Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според нивното движење, грижа и одлучност. Додека тој набљудува, им дава упатства на своите ангели да ги забележат неговите одлуки во книга.
Бог им го кажува името на детето и се насмевнува…
„Неа подари ѝ недоносенче“.
Ангелот љубопитно го праша: „Зашто токму таа Господи? Таа е многу весела“.
„Токму поради тоа!“– насмеан му одговори Бог.
„Мислиш ли дека недоносенче можам да ѝ дадам на мајка која не умее да се смее? Тоа би било многу грубо“.
„Но, има ли таа доволно трпение?“ – повторно праша ангелот.
„Не сакам да има премногу трпение, ќе потоне во море од сожалување и очај. Кога шокот и лошото ќе ѝ мине, таа одлично ќе се снајде. Денеска ја гледав. Таа го има она чувство, ретко, но е неопходно за да се биде мајка. Гледаш, детето кое планирам да ѝ го подарам има само свој свет. Таа ќе мора да научи да живее во неговиот свет, и тоа нема да ѝ биде лесно…“
„Ама, Господи, јас мислам дека таа дури ни не верува во тебе“.
Бог се насмевна: „Нема потреба, тоа можам да го решам. Таа е совршена за ова дете, во неа има доволно себичност“.
Ангелот се најде зачуден: „Себичност? Дали е тоа доблест?“
Господ климна со главата: „Ако не може да се одвои себеси од детето, од време на време, ќе не може да преживее. Да…Оваа жена ќе ја благословам со дете кое не е совршено. Таа сѐ уште не знае, ама неа многумина ќе ѝ завидат. Ниеден збор нема да го земе здраво за готово. Никогаш нема да размислува на обични потези и чекори. Кога за првпат нејзиното дете ќе ѝ рече „МАМА“, таа ќе биде сведок на чудо и ќе биде свесна за тоа.
Ќе ѝ дозволам бистро и чисто да ги види работите кои јас ги гледам – незнаењето, човечката грубост, предрасудите и ќе ѝ дозволам да се издигне над сето ова. Таа никогаш нема да биде сама. Јас ќе бидам покрај неа, секоја минута, секој ден од нејзиниот живот, затоа што таа ќе ја работи мојата работа, исто ко да е покрај мене“.
„А што ќе биде со нејзиниот Ангел – чувар?“ – праша ангелот држејќи ја писалката подготвен да запише.
Бог се насмевна: „Огледалото ќе биде доволно“.
…и така еден ден, на свет дојде малку е да се каже прекрасен дар, од два килограми, за кого докторите даваа различни дијагнози. Но таму, покрај прозорецот од луксузната болничка соба, една нова мајка стоеше исправена пред прозорецот, со рацете ја допираше раната од итниот царски рез, а погледот ѝ беше насочен кон тмурното небо исполнето со постојани електрични празнења. Ниедна дијагноза не ја прифати за прогноза, туку насмевнувајќи му се љубезно на болничкиот персонал кој одвреме- навреме ќе ѝ влезеше в соба за да ја праша како се чувствува, дали нешто ѝ е потребно, таа само понекогаш ќе побараше вода. Само нејзиното дете ѝ беше потребно да си го стави на гради како што е ред. Па така, таа во тишина почна ревносно да се моли, без прекин и беше сведок на чудо, токму како што му вети Бог на ангелот, токму на четириесеттиот ден. Таа сведочеше дека го роди својот учител.
Текстот делумно е презмен од devetmeseci.net