boris

На денешен ден, 15 јуни е роден Борислав Траиковски (1917 -1996), ликовен уметник чии дела ја отсликуваат повоената човечка експресија низ формите и темните контури.

dlup 10

Јас сум само љубител на ликовната уметност, кој гледајќи ја сликата сака да пронајде дел од себе. Во делата на Траиковски, гледам акцент на себство. Пејзажните слики од денешен аспект ми се идилични и топли,  а делумно имаат и некоја нетрпеливост која ги соединува со сегашново виулично време, колоритот ми е меланхоличен, но има некоја острина во потегот која дава надеж дека сепак времето е круг, кога –тогаш уметникот ќе се врати за да додаде некој нов потег, а всушност секој потег ја навестува инстант иднината која денес ја живееме.

Уметникот Траиковски целиот животен и творечки век го поминал во Битола. Неговите слики ги создавал во ателјето во Бистрица, битолско, во рурална средина, така што  во неговото творештво се акумилирани глетките и доживувањата на пределите и пејзажите кои преку контеплативен процес го обединувал интуитивното и умственото – ги сликал своите внатрешни претстави за природата и големите прашања за човекот,животот и светот во фигуративните слики, во сликите – идеи и сликите – медитации.

Она што е особена својственост за сликарскиот опус на Траиковски, посебно за неговите најрепрезентативни сликарски серии како што се сликите идеи, водените, втонатите и имагинарните светови, необичните фигуративни слики, но и пејзажите, е стопување на она што е мотив во сликата.

Она што го прави писателот со зборовите, Траиковски го слика низ формите, го дефинира низ контурите.

Васко Ѓеоргиев, дипломиран вајар и претседател на ДЛУБ дава можност како да се гледа ликовното творештво на Борислав Траиковски, од аспект на 21 век, од новото време:

Борислав Траиковски (1917-1996) еден од доајените на современото македонско сликарство кој зад себе остави повеќе од 40 години творештво. Тој е еден од основачите и прв претседател на ДЛУБ, член и секретар на групата ВДИСТ и член на ДЛУМ. Неговите експресионистчки дела се препознатиливи по употребата на силната, црна контура, одраз на неговата горчина кон културната запоставеност и рамнодушност, која за жал постои и денес. Неговиот Сезановски потфат е дa го остави почетниот успех во културните средини во Белград и Скопје и враќајки се во Битола да го направи своето ателје малку подалеку, односно во Бистрица. Делумното оддалечување од случувањата во големите центри му носи плоден и интензивен период каде неговото творештво постојано носи нешто ново. Комбинацијата од академските искуства, современите проблематики и народната духовна оставина се одразуваа во неговото творештво, без да ја задушат неговата силна имагинација.  Уште со првата самостојна изложба во Битола (1952), каде изложува мал број портрети, пејзажи и мртви природи покажува дека неговиот уметнички интерес ќе биде насочен кон Личноста – човекот, просторот-средината и времето во својата минливост и вечност. Неговите дела  и покрај експресионистичките решенија, носат во себе огромна симболика. Тие се како поединечни амблеми составени од мал број строго избрани елементи, кои како да се обидуваат да го напуштат тесниот недефиниран простор. Интензивниот колорит и слојните наноси на  материјалот ја засилуваат уште повеќе физичката присутност на делото како некој ѕид или ткаенина.

Секое дело на секој голем уметник бара посебно внимание и толкување, затоа би издвоил едно за прилогов кој е можеби најсоодветен пример за универзалноста на уметничкото дело и тоа како ги надминува просторно-временските граници.

„Портрет што се бара“ од 1986 година е слика која претставува стилизиран црвен профил, сѐ уште неоформен, затворен во црни контури на портокалеста позадина. Црвениот профил како во молитвена положба трпеливо се противи на црнилото кое го подјадува.  Едноставноста на делото потсеќа на денешните „икончиња“ од разните апликации на нашите телефони. Делото како да е предвестување на сѐ поголемиот замав на информатичката ера, кога од деведесетите натаму влегува во процеот на глобализаиција преку Светската мрежа(www). Сѐ поголема и побрза размена и достапност до информацијата и информираноста. Но, каде е Личноста, во сета таа брзина, размена и информираност и нејзината интимност? Дали има простор и време за Таа да се пронајде, созрее и оформи? Траиковски го согледува прогресивното обезличување на човекот и на уметноста и преку својот препознатлив начин насочува кон одговорот. Тука говори неговото долгогодишно искуство на патот што го оди без компромис. Преживеал неблагодарни времиња за културниот и духовниот живот и е сведок на постепеното распаѓање на долготрајни политички системи. Во ерата на технолошкиот напредок и културното лицемерие и декаденција, следејќи глобални модели со сомнителна позадина, можеби треба да се бара повеќе во сопствената средина. Траиковски без да го исклучи стекнатото надворешно знаење се навратил кон традицијата на сопственото поднебје. Денес тој е дел од таа традиција и  тоа поднебје и  неговото дело сѐ повеќе ќе остава трага во секојдневната културна рамнодушност “.

За ликовниот уметник Борислав Траиковски имаат пишувано реномирани историчари и критичари на уметност.  Ликовните дела на Траиковски се дел од трајната поставка на националната галерија.

Друштво на ликовни уметници – Битола е формирано во 1974 година, во него членувале и се членуваат најеминентните македонски ликовни уметници кои рамо до рамо се до светските уметниците. 

Така и настана соработката со порталот Читај бе и ДЛУБ, со цел јавноста што повеќе да дознае за македонските ликовни уметници  – и за возрасните и за младите, бидејќи секоја генерација изнедрува уметници кои го носат бремето на општеството, но и на индивидуален план.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Ајри Демировски ја напиша омилената песна на Миљан Миљаниќ

Има ли некој кој ја нема слушнато песната „Битола, мој роден крај“…

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Јазикот е душата на народот – Марија Недановска Пискачева за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик

Автор: Марија Недановска Пискачева, наставник по македонски јазик На денешен ден, 5…

„Скокнав од работ на совеста и нурнав во вртлогот на забрзаниот крвоток“ – денот на поезијата го одбележуваме со стиховите на Силвана Нешковска

На Светскиот ден на поезијата беше промовирана збирката поезија „Првата половина“ од…