Пишува: Дејан Нашоку
Некогаш изборот беше чин. Денес е рефлекс. Порано одлучуваше со совест, сега со палец. Избираш — но не затоа што знаеш што сакаш, туку затоа што некој ти понудил листа. Изборот денес не е слобода, туку услуга. Ќе ти ја донесат до дома, со насмевка и потпис.
Секој човек мисли дека управува со сопствениот живот. Но ако тргнеш по трагите, ќе видиш дека сите патишта водат во ист центар — во местото каде што одлуките веќе се направени за тебе. Ти останува само да ги потврдиш. Со лајк, со глас, со клик, со тишина.
Слободата се претвори во бренд. Постојат разновидности, нијанси, вкусови, но рецептот е секогаш ист. Ти дозволуваат да избираш помеѓу верзии на истото — затоа што така изгледа демократски. Дури и револтот има лиценца сега. Илјадници бунтови на продажба, уредно спакувани со инструкции и повратна политика.
А народот? Тој се смири. Не од среќа, туку од замор. Одлучи дека е подобро да се биде задоволен отколку слободен. Слободата бара мислење, бара отпор, бара напор. А ние сме цивилизација што се уморила од размислување и одговорност.
Го заменивме изборот со впечатокот на избор. Сè што правиме е да избираме меѓу сенки, уверени дека така управуваме со светлината. Политиката е телевизиско шоу со различни костими и исти сценарија. Медиумите се огледала што нè уверуваат дека изгледаме добро во сопствената заблуда. И секој зборува за „гласот на народот“, а никој не се сеќава кога последен пат тој глас звучеше искрено.
Човекот денес ја мери слободата во понуди. Колку повеќе има избори, толку повеќе се чувствува слободен. Но вистинската иронија е дека никогаш не сме имале повеќе избори — и никогаш помалку влијание. Живееме во свет каде што можеш да избереш сè — освен да не учествуваш.
Некогаш диктатурите го ограничуваа зборот. Сега, го даваат бесплатно — зашто никој веќе не слуша. Сите зборуваме, но никој не комуницира. Гласовите се множат, а вистината се разредува, а и навредува. И не ти треба полициски час кога луѓето доброволно се затвораат во своите кафези од алгоритми и удобни и утешителни лаги.
Понекогаш мислам дека човекот е најсреќен кога не мора да одлучува. Кога му сервираат лага, топла, подгреана и лесна за варење. Мислењето денес е услуга на побарувачка. Мораш само да избереш од кој бренд сакаш да ти ја испорачаат.
„Слободно мислење“ — со мала месечна претплата и услови за користење.
Модерниот човек стана совршен роб. Секој носи свој мал затвор — во џеб, во глава, во убедувањата што не ги избрал сам. И најтрагично од сè — никој не се жали. Затоа што сите веруваат дека се слободни.
Денот доаѓа донесувајќи дилеми. Душата држи документи од дамнешни должности, додека државите, докторите и догмите дискутираат дали достоинството е дефект. Демократијата делува декоративно, дизајнирана да дели, не да донесе доверба. Долгите дискурси за достоинство завршуваат во договори, додека догмата дефинира дека двоумењето е дезертерство.
Детето, допрено од дигитални детонации, добива дефект пред да добие детство. Духовноста — деактивирана. Дијалогот — декласиран. Дури и добрината денес делува како делириум во доба на дехуманизација. Декаденцијата доби дизајн, дисциплина и дистрибуција.
Доволно, нели? Нè држат длабоко дезориентирани, додека доброволно донесуваме договор за доживотна деградација.
А можеби тоа е најсовршената контрола од сите — да го убедиш човекот дека самиот ги направил своите синџири. Да му дадеш избор на бојата, на должината, на цената. И кога конечно ќе го прифати, да го натераш да се гордее со тоа.
Да, имаме избор. Можеме да избереме што ќе купиме, во што ќе веруваме, кого ќе обвинуваме. Можеме дури и да избереме во која насока ќе пропаднеме. Само едно не можеме — да одбиеме да учествуваме.
И додека светот гордо ја носи својата маска на слобода, ја гледам сенката под неа — и се насмевнувам. Бидејќи вистинската измама не е во тоа за што нè лажат. Туку во тоа што одамна сме престанале да бараме вистина.
Признавам — има нешто убаво во тоа кога луѓето мислат дека се слободни додека маршираат во круг. Барем е симетрично.








