Кога зборуваме за Велигден, барем ние битолчани секогаш г помислуваме на козињак. На велигденската трпеза, покрај се останато задолжително се наоѓа и овој сладок леб. Нашите баби, мајки, но и новите генерации, секогаш се во потрага по идеален рецепт. А чувството кога од рерна ќе го извадите ова слатко задоволство кое опојува со миризбата, па и кога пресекот ќе биде совршен, нема поубаво чувство. Па, нели велат дека среќата е во малите нешта?
Затоа, во потрага по совршен рецепт за козињак се обративме до кој ако не, нашите пријатели, Сè за храна.
Катерина Шамбевска Спасеновска, блогер за храна и уредник на sezahrana.mk, ни го сподели рецептот за овој традиционален козињак, но печен во калап за куглоф, за во средина да може да се стават јајца. Катерина ни дава предлог за Милиброд со нејзиниот препознатлив крем фил од афионово семе, а третиот е чоколаден козињак.
Состојки:
- 1 квасец со 1 лажица шеќер, 150 мл млака вода и 2 лажици брашно
- 300 мл вода
- 300 мл млеко
- 100 мл масло
- 100 гр стопен и изладен путер
- 2 јајца
- 220 гр шеќер
- 2 ќесички ванилин шеќер
- кора од 1 лимон
- 1 кг брашно + околу 500 гр за домесување – по потреба.
Додатоци за фил – со краткo опишана постапка:
- Прв – Во целата смеса: 250 грама суво грозје потопено во 200 мл топла вода и 1 лажица екстракт од ванила (барем 30 минути, па се процедува)
- Втор – во една третина од тестото: домашен крем од семе од 100 гр афион, 100 гр шеќер, 100 мл млеко, 1 лажица екстракт од ванила, 1 лажица брашно и 1 лажица густин. Се меша ладно да се изедначи и се вари на оган со постојано мешање 10-15 минути додека се згусне.
- Трет – 30 гр ситно сечкано чоколадо во последната третина од тестото, па поделете на половина и во едниот дел ставете 1 лажица чоколадно какао, замесете и сплетете го делото со какаото и делот без какако. За одозгора, распоредете уште 30 гр ситни коцки чоколадо.
За премачкување за сите 3 козињаци:
- 1 изматено јајце.
Подготовка:
- Во сад ставете ги квасецот, шеќерот, млаката вода и брашното. Промешајте и оставете 15-20 минути да нарасне. Брашното пресејте го да е спремно.
- Во садот додајте ги сите состојки и со миксер матете го тестото 8-10 минути. Кога е убаво соединето, покријте го со најлонска фолија и оставете го да нарасне 1.5 до 2 часа.
- Нараснатото тесто ќе биде течно, но со убави меурчиња кои значат дека ќе е меко и со конци. Додајте го сувото грозје и брашно по потреба. Замесете со раце за да се оформи доста меко тесто, но да може да се работи и формира.
- За козињакот во куглоф (може и во друг калап или тава), направете 3 долги парчиња и сплетете плетенка. Ако не сакате може само да го сместите тестото, ќе биде супер и така.
- За милибродот со крем од афион, отворете правоаголна кора, развлечена со помош на раце и нанесете го целиот фил. Замотајте ролна, па завртете ја како спирала, да добие интересен изглед. Ставете да се печи во долг калап.
- Во последната третина, распоредете го со месење сечканото чоколадо, па од тестото оформете топки и ставете ги во калап. Додајте го и сечканото чоколадо за декорација.
- Готовите козињаци оставете ги да нараснуваат 30-40 минути, па премачкајте ги со изматеното јајце и печете ги 35 минути во загреана рерна на 190 степени.
Препорака на друг рецепти од Катерина: Домашен козињак и милиброд од исто тесто и Велигденска венец погача со желе бонбони.