И покрај исклучително топлиот августовски ден, Стрежевската акумулација денес беше исполнета со спортски дух, натпреварувачка атмосфера и добро расположение.
На локалитетот „Втора Црвејнца“ се одржа јубилејното 30. издание на Балканскиот куп „Битола 2026“ во спортски риболов, во организација на ЗРРЕСК „Црна Река 1929“ – Битола, со поддршка на ЈП „Стрежево“.


На натпреварот учествуваа риболовци од Македонија, Србија и Црна Гора, кои се натпреваруваа во дисциплината „лов на риба со јадица на пливка“, во поединечна и екипна конкуренција.
Високите температури беа дополнителен предизвик, но не ја намалија борбеноста и желбата за што подобар резултат. На брегот на Стрежево се водеа фер и спортски натпревари, но и се создаваа нови пријателства и спомени.



30 години традиција се многу повеќе од еден натпревар. Балканскиот куп „Битола“ прерасна во значајна спортска средба која ги поврзува риболовците од регионот и ја негува љубовта кон спортскиот риболов и природата.
Јубилејното издание помина во знакот на спортот, дружењето и риболовната традиција, потврдувајќи дека оваа приказна продолжува да живее на Стрежево.










