Пишува: Биљана Т. Димко
Двата столба на македонскиот идентитет од искона до овој миг се македонскиот јазик и црквата.
Зошто?
Затоа што Македонецот отсекогаш го имал различниот збор од сите народи околу и црквата го чувала и ширела тој збор, ако се земе предвид мисионерската заложба на Солунските просветители, светите браќа Кирил и Методија, кои се рамноапостолни, па текот на настаните кои следуваат и кои поттикнуваат македонскиот јазик со текот на времето да минува низ сите природни лингвистички метаморфози, од глаголица, кирилица, па современава азбука со 31 глас. Македонскиот јазик има неколку кодификации, составувањето на азбука за негово запишување од Константин Философ, оттука и прозлегува трактатот „О писменех“ или „За буквите“ кој сѐ уште е неисцрпен научен материјал. Неверојатно храбар потег направи Крсте Петков Мисирков кога со најостар камшик се удираше по македонскиот народен и јазичен идентитет, тој во 1903 година, во Софија ја издаде „За македонцките работи“, кој во статијата „Неколку зборои за македонцкијот литературен јазик“ пишува: „Историско-културните услови секогаш господареа во создавањето на литературни јазици, господарат тие и сега. Благодарејќи ним, во најново време се откажавме да си избереме едно од нашите наречја за наш општ литературен јазик, а наместо тоа зедовме да се учиме и да пишуваме на туѓите соседни јазици, најповеќе на бугарскиот. Благодарејќи на условите, сега ние си го избираме за општ литературен јазик централното македонско, т.е велешко-прилепско-битолско-охридско наречје
(не скопскиот дијалект, како што е вообичаено во лингвистичката јазична стандардизација), па така на 5 мај, 1945 година Народната влада на Народна Република Македонија ја усвои македонската кирилична азбука со 31 буква на македонскиот јазик како официјално писмо.
Подоцна Конески го направил „Правописот на македонскиот јазик“, „Граматиката на современиот македонски јазик“ и „Речникот на македонскиот јазик“.
Сѐ повеќе искрени историчари, книжевни историчари, лингвисти кои размислуваат со ладни глави, а не под режија на пропагандите, и не е само една, денес ги има многу повеќе кои се против македонскиот јазик. Не може некој да ми дојде дома и да ми кажува која сум јас, кога во моето семејство и интелектуално опкружување секогаш се говорело за начинот на наметнување на туѓиот идентитет и сум била директен соучесник, во даден временски период беа најжестоки егзархиската и андартската пропаганда, српските обиди беа најромантични и може да се каже по корпусот на литература дури и прифатени од поголемиот дел на народот, кој за жал беше обесправен и неписмен за да проникне каква штета си прави себеси. Па оттука ќе одговорам во стилот на децата родени во 90’: зошто мора да бидеме вакви или онакви кога можеме да бидеме свои?!
Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – оној што нема куќа се нарекува бескуќник, а оној што умрел и нема гроб – нема име (преземено од театарска претстава), а името одговара на прашањето „Кој си ти?“ Гробот на еден човек е историја на цел народ, цивилизација, па речете дека сме небитни, прашајте ги археолозите и класичните филолози што значи да се открие надгробен споменик.
Кога говорам за македонскиот јазик сум романтичарски настроена, но и бунтовна, затоа што истражувајќи го, а имам уште многу работа, се пронајдов себеси како созерцнувам „Аз буки веди глаголи добро; Јас буквите знам да ги говорам добро“, кога започнав да го истражувам демирхисарското наречје благодарение на Радован П. Цветковски (1931-2022), прво бев поделена меѓу наречјата и фолклорот во леринско поле, каде човек може непрекинато да прави јазични истражувања, подоцна демирхисарското наречје кое за мене претставува вистински бедем на македонскиот јазик, открив микро јазичен свет.
Како да се одбрани македонскиот јазик денес?
Па, Правописот, Граматиката, Речникот, книгите не служат за подметнување на маси и столици за да стојат рамно или во нив да се чуваат еврата кои ги криете за да не ви ги најдат. Кај Македонецот најубиствено е неговото народно неединство, неприфаќање на незнаењето и неприфаќање дека мора да се учи за да се разбере и сфати. Не можеме сите да заминеме во странство, некој ќе остане тука. Државата е само формулација. Не смееме да си дозволиме да ја докажуваме својата глупавост. Цел свет нѐ знае, убаво, ама кога се работи за добивка праќаат мировни сили, делегации, аташеа и ни создаваат нивни убедувања, а ние сме воодушевени од нивната слаткоречивост. Во балканските војни, во Првата и Втората светска војна апсолутно не гинеа Македонците за македонските идеали, само колку жртви дадовме низ европските граѓански војни, да, некои борци беа платени, но колкумина се вратија, колку способни мажи, колку пород изгуби Македонија и уште се прашуваме зошто сме мали под Сонцето.
Затоа, македонскиот јазик е духовен споменик и храм и не попусто се нарекува мајчин јазик, затоа што првиот збор од искона детето кога ќе се роди го слуша од мајката која го родила, а земјата – татковина, затоа што му е аманет даден на татко му да ја брани од злото кое пролева невина крв. Говорете македонски и пишувајте на кирилица.