Откако Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола преку социјалните мрежи упати апел за спас на Малиот Битолски Монмартр, се огласија од Министерството за култура и Општина Битола.
Од Министерството за култура велат дека поддаваат рака и го преземаат функционирањето на “Мал Битолски Монмартр”.
„Ова следува откако беше објавен апел за спас на “Мал Битолски Монмартр” на социјалните медиуми, откако министерството за образование одлучи дека по 4О години финансиските средствата ги стопира за Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј” Битола, а со тоа култниот светски бренд „Мал Битолски Монмартр”. И понатаму ќе течат нивните активности така што учениците од 5 до 2О годишна возраст кои бесплатно ликовно ќе продолжат да се едуцирааат и го развиваат својот талент во нашите простории но и низ детските ликовни колонии од Хонг Конг [ Кина ] па до Португалија, велат од министерството за култура. Изминатите шест месеци нивните ученици зедоа учество на 1О светски детски ликовни конкурси и пет светски детски ликовни колонии кои освоиле над 85 награди“, пишува во соопштението на Министерството за култура.
На апелот реагираа и од Општина Битола.
„По објавата на „Апелот за спас на Малиот Битолски Монмартр“ на социјалните мрежи, во кој се вели дека Министерството за образование и наука ги укинува средствата наменети за оваа институција, општина Битола и Советот на општината, застануват зад делото на Коста Хаџиантоновски, творецот на најголемата и најзначајна детска ликовна колонија кај нас и во светот, која 41 година е македонски бренд во светот. Со ребалансот на буџетот, до крајот на оваа година, ќе бидат одвоени средства за исплата на плата на едно лице (технички секретар) и трошоците за струја, со што ќе продолжи функционалноста на оваа институција. Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј”, веќе 41 година е организатор на најстарата светска детска ликовна колонија „Мал Битолски Монмартр“. Низ изминатите децении, илјадници детски цртежи од оваа колонија ги красат ѕидовите на престижни институции во државата, а секој мај, Битола е исполнета со џагорот на децата – ликовни уметници од целиот свет“, се вели во соопштението на Општина Битола.
Од Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола коментираат дека за оваа установа која е бренд на градот, мора да се најде трајно решение.
„Утре во 11 часот ќе заседава Управниот одбор на Детското ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола. Од социјалните мрежи сме во тек за активности поврзани со поддршка на Детско ликовно студио „Свети Кирил и Методиј“ Битола кое е носител на брендот Мал Битолски Монмартр. Едното е од Општина Битола [ Совет и Градоначалник ] и второто е од Министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска. Бараме трајно решение. Нашите ученици се промотори на Битола, но и амбасадори на Македонија. И како и оваа 41 година, така и за оваа Одлука ќе решиме во интерес на Студиото – Мал Битолски Монмартр или со зборовите на Коста Хаџи-Антоновски – се што е во интерес на децата”, вели Славчо Неделковски, член на Управниот одбор на Детско ликовно студио Свети Кирил и Методиј Битола.