Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“ кој живее на просторите на поранешната СФР Југославија, а и пошироко? Колкумина само од нив ја имаат запеано од срце потсетувајќи ги на името на нашата и славна Битола.
Оваа песна ја пееле и многу надалеку познати музички имиња како што се: Оливер Драгоевиќ, Лепа Брена, Виолета Томовска, Петранка Костадинова, дуетот Селимова-Желчески и уште многу други, а присутната публика секогаш пак им возвраќала со бурни овации и со разнежени срца бурно им аплаудирала. И не само на нив, туку и на сите оние кои и сега јавно ја изведуваат и пеат.
Да се потсетиме дека оваа песна ја напишал познатиот и заслужен наш сограѓанин Ајри Демировски (1927-2009) во есента 1944 година кога во Загреб го изучувал графичкиот занает. Носталгијата толку го притискала, но и инспирирала што тој од срце и од душа го слеал текстот и мелодијата од оваа песна, далеку од својот роден крај. Својата прва изведба песната ја доживеала на една прослава во 1950 година пред тогашниот Народен театар во Битола каде што вдахновениот Ајри ја испеал во придружба на оркестарот на Радио Битола. Оттогаш народот масовно ја прифатил оваа песна и ја слуша и пее во разни пригоди.
Еден од оние кои со голема радост ја пеел оваа позната песна бил светски познатиот тренер и фудбалски работник Миљан Миљаниќ кој бил роден во Битола на 4 мај 1930 година. Иако Битола морал да ја напушти заедно со своето семејство во 1941 година, за него велат дека секаде и во секоја прилика ја пеел песната „Битола, мој роден крај“. Тој беше човек кој многу ја сакал Битола и Македонија. Тој дури и непосредно пред својата смрт изразил желба на неговиот погреб да му ја отсвират оваа песна која тој цело време ја носел во душата и во срцето. Така, кога во јануари 2012 година го погребувале во Алејата на великаните во Белград, од капелата бил испратен кон вечниот дом со песната „Битола, мој роден крај“ а кога го погребувале во гробницата со песната „Македонско девојче“.
На погребот била собрана целата фудбалска елита од екс-Југославија. Меѓу другите биле присутни: Драган Џаиќ, Бошко Ѓуровски, Дејан Савиќевиќ, Драган Стојковиќ-Пикси и многу други. Бил присутен и легендата на ФК „Реал Мадрид“, Емилио Бутрагењо кој за Миљаниќ изјавил дека бил еден од најголемите тренерски имиња на Кралскиот клуб.
Сите оние кои го познавале Миљаниќ велеле за него дека тој не бил само голем стручњак туку и дека бил голем човек. На колкумина само несебично им помагал. И на ФК „Пелистер“ од Битола им испраќал помош од тогашниот мадридски „Реал“ каде што бил прв човек на клубот, спортска опрема (топки, дресови, копачки и разни други реквизити). Тој бил човек што се стремел кон совршенство и бил целосно посветен на својата професија. За неговите успеси постигнати на фудбалски план излишно е да се пишува зашто за него е пишувано толку многу. Ќе цитирам само еден мал дел од текстот објавен во весникот „Вечер“ од 16 април 2020 година каде пишува:
„Беше најголемиот европски експерт и теоретичар по фудбал. Неговиот збор беше закон. Чича(неговиот прекар) беше светски глобтротер (лице кое многу патува). Во ФИФА и УЕФА влегуваше како што влегува дома. Изнедри стотина тренери во екс-СФРЈ, но и во Шпанија. Славниот Винсент дел Боске рече во една прилика дека негов прв и најголем учител беше само Миљан Миљаниќ и никој друг.
Посебни симпатии имаше кон Македонија. Сакаше да дојде, да се дружи со своите овдешни пријатели, да подели некој совет, а Битола секогаш и секаде ја спомнуваше како негов град…
Приватно беше скромен, со многу пријатели, едноставен, знаеше со сите да седне и со часови да расправа за фудбалот, за тоа што најмногу го знае.
Почина пред осум години, а целата фудбалска Европа и целиот фудбалски свет, како што доликува, му се поклони на погребот.
Битолчанецот Миљан, популарниот Чича беше гигант, великан на светскиот фудбал.“
Ете така, драги читатели, ова уште еднаш нѐ потсеќа колкава важност и големина има љубовта спрема својот роден крај, која се носи во срцето до крајот на животот на човекот каде и да се наоѓа, било во самото место на раѓање или некаде далеку низ белиот свет.
Автор на текстот – Љупчо Толевски, наставник во пензија