love 1751071 1280

Тежината на животот од аголот на ноќта е грозоморно неподнослива, а пак набљудувајќи ја од аголот на денот таа е скапоцено благородна. Веќе и на птиците кои летаат по синото небо им е јасно дека љубовта е најубавата работа која може да му се случи на човештвото.  Би додал и најголемата…но неопходно е да се провлече тука и едно доста млитаво прашање: „Како таа најубава работа  да му се случи на човештвото?“

Едно попладне после предавањата на факултет отидов во еден млечен ресторан којшто се наоѓаше во центарот од градот. Долго време не сум спиел убаво, а тоа веќе почнуваше да се одразува и на моето здравје, сè околу мене ме иритираше, дури и најмал шум. Имав обичај, но и за да се заштитам од озборувања, на јадење секогаш одев сам. Беше околу  шеснаесет часот, внатре имаше неколку студенти, кои седеа во група и нешто разговараа, додека ја буричкаа храната низ чиниите и по малку потпивнуваа од минералната вода.

Не бев воопшто осамен, но сакав да бидам сам, да пловам низ моите размислувања. Така ја доживував онаа слободна слобода. Кога бев сам можев да размислувам за што било и притоа да не бидам прекинат од никого. Мислам дека таа самотна слобода е единствениот рај на земјата.

Можеби бев обичен младинец и имав обични размислувања, но имав благородна идеја, сакав да помогнам светот да стане поубаво место и секогаш кога ќе помислев на ова мораше да ми се најде нешто на патот кое само по себе врескаше и толку многу беше банално или инаетливо. Светот не го прават поубав замоците, палатите, мостовите, ниту спомениците, тие само го украсуваат, убавината на светот е онаа која се наоѓа во чудото од човечкиот разум и мекоста на неговото срце, тоа е суштинското. Но – тоа беше само во мојата глава, никаде на друго место не можев да го видам освен внатре.

Во животот најголема е болката која произлегува од знаењето, кое во светот е толку мало, па затоа напредните луѓе како да се осудени да бидат несреќни.  Додека така седев во ресторанот, понекогаш ќе шмркнев од долгото еспресо и ќе поткаснев од  вишновиот колач, но тоа го правев механички, да не знаев што е, никогаш немаше да го откријам вкусот, бев целосно исклучен од она што се случуваше  околу мене. Го прелистував дневниот печат, имав обичај да ги разгледувам сите дневни весници, можеби затоа што кај нас не беа многу- само три…ништо занимливо не ми ја одвлече мислата од мојата тага кон овој жалосно поставен систем. Затоа ги затворив, убаво ги здиплив и ги наместив на крајот на масата. Шмркнав од еспресото, уф, беше ѓаволски горчливо. Прозорецот токму гледаше во улицата каде минуваа врвулица луѓе, сите со своја приказна, но скоро сите ги мачат исти проблеми, најчесто љубовниот живот и парите. Отсекогаш имало несогласување и недополнување помеѓу овие две работи, можеби затоа што и двете му се очајно неопходни на човека.

Најмногу ме нервира кога седам на некое мирно место и одеднаш ќе се појави некој како ураган, ќе ја тресне силно вратата или ќе се расправа со некого, не е важно, ненадејната врева страшно ме иритира, а пак постојаната како да ме води во некоја луда брзина од која не може да се извлече жива глава. Тишината е света работа, со неа мислите полесно течат и нема појава на тахикардија.

И овојпат мојот храм на мир беше прекинат од едно прекрасно зеленооко суштество. Кое наеднаш се втурна кон масата каде се бев сместил можеби некаде пред околу час време.

– Прости, јас секогаш седам тука, ако ти пречам можеш на другата маса,- тоа ми го рече без трошка срам.

Убаво ја погледнав, се трудев да изгледам пријателски, сепак  покрај чудниот нарав таа навистина беше прекрасна и сигурно интелектуалец, со себе носеше куп книги.

– Радо би ја делел оваа маса со тебе, и јас секогаш седам тука. – Не, не сакав тоа да го речам, сакав да и се извинам и да си отидам, тие зборови ми одлетаа самите без никаква контрола од мојот разум. Не е можно.

– Во ред.- Само тоа ми го рече и се задлабочи во една голема книга. Како да потона во некоја вакуум тишина, ни глас, ни шум. Воопшто не забележуваше дека јас цело време ја набљудувам или пак само се правеше така. Келнерот ѝ го донесе чајот од јаболко, со цимет, не го сакав тој мирис, ме потсетуваше на мувла. Тогаш таа ја крена главата и забележа дека ја гледам, само ми се насмевна.

– Прости, ти пречам? –таа почна прва.

– Воопшто, а јас тебе?

– Па, непријатно ми е цело време гледаш во мене, ко да сум некој чудак.

– Многу си убава.- Не верував дека можев ова да го сторам, ало, каде е мојот разум.

– Ти си луд. – Се насмевна срамежливо и ја нурна главата во книгата, сега малку пониско.

– Знам. А ти знаеш дека навистина си убава?

Ја зеде книгата и чашата чај и се премести на другата маса, ниту ме погледна. Колку и да беше паметна сепак беше жена, лесно се купува со куп комплименти, но работата беше во тоа што овојпат таа лесно ме купи, со врева и тишина, моќна комбинација.

Не беше лута, но се срамеше, го забележав по нервозното тресење на левата нога и вкочанетиот став, воопшто не правеше никакво движење, се обложувам дека ниту читаше, туку зјапаше во буквите и се прашуваше од која планета сум паднат.

Се освестив, претерав. Ми пречеше овој синдром на директност и живеењето во свој замислен свет, никогаш не ми беше цел да бидам нападен, туку искрен и секогаш испаѓаше обратно. За голем срам бев.  Решив да си заминам. Станав и тргнав  кон вратата, излегов  надвор. Полека бесшумно ја затворив и продолжив по улицата, врвулицата беше намалена, но сепак имаше врева. Одев полека и размислував што да правам вечерта, не ми се излегуваше, а ниту пак можев да седам помеѓу четирите ѕида од мојата соба. Сакав да одам в театар, но се двоумев, затоа сепак решив да се прошетам низ паркот, па потоа нека биде што сака да биде. Тоа не го очекував, иако не реагирав, сепак нозете  ми се стресија, некој ме потапка по рамото. Тоа беше зеленооката девојка.

– Ме пратиш?

– Да. – ми се насмевна.

– Убаво.

– Ги заборави весниците.

– Не е важно, не ми требаат.

– Да ги фрлам? – ме праша.

– А зошто да ги фрлиш?

–  Па не ти требаат.

– Па ако не ми требаат тоа не значи дека треба да ги фрлиш. Дај ми ги, ќе ги искористам за нешто. – Посегнав со раката да ѝ ги земам.

– За што ќе ги искористиш? – ама беше упорна.

– Ќе виткам шишиња со домата – стресив од ракав.

Имаше прекрасна насмевка. Сакав да ја земам со себе и да бегам.

– Дефинитивно ти си луд, – таа ми се смееше мене в лице.

– Па и ти си.  Тие весници се од ресторанот, јас само ги зедов да ги разгледам, а ти ги зеде со себе, технички – ги украде.

– Боже! – викна гласно. – Не е можно, доаѓај со мене да ги вратам…- ми ја тргна раката и ме свлечка буквално повторно во ресторанот, му ја раскажа на келнерот целата приказна околу весниците и конечно излеговме надвор.

Само гледав во нејзиното лице, ништо не кажував, сакав таа да биде прва, но со неа би ја делел и таа луда тишина.

  • Студираш? – ме праша.
  • Да.
  • Што?
  • Философија.
  • Знаев. – ме чукна силно по плеќите.
  • По што?
  • Премногу си директен и див.
  • Интересно,  а ти шо студираш?

Ми ја покажа книгата која ја читаше во ресторанот ,, Бетонирање”.

  • На градежен си?
  • Архитектура. – тоа го рече со посебна гордост, веројатно ги сакаше студиите многу, додуша студентите на архитектура имаат комплекс на висока вредност – но не го признаваат, во секој случај, умеат да бидат забавно друштво.
  • Супер. – немав што да додадам, бев изненаден.

Во тој миг започна моето животно страдање, кое трае и до ден денес. Иако со текот на годините  се намалило, но сепак не ја изменило формата, тоа е сѐ уште страдање. Таа девојката од ресторанот, со зелени крупни очи, раскошна насмевка, таа прекрасна  убавица, само за миг влета во моето млитаво и монотоно постоење и испари невидливо, само за да ме разбуди од сонувањето и да ме натера да ја барам во сечии очи кои ќе се вперат во моите.   После неа открив дека не е тешко да се сака, туку што се сака. Жената на мојот живот, речено со речникот на романтичарот, беше таа. Таа со зелени очи, беше пријатна глетка во моите очи. Се трудам да опстојам со мислата дека она што не дели нас двајцата е само една обична дупка во времето која се појавила оној миг кога таа го повика таксито. Знам, се лажам, но само така страдањето е подносливо.

Полека поминуваат години, можеби ќе ми помине и цел живот, но неа не би ја заменил, уште срцето ми тактира по нејзиниот од, уште се смеам кога ќе помислам на нејзинат срамежлива насмевка.

Би тргнал да ја барам, можеби некаде случајно повторно ќе ја сретнам, но верувам дека случајноста не постои, во тој случај би постапил спротивно на моето верување и разум, а и не сакам да си задавам дополнителна тага, доволно ме разнебитува оваа светска тага плус и таа, тогаш би се рушил како кула од карти. А овде, од друга страна, без никакво залажување оваа моја разумна болка ме убива, од петни жили ми вреска и ми наредува да ја барам, макар да треба да го преместам секој земјин камен.

Си ги подготвувам нозете, тие треба да тргнат, но зошто воопшто го слушаат разумот!? Па тој не е секогаш разумен, ајде тргнувајте!

Важна лекција од мојот живот која е јасна ко ден: не мисли дека стоиш исправено, силата на ветрот може да биде појака од твојата стабилна положба. Во случајов, бев срушен, израмнет со самата земја, само таа беше клучот за моето воскресение. Но попусто е, не знам повеќе дали сум вљубен во моето пропаѓање или во неа или можеби во тоа што страдам поради моето вљубување во неа. И сè се одигрува околу суштината дали е поподнослива лудата тишина или самотијата.

Автор на расказот: Биљана Т. Димко

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…