Пишува: Влатко Стојковски

viber image 2023 12 30 11 05 25 078

„А, што би било кога болката би ја чувствувал и оној кој што ја предизвикува? Добро познат цитат на слојчанецот Петре М. Андреевски. Можеби и едно од подобрите прашања коешто секој поединец е корисно да си го постави одвреме-навреме. Се разбира, прашањето не мора да се разгледува само во буквална смисла. Може во себеси и да го преформулираме, па да гласи: А, како би ми било мене кога би бил во негова или нејзина кожа?

Измина уште една календарска година. Погледнете само една телевизиска емисија или вести во Македонија, каде насекаде стојат слогани од типот: „Уште една тешка година”; „Година со многу нерешени прашања”, итн. Да бидам искрен, и не се сеќавам дека сме поминале година во која нештата се решиле во позитивна смисла по овој народ. Иако, секој еден од нас си има и убави моменти и не е сѐ црно како што често тврдиме дека е. Овде сите се жалат подеднакво. И тие што имаат и тие што немаат. Само во негодувањата сме еднакви и тука нема дискриминација.

Светот одамна живее по свое и целосно е останат глув на Божјиот призив за љубов кон ближните. А, ближен може да биде секој поединец што го сретнуваме во животот, без разлика дали на кратко или на подолго време. Но, очигледно е секој не носи во себеси иста верба или подобро речено, прашање е во што или во кого верува секој од нас? Општеството овде и понатаму останува поделено по многу основи, но она што најмногу ме загрижува е што поделбите сѐ повеќе се одразуваат врз односите во семејството, колективите, кругот на пријатели или некаква друга форма на собирање. Негативното однесување на поединци удира врз многумина и го прави секојдневието комплексно и тешко подносливо.

Секојдневно сведочиме како се растураат пријателства или роднински врски, поради банални причини, помешани со горделивост и суета; во работните организации напредуваат и се поддржуваат поединци без интегритет и личности со нечесни намери, ниски страсти, швалерај и лошо поведение; надуеност по социјалните мрежи и презентирање на хедонизам кој не познава граници (свинското не оди веќе само во желудникот, туку собира и лајкови); институции кои се блокирани со години и закони кои не се почитуваат или важат само кон поединци во одредени ситуации; црна хроника со која се преплавени медиумите и за која ретко постои одговор; дебатни емисии кои повеќе личат на комшиски мубаети-без концепт и реална цел; верници кои прават совршени поклони пред иконите, но речиси никогаш не се поклонуваат на Бога во вистинска смисла; олигарси кои ги тужат сиромасите и им праќаат извршители, сѐ додека не им ја одземат и последната третина од платата преку административна забрана или присилна наплата; сведоци сме на продадени души; на земја со полни казина и полупразни училишта; на животна средина со безживотен воздух; на интелектуалци и културни работници за чии заложби на малкумина им е гајле; на многу турски серии и срамен турбофолк, а речиси ништо едукативно;  на урнисани соништа и сага која што речиси никогаш не завршува, туку се врти во еден заглавен круг кој има почеток, но не познава крај.

Се чини дека не наоѓаме начин, ниту пак сакаме да одвоиме време да застанеме за момент и да го поставиме прашањето: Каде одам? Стрмоглаво јуриме по удолницата од која што враќање има – но!, само доколку постои желба за промена, а во теолошка смисла може да се употреби и зборот покајание што значи преумување, оставање на лошите навики и напуштање на стариот човек во нас. Сум прочитал дека човек може да станe онолку пати колку што паднал.

Важно е повторно да стане, да се исправи. Еден свет човек рекол дека ќе нѝ биде подобро, тогаш кога и самите ќе станеме подобри. Јас би додал: Кога ќе станеме свесни и за другите. Колку би било тажно ако животот е себична грижа само за сопственото добро и на оние неколкумина околу нас. Сум слушнал, некои ми говореле вака: „Од мојата врата надвор, не ме интересира ништо! Може и светот да се распаѓа, важни ми се само овие внатре”. Колкав ли е бројот на поддржувачите на ваквата идеја?

Кога би го знаеле нивниот број, веројатно би нѝ станало и совршено јасно зошто напредокот овде нема свој континуитет. Според мене, погрешна логика! Кога надвор ќе почне сѐ да се распаѓа, тоа без одолговлекување ќе нѐ зафати и нас. Бидејќи да се создава здрава, напредна и хармонична средина е нешто што бара заложби од страна на сите и грижа за сите! Исправно е да се сакаат најблиските и оние кои нѝ прават добро-но, која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат? Каде се другите?

Каде е грижата за општото добро? Грижата за развој на квалитетно образование или организирано здравство од кои што би се ползувале сите или барем повеќето? Или здрава животна средина во која што секој ќе се чувствува благопријатно? Тектстов можеби поставува  утописки прашања. Сепак, како што кажа еден мој стар пријател: „Балкан е ова!”, мислејќи на идејата дека тензијата и неслогата се родум од овие краеви. Во едно верувам: Патот до преумување не е толку тежок. Разбојникот од десната страна на Христос, само со една покајна мисла, го наследил Рајот.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

БУТИН: Која е реалноста – хипокризија вклучена на шестка

Пишува: Биљана Т. Димко Социјалните мрежи сервираат филтрирана содржина која е одличен…

Бутин: Кој е навистина слободен?

Пишува: Биљана Т. Димко Време е чекор по чекор да се припојуваат…