77-годишната Доста Лазаревска минатата година истрча 5 километри на првата женска ноќна трка во Битола, „Биди Своја“. Како пример и мотивација за помладите, таа планира и годинава да трча на трката „Биди Своја“ која ќе се одржи на 15 јуни во 19:30 часот. Им порачува на сите млади да заборават на интернетот и повеќе физички да бидат активни. За Читај бе откри и што ѝ дава енергија пред да трча.
Доста, која ѝ е баба на организаторката на трката, Маја Атанасовска, е една од најголемите поддржувачи на трката заедно со цело семејство.
Читај бе: Кажете прво нешто за себе, колку години имате, со што се занимавате како пензионер…
Доста: Јас сум Доста Лазаревска, пензионер и имам 77 години. Со мојот сопруг се занимаваме со пчеларство и покрај тоа се занимаваме со земјоделство. Јас сум баба и горда прабаба на три правнуци, машкото има 14 години, едната внука има 10 години, а другата 4 години.
Читај бе: Како се одлучивте да се пријавите лани на траката?
Доста: Бидејќи се чувствував здрава, храбра и силна, а пред сè енергија ми дава медот. И плус сакав да ги мотивирам младите, кога можам јас – можат и тие.
Читај бе: Имавте ли тежок момент за време на трката лани?
Доста: Не, немав бидејќи бев премногу возбудена и среќна, не почувствував никаков замор. И за прв пат си ја осетив својата сила, благодарение на трката „Биди Своја“, сфатив дека можам да издржам на овие мои години.
Читај бе: Истрчавте до целта. Како се чувствувавте во тој момент?
Доста: Да, истрчав до целта, тоа може само да се почувствува, нема зборови да се опише.
Читај бе: Дали и оваа година ќе трчате на Биди своја?
Доста: Да, со задоволство ќе трчам и на секоја следна трка. Затоа што годините се само бројка, а духот е млад и тоа треба сите да го цениме.
Читај бе: Што им порачувате на жените, особено на оние повозрасните кога се работи за физичката активност?
Доста: Животот е многу брз, интернетот е многу застапен кај помладата популација. Млади – спортувајте, оставете го интернетот. Воздрасни, застанете со вашиот брз живот, спортувајте, пензионери продолжете со вашата насмевка и спортувајте.