Bо времето кога Османлиите го освоиле градот Битола, по четиримесечна опсада и тешки, жестоки битки, следеле страшни настани: жителите биле убивани, жените силувани, свештениците, монасите и монахињите мачени и погубувани; храмовите биле ограбувани и сквернавени, а потоа и до темел палени. Особено големо крвништво варварите покажале кон свештениците и монасите, кои за сето време на борбите непрестајно го поучувале и поткрепувале верниот народ, поттикнувајќи го да се бори докрај за својот Спасител и Творец – Христос. Најревносните проповедници и чувари на верата, претежно млади монаси со неколку опитни Старци, заедно триесет и девет на број, од повеќе битолски манастири и скитови, кои по Божја промисла ги преживеале страшните настани, се повлекле во манастирот „Свети Георгиј Победоносец“. Но, Османлиите откриле каде се кријат овие монаси и ги заробиле. Најпрвин жестоко ги мачеле, потоа ги фрлиле во зандана, а утредента, доведувајќи им ги најдобрите мухамедански учители, започнале ласкаво да им се додворуваат и да ги убедуваат да се откажат од Христос. Започнала препирка за тоа која вера е вистинската, при што монасите мудро одговарале, темелејќи ги своите зборови на Светото Писмо и светоотечкото Предание, и така постигнале победа во дијалогот. Откако го проследил со големо внимание овој дијалог, еден Турчин, кој се викал Хасан, а им служел како преведувач на препирачите, се восхитил и бил трогнат од неочекуваната духовна длабочина и големото христијанско смирение на овие блажени души, па громогласно извикал: „Голем е Бог на христијаните, и јас сум Христов! Навистина, роден сум како мухамеданец и воспитан сум во мухамеданскиот закон, но сега го примам Божјиот призив што ме повикува во царството на Исус Христос, Синот Божји и Господ мој“. Тогаш Агарјаните се нафрлиле на својот сонародник и толку силно го претепале што на телото на маченикот не останало неповредено место, а потоа го фрлиле во занданата, заедно со останатите Христови преподобномаченици. Утредента, кога посрамените Агарјани увиделе дека монасите се непопустливи, исполнети со гнев, ги осудиле на смрт сите четириесетемина и ги повеле кон височинката на Баирскиот рид за таму да им ги отсечат главите. Одејќи кон својата Голгота, светите биле радосни, како да одат на свадбена веселба. На 9 март 1385 година, Осмaнлиите им ги отсекле главите и така преподобномачениците ја покажале својата бестрашност, извојувале неовенлива победа и го добиле венецот на славата од Господ, својот Подвигоположник, за да се радуваат вечно во Неговото царство, молејќи се за сите оние што верно го почитуваат нивниот свет спомен.

Sveti 40 macenici

Тропар
На Битола благоуханите цветови и сопричесници на мачениците Христови, светите четириесет од душа ги чествуваме. Зашто тие, возвестувајќи ја православната вера, мракоподобната агарјанска заблуда ја изобличија; и поради отсечените божествени глави, од раскошот на рајот се насладуваат.

Брокулата – хранлива ризница на здравјето
Брокулата е еден од најхранливите зеленчуци кои можете да ги додадете во …
Бидете толку сигурни во себе за никој да не може да ве омаловажи
Бидете толку сигурни во себе така што никој друг не може да …
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Промовиран епско-фантастичниот роман, „Сонцето под земја, кралството над него” од Елена Бошбож

Инспириран од македонска, грчка и словенска митологија, македонска историја, легенди и фолклор,…

Како да се препознае Аутизмот кај бебиња и мали деца? – совети на Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог

Автор: Сонита Фејзовска, социјален и рехабилитациски педагог Некои родители ги препознаваат знаците…

Преку професионален LinkedIn бизнис профил до нови лидови и потенцијални клиенти – анализа на Магдалена Аневска

Пишува: Магдалена Аневска,директор за маркетинг воНова Солутионс Битола LinkedIn е одлично место…

Петти Акатист кон Мајката Божја во храмот „Пресвета Богородица“ во Битола

На 08.04.2022 г., во петтиот петок од Великиот пост, Митрополитот Преспанско-пелагониски и…