Психолошките четива се секогаш актуелни, затоа што во нив може да се најдат одговорите на апстрактните животни прашања. Секое време си има одредена стапка на стрес, со кој човекот мора да се соочи за да порасне во емоционално зрела личност. Една од неприкосновените алатки за образование на духот е читањето.
За таа цел, Софија Пуровска, ученичка во СОУ Гимназија „Јосип Броз – Тито“ – Битола ја препорачува книгата „Емоции што разболуваат и лекуваат“ од Билјана Велковска:
Што е она кое постојано ве измачува, несвесно ве копка во вашето заткулисно бунарче. Зарем сте се прашале, зошто кога нашата душа е уморна, нашето тело кажува НЕ? Па одговорот на тоа е во една светла точка која се отвора со користењето на нашето око. Каде да се скриеш, каде ли да преноќиш, а зошто и да не останеш на гости? Најтоплиот домаќин кој ќе ве пречека со силно отворени раце е правилната книга, која го пали каминот во нашето душиче.
Како и што кажува нашата драга писателка: ,,Книгата ги осветлува двете страни на паричката наречена човек”. Од еден аспект, човековите чувства се тешки и субјективни за дефинирање, но што ако застанеме за миг, седнеме со нив и ги прашаме: ,,Па,што ве поттикнува вас, што можам да направам за да ви помогнам да бидете подобро?”. A другото прозорче на вратата е физичкото функционирање и здравјето, што традиционално и погрешно се разгледува одделно од емоционалниот живот. Кај оваа книга многу убаво и детално се објаснуваат сите физички појави, стресови, анксиозности кои се појавуваат при слабо психичко здравје, а и обратно што се случува во нашата глава и како тоа влијае како исход на физичкото здравје.
Психосоматиката е начин да се покаже дека чувствата и мислите можат да нè разболат на мноштво начини, што дефинитивно не се само ,,во нашата глава”. Таа наука го проучува тандемот на емоциите и телото. Совршен спој, а можеби и не баш?….
Дефинитивно оваа книга е мојата голема љубов. Ја препорачувам на сите оние кои сакаат да излезат на сцена и да ја отворат завесата на внатрешното сценарио на нашето битие.
Оставам на ваш избор да ѕирнете во човекото битие и да ги осознаете многубројните процеси поврзани заедно во едно и повеќе симптоми.
,,Каде што живее спокојот, таму престојува насмевката” – С.Пуровска