Фотографии стари повеќе од еден век, кои сведочат за минатото на Битола, ќе бидат во фокусот на културен настан што ќе се одржи вечерва, 28 октомври, во Офицерскиот дом во Битола.

Со почеток во 19:30 часот, публиката ќе има можност да ги погледне фотографиите создадени од млади учесници инспирирани од архитектурата и историјата на Офицерскиот дом, како и од богатото фотографско наследство на браќата Јанаки и Милтон Манаки.

Преку истражување на архивските аналогни фотографии и нивна современа дигитална обработка, младите автори создадоа нови визуелни содржини што го поврзуваат културното наследство со современиот креативен израз. На настанот ќе бидат прикажани и промотивни видеа за Офицерскиот дом, изработени со користење на материјали од неговата фото-архива.

Оваа презентација е можност посетителите да го доживеат Офицерскиот дом од поинаква перспектива – низ старите фотографии што го чуваат сеќавањето на градот, но и низ објективот на младите кои му даваат ново значење на историското и културното наследство на Битола.

Настанот се реализира во рамките на проектот „Офицерски дом – Резонантна меморија на градот Битола“, а влезот е слободен.







