sara zeni

Пишува: Сара Танаскоска

„Јас не сум феминистка, ама сум за еднакви права“ е реченица која веројатно секоја жена ја има слушнато барем еднаш. И не, не мора секоја од нас да се нарекува феминистка, ниту пак мора да се согласува со секој став што денес се пласира во етерот под тоа име. Но, кога подлабоко ќе размислам што всушност значи родовата еднаквост, ми станува малку чудно кога една жена ќе каже дека е против неа. Во 21 век, по сите борби што ги воделе жените пред нас за право на образование, работа, глас, сопствен извор и самостоен живот, некако е парадокално томку жена да каже дека не гледа проблем во тоа жената да има помалку права, потоа помалку простор или помалку можности.

Сепак, мислам дека најголемиот парадокс не е во тоа што постојат жени кои не се нарекуваат фенинистки. Поголемиот проблем е што постојат жени кои активно учествуваат во одржувањето на лекциите со правила според кои другите жени треба да живеат. Жената која ќе ја осуди колешката затоа што е премногу амбициозна, мајката која ќе ѝ каже на ќерката дека не е убаво да биде „премногу гласна“, пријателката која ќе ѝ објасни на друга жена дека „на тие години“ треба да мисли на брак, или жената која прва ја обвини жртвата на насилство со прашањето „а што барала таму?“, или со познатата кобна реченица „сама си го барала“.. Не мора секогаш да има маж кој ќе ја кажува реченицата, понекогаш патријалхалното правило го кажува токму една жена.

И можеби токму затоа толку често ја слушаме реченицата „жена на жена ѝ е најголем непријател“. Не затоа што жените природно се мразат, затоа што со години се воспитувани да се споредуваат една со друга. Од најмали нозе знаеме која е поубава, која е послаба, која има подобри оценки, која прва ќе се омажи, која има поубав или побогат партнер, која е „пристојна“, а која „претерува“. Со текот на времето само ги менуваме критериумите. Кој има подобра работа, кој заработува повеќе, која има поубава дома, која изгледа помладо, која има деца, а која нема. Како животот на една жена да е натпревар во кој постојано мора да има победник и губитник.

zena

Најчудна појава е што успехот на некоја друга жена многу пати го доживуваме како личен пораз. Ако таа е поубава, дали тоа значи дека јас сум помалку успешна, каде сум јас? Ако таа е поубава, дали тоа значи дека јас сум помалку убава? Ако добила подобра работа, дали тоа значи дека таа има повеќе среќа од мене? Како да постои ограничен број на места за жени кои можат да бидат успешни, паметни, убави или амбициозни, а не постои. Нејзиниот успех не ни одзема ништо, напротив додава на нашата големина како луѓе доколку го погледнеме од правиот агол без зло.

Меѓутоа, жените многу често се оние првите кои поставуваат невидливи граници за тоа што е „дозволено“ за нас. Може да бидеш успешна, но немој да бидеш премногу амбициозна. Биди убава, но не се облекувај така. Секако ти биди гласна, ама зборувај тивко. Може да бидеш независна, но немој да изгледаш како да не ти треба никој. Имај кариера, ама те молам не заборавај дека еден ден мора да бидеш мајка. Може да имаш партнер, но никако предолго зашто „ќе останеш сама“. Како жената постојано да мора да се движи по една невидлива линија, а некој рандом лик од страна да коментира дали ја преминала или не.

И токму тука се гледа колку лесно општествените норми стануваат нешто што самите ги пренесуваме. Мајката ѝ кажува на ќерката што е пристојно, бабата ѝ кажува кога е време за мажење, колешката на индиректен начин ѝ објаснува дека не смее да биде премногу директна, другарката ѝ вели дека „мажите не сакаат такви жени“. Во многу случаи ова не се прави од лоша намера. Жените едноставно го повторуваат она што и самите го слушнале, само постои еден момент во кој можеме да одлучиме дали ќе го продолжиме истиот круг или ќе ставиме точка на една „отровна“ приказна.

Наместо „јас поминав низ сито и решето, ќе поминеш и ти“, треба да почнеме да велиме „јас поминав низ тоа, ти не треба“. Двете се кратки реченици, но нивното значење е огромно. Првата ја продолжува нормата, втората ја преиспитува. Затоа ми е интересно кога жена ќе каже дека не е феминистка затоа што „не се согласува со тие жени“. Кои жени? Оние што бараат еднаква плата? Оние што сакаат да бидат политички активни? Оние што сакаат да имаа кариера? Оние што сакаат да бидат мајки? Или оние што не сакаат да бидат мајки? Феминизмот не значи сите жени да живеат исто. Напротив, неговата суштина е токму во тоа жената да може да избере.

И тука е разликата што најчесто ја промашуваме. Родовата еднаквост не значи дека секоја жена мора да биде амбициозна, да има кариера, да нема деца или да живее на одреден начин. Ако една жена не сака да биде домаќинка, тоа е нејзин избро. Ако друга сака да биде директорка, и тоа нејзино лично право на избор. Ако трета сака да има семејство и да гради кариера нејзин е изборот. Проблемот започнува кога едната ќе ѝ каже да другата дека нејзиниот избор е погрешен само затоа што е различен.

Нема потреба секоја жена да ја сака секоја друга жена. Не мора ни да ја поддржува во секоја одлука. Женската солидарност не значи слепа солидарност. Ако некоја жена направила нешто погрешно, нормално е да биде критикувана. Но постои огромна разлика меѓу критиката на нечие однесување и осуда на жената затоа што не се вклопува за нашата претстава за тоа каква треба да биде. Кога коментираме што носи, со кого излегува, колку партнери имала, дали има деца, зошто нема деца или зошто работи до доцна. Зборуваме за нејзината вредност како жена. А женската вредност не треба да има еден шаблон.  

Можеби токму затоа треба да престанеме да ги воспитуваме девојчињата да се плашат од друга жена. Да не им кажуваме дека друга девојка е нивна конкуренција. Да не ги учиме дека ако друга е поубава, тие се помалку убави, или ако друга е поуспешна, тие се помалку успешни.. Зошто животот не е натпревар во кој има само едно прво место. И не, не мислам дека жените треба постојано да се тапкаат по рамо само затоа што се жени. Мислам дека треба да научиме да препознаеме кога критиката е навистина критика, а кога е само старата потреба друга жена да се стави на место. Оти колку пати сме слушнале дека некоја жена е „прегласна“, „препотентна“, „лесна“, „ладна“, „очајна“, „премногу амбициозна“? И колку пати истите зборови би ги употребиле за маж?

Проблемот не е што жените премногу се критикуваат. Проблемот е што жените често се критикуваат за работи за кои мажите се пофалуваат. Амбицијата кај мажот е карактер, кај жената е ароганција. Самодовербата кај мажот е лидерство, кај жената е надменост. Директноста кај мажот е одлучност, кај жената е „тешка природа“. И кога една жена ќе го каже ова, често повторно ќе слушне: „Еве, феминистка“.

Па нека биде.

Можеби навистина е време да престанеме да се плашиме од зборот еднаквост. Особено ние, жените. Затоа што ако родовата еднаквост значи дека жената не треба да биде помалку платена, помалку слободна, помалку слушната или помалку вреднувана само затоа што е жена, тогаш навистина не знам што точно е спорно. И можеби најироничното е што жените денес можат да кажат „не сум феминистка“ токму затоа што жените пред нив се бореле за право на избор. Можат да студираат затоа што некоја жена пред нив инсистирала жената да има право на образование. Можат да работат затоа што некоја жена пред нив одбила да прифати дека единствената нејзина улога е дома. Можат да зборуваат јавно затоа што некои жени пред нив одлучиле дека нивниот глас не е помалку важен.

Не мора да се согласуваме со секоја борба од минатото. Но би било убаво да не ги земаме резултатите од тие борби здраво за готово.

Зашто денес проблемот можеби не е само во мажите кои не ја разбираат еднаквоста. Проблемот е и во жените кои мислат дека ако тие успеале да преживеат во неправедни правила, тогаш и сите други треба да ги почитуваат истите правила.

„Јас сум трпела, па ќе трпиш и ти.“

Не.

Можеме да кажеме:

„Јас сум трпела, затоа ти нема да мораш.“

Можеби тоа е вистинската женска солидарност.

Не да ја браниме секоја жена од секоја критика, туку да престанеме да бидеме причината поради која друга жена се чувствува како да мора да се намали за да биде прифатена. Не мора да ја сакаме. Не мора да се согласуваме. Не мора да бидеме исти.

Само треба да ѝ дозволиме да биде своја.

И можеби затоа фразата „жена кон жена – најголем непријател“ треба конечно да престане да биде правило. Затоа што ако жените навистина сакаат промена, не можат истовремено да бидат и оние што ја кочат секоја жена која се обидува да оди напред.

Нејзиниот успех не е твојот пораз. Нејзината слобода не ја намалува твојата. Нејзиниот избор не е критика на твојот живот. И можеби најважно од сè – не мора друга жена да биде помала за ти да се чувствуваш доволно голема.

Во 21 век, навистина е малку тажно жена да биде против родовата еднаквост.

Но уште потажно е кога една жена ќе успее да се ослободи од нешто, а потоа ќе се сврти кон друга жена и ќе ѝ каже дека не смее да биде слободна на свој начин.

Можеби не ни требаат повеќе жени кои ќе си објаснуваат каде им е местото.

Можеби ни требаат повеќе жени кои ќе си кажат:

„Оди. Јас нема да ти бидам пречка.“

Никогаш нема да вредите за луѓето кои НЕ МОЖАТ да прават што сакаат со вас
Во животот често среќаваме луѓе кои не нè прифаќаат такви какви што …
Способностите на духовно освестените личности
Сте забележале ли колку е тешко да предизвикате личност која е духовно …
You May Also Like

Телевизијата можеби и не е мртва, но ТВ рекламите сигурно се – колумна на Наташа Велковска

Пишува: Наташа Велковска, директор за ПР и продукција во Represent Communications Компаниите…

Бутин: Немојте да попуштате – го боли светот

Пишува Биљана Т. Димко Грев ми е. Ме боли душата. Срцето да…

Бутин: Која е поентата да ги сакаме само оние кои и нас нѐ сакаат?

Пишува: Влатко Стојковски „А, што би било кога болката би ја чувствувал…

Стефанија Шаркоски: Македонија – земја на тивката болка и гласниот дух

Македонија. Земја мала по големина, но голема по срце. Народ кој знае…