовите во делото, две од најдобрите актерки што ги имаме кај нас, кои разбираат, имаат огромно искуство и сакаат да работат театар што гласно зборува за важни теми. Со „Свињи“ зборуваме за фармата во која сите ние живееме, за осаменоста и последиците од неа, како и за насилството кое е речиси неминовно кога си ранет и оставен сам. Се радувам на сите следни изведби што ѝ претстојат на претставата и на средбите со публиката.



Читај бе: Како помина претставата во Центарот за култура и дали Битола ја гледате како идна дестинација за некој Ваш нов проект?
Тамара: Претставата во Центарот за култура помина подобро отколку што можев да замислам. Јас многу позитивно ја почувствував битолската публика. Битола има посебна театарска култура и атмосфера, така што апсолутно ја гледам како дестинација за идни проекти. Со задоволство би се вратила да работам секогаш кога ќе се укаже вистинската можност. Голема благодарност до Центарот за култура Битола за шансата да работиме таму.

Читај бе: Што е она што следно Тамара Стојаноска ѝ подготвува на театарската јавност?
Тамара: Моментално работам на претстава за Фрида Кало, за мене, вистинска дефиниција за магичен реализам. Проектот е по текст на Драгана Левенска, која го препозна фанот во мене кога е во прашање Фрида и ме покани да го работиме ова. Голем предизвик е да се раскаже нејзиниот живот и да се покаже колку е важна и денес. Нејзините слики ни се најголема водилка и инспирација, па се надевам дека ќе успееме да раскажеме една длабоко човечка приказна од минатото во која се препознаваме и денес. Претпремиерата ни е на 18 октомври, а премиерата на 19 октомври во Драмски театар Скопје.








