Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј “ од Битола го промовираше составот на Меѓународниот управен одбор за 42. издание на светската детска ликовна колонија Мал Битолски Монмартр 2023 година, како и 41. издание на светската детска ликовна изложба и конкурс “Битола”.
Одлуката беше донесена на 1 Ноември 2022 година, но се чекаше на потврда од сите членови и нивна акредитација. ДЛС оваа Одлука ја донесе во контекст на апелот за спас на ДЛС откако МОН по 30 години без образложение ја прекина поддршка кон 55-годишната организација.
„Имавме реакции на нашиот допис од Премиерот и Претседателот на Македонија. Од кабинетите ни беше ветено дека ќе побараат МОН да се изјасни, а ние јасно стоиме на ставот дека постапката ќе мора да има и правна завршница. Но тоа не значи дека најголемите брендови на ДЛС – светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола” во своето 41. издание и светската детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр” во своето 42. издание за 2023 година ќе ги оставиме на нечија немилост.
Согласно сите писма за поддршка ние решивме манифестациите да ги издигнеме на поголемо – меѓународно ниво и Одлуките да ги носи Меѓународен управен одбор во состав од 15 членови. И тоа го направивме со огромна благодарност кон сите членови.” – истакна Елена Хаџи-Антоновска – претседателка на ДСЛ Свети Кирил и Методиј Битола.
За 2023 година, според најавите, Малиот Битолски Монмартр ќе има рекорден број на посетители – учесници, а на изложбата – конкурсот “Битола” исто така неверојатна цифра на пристигнати уметнички дела од млади ликовни уметници – таленти кои веќе пристигаат во Битола. Една половина од светската популација застапена во првиот Меѓународен управен одбор на Мал Битолски Монмартр за неговото 42 издание во 2023 година.
„Факт е дека за светската детска ликовна изложба и конкурс „Битола” која во 2023 година ќе го има своето 41 издание најавени се и очекуваме рекордни 700 пратки од исто толку школи – приватни и државни од над 70 држави кои ќе генерираат над 30.000 детски ликовни уметнички дела. И таа цифра не не плаши, но селекцијата значително ќе е пообемна и решивме да ја вклучиме целата меѓународна заедница која нашиот основач – ликовниот педагог Коста Хаџи-Антоновски своевремено ја креираше и која низ годините растеше и прерасна во единствена и уникатна.
Воедно кога очекуваме над 30.000 детски ликовни уметнички дела при разговори со Меѓународниот управен одбор констатиравме дека сосема е логично да ја зголемиме и цифрата на земји кои ќе имаат награда „учество на МБМ” па планот е не да поканиме 20 ами 50 екипи од исто толку земји.” – истакна претседателот на Управниот одбор на ДЛС Славчо Неделковски кој потенцираше дека аспектот организација и реализација останува дискреционо право на домаќинот, а одлуките ќе се носат од страна на МУО.
Ова е прв пат во над 4 декади Малиот Битолски Монмартр во организациониот сегмент да има Меѓународен управен одбор и истиот од страна на ДЛС ќе биде претставен и пред УНЕСКО кон мисијата за целосна заштита на брендот и на глобално ниво.
Меѓународниот управен одбор за 42 издание за МБМ е во следниот состав:
Претседател на МУО на МБМ – Хенри Лау – Кина
Претседател на МУО на МБМ – Ширли Сиегал – Израел
Член на МУО на МБМ и Претседател на Меѓународната жири комисија – Теодолина Паскоал – Португалија
Член на МУО на МБМ и Член на Меѓународната жири комисија – Вејсел Аџар – Турција
Член на МУО на МБМ и Член на Меѓународната жири комисија – Мариа Дима – Романија
Член на МУО на МБМ и Претседател на комисијата за мастер класови – Вселовод Романков – Русија
Член на МУО на МБМ и Претседател на комисијата за развојни програми при ЕУ и УНЕСКО – Милен Врабевски – Бугарија
Член на МУО на МБМ и Член на комисијата за развојни програми при ЕУ и УНЕСКО – Алдона Кацмарчук Количка – Полска
Член на МУО на МБМ и Член на комисијата за развојни програми при ЕУ и УНЕСКО – Славко Зупан – Словенија
Член на МУО и МБМ и Претседател на комисијата за нови медиуми во уметноста – Жанет Кубалова – Словачка
Член на МУО на МБМ и Претседател на комисијата за соработка со азиските земји – Киран Кансара – Индија
Член на МУО на МБМ и Член на комисијата за соработка со азиските земји – Ченг Јео Чуе – Малезија
Член на МУО на МБМ и Член на комисијата за соработка со азиските земји – Китипонг Тхаммаван – Тајланд
Член на МУО на МБМ и одговорно лице за соработка со земјите од регион Балкан– Марта Ѓориќ – Србија
Член на МУО на МБМ и одговорно лице за проекти за ликовни таленти од претшколска возраст и ученици со посебни потреби – Рузмира Бекирај Бејај – Албанија