naslovna marija

Разговараше: Сара Танаскоска

Во време кога екраните сѐ почесто го заменуваат времето поминато со книга, постојат луѓе кои секојдневно потсетуваат дека љубовта кон читањето започнува уште од најрана возраст. Една од нив е Марија – креаторката на „Мама (ми) чита“, платформа што со искрени препораки, рецензии, читачки клубови и работилници ги инспирира родителите и децата да откриваат нови книжевни светови. Во ова интервју разговараме за тоа како една лична потреба прерасна во заедница, зошто заедничкото читање е многу повеќе од навика и како книгите можат да создадат посилни врски меѓу родителите и децата.

Читај БЕ: За почеток, претставете ни се накратко. Кој стои зад „Мама (ми) чита“?

Марија: „Мама (ми) чита“ произлегува од играта на зборови меѓу „мама чита“ и „мама ми чита мене“. Зад него стојам јас – Марија, дипломиран економист, мајка на Јан и вљубеник во книгите уште од детството. Иако професионалниот пат ме однесе во друга насока, книгите отсекогаш беа мојата константа – место за учење, инспирација и личен раст.

Кога станав мајка, таа љубов доби нова смисла. Почнав да барам квалитетни сликовници и книги што ќе ги читаме заедно со Јан, но многу брзо сфатив дека на родителите им недостига простор со искрени, детални и независни препораки. Така се роди „Мама (ми) чита“ – профил создаден од лична потреба, кој денес прерасна во заедница што ги поврзува родителите, децата и сите љубители на книгите.

Покрај препораките за сликовници, книги за деца, млади и повремено за возрасни, организирам и читачки работилници и читачки клубови. Во ноември 2024 година започна ММЧ Читачки клуб, а од октомври 2025 година, во соработка со „Чудна шума“, ги водам и Читачките клубови за деца и родители кои се одржуваат во библиотеките. На моја иницијатива и во соработка со „Чудна шума“, досега беа донирани книги за збогатување на библиотечниот фонд во четири градови: Скопје, Штип, Охрид и Гевгелија.

РАБОТИЛНИЦА ЕДУКАТИВЕН ЦЕНТАР ЗООЛОШКА ГРАДИНА

Читај БЕ: Како се роди идејата за создавање на профил посветен на детската литература и читањето?

Марија: Идејата се роди буквално од потреба. Како мајка што го роди своето дете во периодот на карантин, наместо да позајмувам сликовници и книги, почнав да ги купувам. Во тоа време библиотеките имаа посебни правила, книгите „одлежуваа“ меѓу едно и друго позајмување, а дружењата со пријателите беа ретки, па немаше можност ниту за вообичаената размена на книги.

Колку повеќе купувавме книги што беа јавно пофалени и лесно достапни во книжарниците, толку почесто се разочарувавме кога ќе ги отворевме дома. Се среќававме со слаби преводи, неквалитетен принт, но и со приказни што не ги споделуваа нашите семејни вредности и погледи на светот.

Тогаш сфатив дека сигурно не сме единственото семејство што се соочува со оваа дилема. Затоа решив да почнам да ги споделувам моите искрени рецензии за прочитаните книги, а истовремено да се впуштам во потрага по издавачи и наслови што навистина ги исполнуваат моите критериуми за квалитетна детска книга.

Така, од една лична потреба и желба да направам подобар избор за сопственото дете, се роди профил кој денес им помага и на многу други родители.

САЕМ НА КНИГА 2026 РАБОТИЛНИЦА ТРИ ЖЕЛБИ

Читај БЕ: Колку Вашиот син Јан влијаеше врз оваа иницијатива и што научивте од заедничкото читање?

Марија: Јан, всушност, е причината поради која започна сè. Тој е мојот прв и најискрен читател, односно слушател и најважен критичар. Предизвиците со кои сме се соочувале низ неговото растење сакам да верувам дека полесно ги пребродивме токму благодарение на приказните што ги читаме заедно.

Во последниот период особено ме изненадува неговото внимание кон деталите. Има само пет години, а веќе самостојно забележува несогласувања во книгите. На пример, во една сликовница пишува дека при пад се скршиле рамките на очилата, а на илустрацијата се прикажани скршени стакла. Во друга книга од еден серијал, додека јас читав „Жирафата…“, тој ме прекина и ми рече: „Дали си сигурна? На сликата нема жирафа.“ Станува збор за технички несогласувања меѓу текстот и илустрацијата, но мене ми е драго што ги забележува. Тоа ми покажува дека не е само пасивен слушател, туку внимателен и активен читател.

Она што најмногу ме радува е што веќе има изграден сопствен читателски вкус. Без двоумење знае да каже која приказна му се допаѓа, а која не, и што е тоа што ја прави една книга навистина добра за него. За мене, тоа е доказ дека заедничкото читање не создава само љубов кон книгите, туку и развива критичко размислување.

ЛЕТО ВО БИБЛИОТЕКА

Читај БЕ: Што Ве мотивира да продолжите да споделувате препораки и рецензии за книги?

Марија: Ме мотивира позитивниот фидбек што секојдневно го добивам. Ме мотивираат родителите што ми јавуваат колку им се допаднала или им помогнала со нешто некоја книга што сум ја препорачала на профилот. Ме мотивираат децата кои кога ќе дојдат на штанд или на работилница јас можам да им понудам приказна која ќе им биде блиска, важна, инспиративна и поучна.

Сметам дека децата не треба да ги учиме што да мислат, туку како да размислуваат. Токму затоа читањето уште од најрана возраст е еден од највредните подароци што можеме да им го дадеме.

Во првите месеци и години, на бебето не му е најважна приказната. Поважни му се гласот на родителот, интонацијата, блискоста и чувството на сигурност што ги носи заедничкото читање. Приказната своето вистинско значење го добива малку подоцна.

Со текот на времето, читањето го збогатува вокабуларот, ја развива имагинацијата, ја поттикнува љубопитноста, а на децата им помага полесно да ги совладуваат и училишните предизвици.

Но, за мене, најголемата придобивка е блискоста што се гради меѓу родителот и детето. Читачката рутина создава простор за разговор, доверба и заеднички спомени. Детето што денес безгрижно разговара со вас за јунакот од приказната, утре многу полесно ќе разговара и за своите стравови, дилеми и предизвици. Во таа смисла, читањето не е само навика – тоа е начин да изградите однос што ќе трае цел живот.

НОВОГОДИШНА РАБОТИЛНИЦА ЧИТАЧКИ КЛУБОВИ ВО БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ

Чирај БЕ: Како ги избирате книгите што ги препорачувате на родителите и децата?

Марија: Најчесто тоа се книгите што ги читаме дома, а до нив доаѓаме преку библиотеките или преку пријатели чии деца веќе пораснале. Дури кога една книга ќе го помине тој „тест“ – кога ќе посакаме повторно да ја читаме и ќе почувствуваме дека сакаме да остане дел од нашата домашна библиотека – тогаш одлучуваме да ја купиме.

Затоа, секоја препорака на профилот е искрена и проверена. Книгите не само што се прочитани, туку најчесто се прочитани повеќепати, а впечатоците што ги споделувам се реални и произлегуваат од нашето лично читачко искуство.

Се трудам препораките да им го олеснат изборот на родителите, па затоа ги групирам по возраст, по теми – како емоции, проширување на семејството, екологија, животни, авантури, хумор или спорт – како и според сезоната или периодот од годината, на пример книги за летен распуст, за зимските празници или за враќање во училиште.

Често, покрај самата препорака, предлагам и активности инспирирани од приказната – игри, разговори или мали истражувања што детето може да ги прави самостојно или заедно со родителот. За мене, книгата не завршува со последната страница; таа е почеток на разговор, игра и ново заедничко искуство.

ЧИТАЧКИ КЛУБОВИ ВО БРАЌА МИЛАДИНОВЦИ

Читај БЕ: Со какви предизвици најчесто се соочуваат родителите кога сакаат да создадат читачки навики кај своите деца?

Марија: Родителите се во битка со технологијата. Пред сѐ затоа што таа е толку распространета, лесно достапна и нуди брза стимулација и момент на мир кој подоцна носи свои последици. Нема кратенка во процесот растење читатели – треба да се почне колку што е можно порано, а секој ден е добар ден да се направи тој почеток. Важно е книгите да бидат видлив дел од домот – во дневната соба или во некој друг заеднички семеен простор. Уште поважно е родителите и самите да читаат, бидејќи децата најмногу учат преку пример.

Изборот на книги треба да се усогласи со интересите на детето. Ако сака фудбал, понудете му романи, автобиографии или енциклопедии за фудбал. Ако го интересираат видеоигрите, побарајте книги што ја обработуваат таа тема – од романи до книги за историјата на видеоигрите или за тоа како се создава една видеоигра.

Зачленете се заедно во библиотека, посетувајте книжарници. Читател не се станува преку ноќ, туку со секоја нова прочитана страница.

КРЕАТИВНА АКТИВНОСТ ЛЕТО ВО БИБЛИОТЕКА

Читај БЕ: Какви реакции добивате од децата и родителите кои учествуваат на Вашите читачки работилници?

Марија: Во моментов, на ова прашање најдобро можам да одговорам со неколку факти. Денес една работилница се пополнува за неколку часа по објавувањето. Дел од децата и нивните родители кои присуствуваа на првата отворена работилница, на крајот на ноември 2024 година, и понатаму доаѓаат кога им дозволуваат обврските. Ако на почетокот работев со групи од по десет деца, денес тие бројат од 25 до 30 учесници.

На Саемот на книгата одржав четири работилници. Иако просторот беше бучен, затворен и преполн со посетители, цели училишни паралелки останаа фокусирани и активно вклучени. Тоа за мене беше уште една потврда дека кога приказната ќе ги допре децата, надворешните влијанија не можат ништо.

На последната работилница едно детенце ме праша колку е часот. Погледнав и му одговорив дека е 11:15. Работилницата започна во 10 часот. Потоа ме праша: „Заврши ли часот (мислејќи на еден школски час)?“ Му реков: „Да, технички уште пред триесет минути.“ Се насмевна и рече: „Ах, не забележав. Изгледа затоа што ми беше многу интересно.“ За мене ова е најдобриот фидбек.

ЛЕТО ВО БИБЛИОТЕКА 2

Читај БЕ: Која книга или сликовница би ја препорачале на секое семејство и зошто?

Марија: Одговорот на ова прашање навистина зависи од возраста на детето, неговите интереси и потребите на самото семејство. Нема една книга што би била универзален избор за сите, токму затоа и често велам дека најдобрата книга е онаа што во вистинскиот момент го наоѓа своето дете.

На „Мама (ми) чита“ се обидувам да понудам широк спектар на препораки – организирани по возраст и по теми – за секој родител полесно да го најде она што му одговара на неговото дете.

Читај БЕ: Што следно можеме да очекуваме од „Мама(ми)чита“?

Марија: „Мама (ми) чита“ ќе продолжи да функционира со истото темпо, со редовни објави на нови рецензии за сликовници, романи за млади и повремено за возрасни. Читачките клубови остануваат постојано отворени за нови членови – и оние за возрасни, и оние за деца и родители.  Во делот со работилниците, покрај веќе планираните средби во библиотеките, градинките и училиштата, се надевам дека ќе следи и една мала, но значајна промена. Од едукатор-номад, кој со торби полни со книги, боички, алатки и реквизити постојано патува од место до место, би сакала да преминам кон создавање свое читачко гнездо – простор во кој сите читачки славејчиња ќе го пронајдат својот југ.

banner JKTravel
Изложба на лумен принтови „Фрагменти од НАС“ од Кети Талевска Бакревска
На 9 јули (четврток), со почеток во 20:00 часот, ќе биде отворена …
7 јули – светски ден на чоколадото
Светскиот ден на чоколадото се слави на 7 јули од 2009 година …
You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

ChatGPT: како да го користите виралниот чат-бот со вештачка интелигенција за кој сите зборуваат – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола Неминовно, иднината што доаѓа е…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Самото читање на „Пролет” од Блаже Конески ја створи мелодијата за песната – интервју со Сара Петровска

Сара Петровска е дипломирана оперска пејачка. Родена 1997 година, во Битола, каде…