Народен театар Битола се подготвува за својата најнова премиера, „Ако останеш дома“, работена по мотиви на оригиналот на Карој Сакони, во режија на Јован Ристовски. Премиерата е закажана за сабота 8 април 202 во 20 часот.
Според директорот на НТБ, Иван Јерчиќ, претставата тешко е да се смести во некој жанр, но најблиску би била трагикомедија со елементи на психолошка драма која вплеткува елементи на гротеска.
„На суптилен начин, во претставата се отвораат теми за кои во време на општа дехуманизација е нужно да се проговори. Ова е една претстава во која се надевам дека публиката ќе ужива и која се гледа во еден здив и верува дека ќе биде гледана, истакна Јерчиќ.
Режисерот на претставата, Ристовски, говорејќи за инспирацијата, рече дека ја пронајде во секојдневието, во она што му се случува на овој народ повеќе од 30 години и дека голем број брачни парови ќе се пронајдат во приказната за мажот и жената, кои се всушност двајца странци.
„Повеќе од 30 години ние само се препелкаме како народ, јас овој народ го гледам и го перцепирам како несреќен и сиромашен. Еден таков народ за мене како уметник не можам да го доживеам дека е добар и емпатичен, и дека кај него хуманизмот е на високо ниво, напротив, сиромашен и гладен народ е лош народ. Секогаш сиромаштијата прави лоши состојби на духот. Духот е опаднат, тоа го перцепирам од пред 30 години“, рече Ристовски.
Улогите на мажот и жената во претставата, кои се безимени со цел секој да може да се пронајде во приказната, ги играат брачниот пар, актерите Јулијана Мирчевска и Васко Мавровски.
„Претстава која зборува за отуѓеноста на луѓето. Ние сите го живееме својот живот, во трка по егзистенционалниот добра, во трка по она што ни го наметнува општеството забораваме кои сме, забораваме кој е до нас, забораваме колку е важен тој до нас. Се до еден момент, животот знае секогаш да изненади, некогаш убаво, но некогаш и неубаво, и кога во моментот животот ќе ни ги пресече малку крилјата за да можеме да одиме каде што сакаме и кога ќе останеме дома со оние кои се први до нас, сфаќаме дека не ги познаваме“, вели Јулијана.
„Јас толкувам лик, жртва на општетсвото, кој што има плус свој проблем, операција на слепо црево. Сите знаеме дека нашата болка е најголема, без разлика колку тоа изгледа смешно за околината. Всушност, во претставата, мажот желен за пари ја заборава сопругата и во еден момент имате двајца странци кои живеат заедно, а ја нема љубовта, но финалето е дека се најдоа на некоја фрекфенција“, вели Мавровски.