Битолските писатели и годинава се собраа на традиционалната Роднокрајна средба, која по 21. пат ја организираше НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола. Настанот се одржа на 29 октомври 2026 година, потврдувајќи ја долгогодишната посветеност на Библиотеката кон афирмацијата на локалното литературно творештво и зачувувањето на пишаниот збор.
Средбата ја отвори директорката на НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, која ја истакна долгогодишната соработка со роднокрајните писатели, значењето на ваквите културни настани за градот, како и улогата на литературата во зачувувањето на спомените, времето и духовното наследство на Битола.

Во рамките на настанот беше промовиран и Зборникот од 21. Роднокрајна средба на битолските писатели од Македонија, посветен на темата „Тајните од битолските сокаци“. Уредничката на Зборникот и координаторка на средбата, м-р Гордана Ѓоргиевска Неделковски, посочи дека темата предизвикала голем интерес кај авторите, а во годинашното издание се застапени творби од 25 писатели.

Преку своите литературни записи, авторите ги оживуваат приказните, сеќавањата, луѓето и скриените убавини на старите битолски сокаци, оставајќи трајно сведоштво за препознатливиот дух на градот.
Пред присутните своите дела ги претставија роднокрајните автори Петре Димовски, Весна Мундишевска Велјановска, Милица Димитријевска Радевска, Мирјана Стојановска, Светлана Папачек, Илче Стојановски, Лили Бошевска, Игор Трајковски – Фоја, Јована Матевска Атанасова, Никола В. Ристевски, Маја Богоевска, Марија Трифуновска Тасеска, Дана Тембелевска, Митра Дупчинова и Аница Златевска. Творбата на Добре Тодоровски беше претставена од м-р Фатма Бајрам Аземовска.





Во Зборникот се објавени и дела на авторите кои не беа присутни на средбата: проф. д-р Зоран Пејковски, Михајло Свидерски, Христо Петрески, Ели Маказлиева, Сања Мучкајева Видановска, Божин М. Андоновски, Белинда Сипковска Гаштарова, Гордана Такец и Гордана Гравчева-Ивановска.
Свечената атмосфера на настанот беше збогатена со музичките изведби на виолинистките Наталија Николовска и Милена Марковска од НУ Камерен оркестар – Битола. Тие ги изведоа композициите „Canon in D“ од Јохан Пахелбел и „Ave Maria“ од Франц Шуберт.
Организаторите упатија благодарност до директорот и тимот на млекарницата „Лакталис“ – Битола за поддршката и спонзорирањето на коктелот.
21. издание на Роднокрајната средба потврди дека Битола има богата литературна традиција и живо творештво, а нејзините автори продолжуваат преку пишаниот збор да ги чуваат идентитетот, културата и духот на родниот град.







