За жал во училиште не нѐ учат како да владееме со себе и со своите емоции. Од нашите родители – можеме да ги усвоиме нивните начини на ‘владеење’ со емоциите. Така што – неопходно е ние самите да научиме во животот како да се справувавме со сопствениот емоционален живот.
Дали некогаш ви се случило нешто да направите или кажете кога сте изнервирани, па потоа многу да се каете?
Дали некогаш сте пратиле порака во афект и веднаш потоа сте зажалиле?
Дали некогаш поради страв ви се случило да пропуштите некоја прилика – на работа, во приватниот живот?
Ова се само некои примери кога емоциите владеат со вас, а не вие со нив.
Во продолжение 5 стратегии за ефикасно управување со емоциите.
- Преземете одговорност за своите емоции. Никој не може да нѐ налути или растажи. Ние тоа сами си го правиме. Нѐ растажуваат нашите мисли за одредена ситуација или личност, односно начинот накој сето тоа го доживуваме. Никој – освен ние самите не е одговорен за нашите емоции, иако нас може да ни се причини ко да сме марионети во нечии раце. Секако, ние имаме влијание еден на друг, особено на блиските луѓе, ама крајната одговорност за тоа што го чувствуваме е само наша. Еден добронамерен совет – немојте да велите „ме налути“ – туку „јас се налутив“. Ова е важно, затоа што со оваа промена во изразувањето, вие преземате одговорност за она што го чувствувате.
- Кога ќе почувствувате силен бес, пред што и да направите – паузирајте. Прошетајте. Вдишете длабоко. Почнете нешто да работите. Одете во бањата и измијте се. Под влијание на силен бес, нашите постапки често се погрешни. Затоа битно е да го намалиме бесот за да имаме моќ правилно да расудуваме.
- Место само да броите до десет, поставете си некои од прашањата: „Која е мојата цел во оваа ситуација?“ „Како сам/а на себе си правам проблем?“, „Што чувствувам моментално?“, „Како е најпаметно во моментов да постапам?“
- Станете свесни: не само за тоа каква емоции чувствувате, туку и зошто ги чувствуавте, односно кои ваши мисли ве доведуваат до тие емоции. Следниот чекор нека ви биде – какви други мисли може да имате во дадената ситуација, а не би довеле да се чувствувате непријатно? Пример: Човекот кој е пред вас, на касата во маркетот, што се истурка да биде пред вас, имал тежок ден на работа, можеби има болно или само дете – па брза да стигне дома .
- Напишете писмо кое никогаш нема да го испратите. Ова е техника која ја практикувал американскиот претседател Абрахам Линколн. Целта на оваа техника е да се искажат емоциите со помош на пишување, така што се исфрла емоционалниот набој кој го чувствува личноста.