Паричка во лепче за Василица се става во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија. Имено, Св,Василиј беше епископ на Кесарија во Мала Азија и живеел единствено со своите сограѓани во љубов, рaзбирање и помагање еден на друг.

Еден ден, кога Јулијан Отстапникот, нечесен цар и гонител на Христијаните, сакаше да оди за Персија и да војува со Сасанидите, тој помина близу Кесарија. Тогаш св. Василиј, кој добро го познаваше, бидејќи беа соученици во Атина, излезе заедно со народот да го пречека и почести. Јулијан побара дарови, очекувајќи злато и скапоцености.

Но, светиот немаше ништо друго, освен три леба од јачмен, кои му ги принесе на злобниот цар. Треба да се знае дека тој не принесе скапоцености, бидејќи не сакаше да даде нешто повредно, туку бидејќи мнозинството на жители во Кесарија беше навистина сиромашно. Кога го виде тоа, Јулијан им нареди на своите слуги да соберат трева од ливадата и да му ја дадат на епископот за возврат.

Тогаш светиот праведно му одговори на Јулијан: „Ние, цару, откако ни побара, ти принесовме од нашата храна, па и ти, очигледно, ни возврати од тоа што и самиот го јадеш.“ Кога ги слушна овие зборови, Јулијан многу се налути и вети дека кога ќе извојува победа во Персија, ќе се врати во Кесарија, ќе го запали градот и ќе ги пороби неговите жители, а Василиј ќе го награди со иста мера.

Поради тоа, св. Василиј побара од народот да го соберат сето злато што го имаат и да го зачуваат некаде, за да му го дадат на среброљубивиот Јулијан кога ќе се врати, па така, можеби, да го намалат неговиот гнев. Исто така, епископот им наложи на Христијаните да постат и да се молат, додека не се врати Јулијан.

За време на богослужбата, светиот имаше небесно видение: Пресветата Мајка Божја, носена на ангелски престоли, нареди да го повикаат маченикот Меркуриј и го испрати со војска од ангели против Јулијан, непријателот на нејзиниот Син. Тогаш го виде и св. Меркуриј, вооружен и јавнат на коњ, како заедно со ангелските војски, тргна против безумниот цар и го уби со своето копје.

325405766 3004450399700555 1296407013260534618 n

Освестувајќи се од ова видение, св. Василиј, во придружба на неколку клирици, побрза во храмот на свети Меркуриј, кој сто години пред тоа имаше пострадано во Кападокија и видоа дека од храмот беа исчезнати неговите мошти и копјето, кои таму се чуваа. Подоцна дојдоа во градот вести дека Јулијан е убиен. Всушност, тоа што го виде великиот Василиј, беше токму тоа, што во истиот миг, навистина се случи на едно место недалеку од Кесарија.

Така се спаси градот Кесарија. Но, тогаш свети Василиј се најде во многу тешка положба. Требаше да го подели златото, кое граѓаните го собраа за да се избават од гневот на Јулијан, но таа поделба да е праведна, односно, секој да си го добие своето. Се помоли светителот и Бог го просвети што да направи.

Тој ги повика своите ѓакони и помошници и им рече да замесат лебови и во секој леб да стават по малку од златните предмети. Кога лебовите беа готови, епископот ги подели како благослов на сите жители на градот Кесарија. Во почетокот сите се зачудија, а потоа нивното изненадување стана уште поголемо: кога секое семејство го пресече лебот, во него најде злато, но не било кое, туку токму она што му го имаше дадено на својот епископ.

Така значи, со тогашната „василопита“, св. Василиј им донесе и благослов на луѓето и радост заради избавувањето. Оттогаш и ние, на денот на свети Василиј, 14 ти јануари, познато како Василица или Стара Нова Година месиме мазник и внатре ставаме златник,или паричка, во спомен на чудото, кое се случи во Кесарија.

Извор: Православие.мк

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Џепането како културен, историски и рекреативен центар – Магистерски труд на Искра Јовевска од Битола

Продолжуваме со презентирање на магистерските трудови изработени од 6 млади архитекти од…

ООУ „Ѓорѓи Сугарев“ Битола го доби признанието за Најдобра установа од областа на заштитата, образованието и рехабилитација на лицата со попреченост

Фондацијата ,,Професор д-р Љупчо Ајдински”, а на предлог на Сојузот на специјални…

Промоција на две книги од авторката Билјана Андоновска во Бигорски манастир

На 16 април, на празнувањето на Лазаревото воскресение, авторката Билјана Андоновска од…

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…