dejan nasoku prikazana

Здраво, како си? Кој/а си ти? Не е важно. Безбедно е со мене. Дозволи ми да ти кажам една приказна. Приказна која што еднаш заврши, но сега повторно започнува. Приказна за патување низ темнината. После оваа приказна, нема да има другa.

Се започна како црно и бело, со седиште резервирано во прв ред во театарот на мојот мозок. Некаде по патот линиите почнаа да се размачкуваат. Нешто во ноќта тропна силно, како да се отвори врата, како ехо од минатото. Како чудовиште да ги отвори очите во мојот мозок. Затвoрањето на моите очи значеше повторно да погледнам во темнината внатре.

Погледни наоколу и ќе ги видиш. Болните, зависните, победените, мртвите. Тука лежат, се распаѓаат на полињата на темнината. Но немаат мир. Ова не е место каде мирот постои.

Сакаш да знаеш што мислам? Дека сум исплашен. Ти не си? Логично е после толку време поминато овде да не се плашам повеќе, но темнината расте. Се гради самата врз себе, станува сѐ посилна. Можеш да се обидеш да ја игнорираш, да замижеш и да не ја гледаш, но таа е таму. Секогаш на дофат. Таму каде што си најранлив. Знае дека сѐ што треба е само малку светлина за да ја видиш нејзината загушувачка моќ.

Таа е како сложувалка. Моментот кога ќе ја завршиш сложувалката сфаќаш дека тоа е само слика од тебе како сложуваш друга сложувалка.

Можеби мислиш дека сум храбар што го започнав ова патување сам. Да, го започнав ова патување како да сум Богарт во еден од неговите црно-бели филмови. Но не сум повеќе сам. Тука си и ти. И запомни, не е храброст она што ме води низ оваа темнина. Храброста значи нешто само за оние кои што се плашат од Смртта. Мојот страв продира многу подлабоко од тоа, бидејќи сфатив дека живот без загуба е живот без љубов. Бидејќи тоа е единствено нешто посилно од Смртта. Но сврти и грб на темнината и ќе ја видиш сенката што ја фрла над тебе. Што подолго се криеш од неа, толку поголема станува нејзината сенка. Тогаш се што ќе биде околу тебе е само тој кобен и горчлив мрак и чувство на параноја како некој друг го контролира твојот живот.

Во овој константо променлив кошмар, не барај контрола. Не можеш да се молиш на боговите на темнината. Тие ќе те скршат без да се двоумат. Тука нема да ги најдеш одговорите што ги бараш. Но не смееш да ги тргнеш очите од хоророт што темнината го нуди, бидејќи не можеш да го надминеш страдањето без да се соочиш со него.

Ајнштајн беше во право, времето е релативно. Да гледаш во темнината е како да гледаш во пиштол вперен кон твојата глава. Тогаш времето е забавено. Цел живот врви пред твоите очи. Ако се задржиш доволно силно за тоа чувство можеш да проживееш цел живот во една секунда.

Знаеш, најтешките борби се оние што се водат во нашата глава. Темнината не прави зделки. Нема разум. Туку е само една трула појава, декомпозиција на она добро што може да биде. Доколку дозволиш, ќе се рашире во твојата глава, во твојата душа, додека ништо не остани од тебе. Тогаш е само е прашање на време.

Една стара, но не толку позната поговорка вели дека соништата се визии од нашите спомени, мисли и стравови гледани низ нашето трето око. Дали е ова свет кој е изграден од вакви кошмари? Дали тоа е реалноста во која живееме? По оваа логика, ако мислиш дека мојата реалност е кошмар или лудило, тогаш мора да прифатиш дека можеби и твојата е исто така.

Ако е така, тогаш зошто продолжуваме напред? Кога илузијата на твоето Јас е уништена, тогаш едноставно прекинуваш да постоиш. Иако не изгледа така за другите, ќе знаеш длабоко во сржта на твоите коски дека тоа е вистина. Дека си само странец во сопствената кожа и никогаш ништо повеќе не е исто. Тоа се случува кога го слушаш гласот на подземјето. Лазејќи влегува во твојата душа и ја испушта неговата корупција и трулост.

Тоа што е траги-комично е што сите се љубопитни да видат што има позади мембраната на овој свет. Но кога ќе видат, најчесто ги затвораат очите и се преправаат дека тоа не постои. Но за оние што нема да ги затворат очите, знаат дека кога ќе погледнат длабоко во темнината и сѐ што се крие во неа, гледа продорно назад, длабоко во нас. Кога темнината ќе зборне, тогаш сѐ се менува. Домот станува страна земја, блиските стануваат странци.

Кога ќе го почувствуваш студениот, брутален, но препознатлив допир на темнината, тоа се гледа во белката на твоето око. Бескрајно страдање полошо и од Смртта. Не можеш да се предадеш бидејќи темнината нема да го дозволи тоа. Единствено што можеш е да зачекориш во дувлото на ѕверот, да го погледнеш во очи и да го прегрнеш како стар пријател.

Затоа никогаш не смееме да се откажеме од таа внатрешна војна. Мора да продолжиме напред без разлика на страдањето и да не заборавиме што значи да го гледаш светот низ очите на дете, каде што секој есенски лист е уметничко дело, секој облак е знак за надеж на повидок. Каде секој ден е нова приказна. Бидејќи дури и во темнината постојат чуда и убавина што светот никогаш не ги напушта. Откровението на ова лежи во нашите спомени, во чувство кое мислиме дека е минливо, во песна, во допир од саканата личност. Тие се секогаш таму, само чекаат да бидат видени.

Автор: Дејан Нашоку

Како времето влијае на спиењето и одморот
Промените во температурата, воздушниот притисок, влажноста на воздухот и врнежите влијаат врз …
Совети за детоксикација на Вашиот живот
Вашата околина е еден од најважните фактори за вашите хормони, како и …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…