Оваа година, СОУ „Таки Даскало“ одбележува 40 години постоење. По тој повод се реализираат низа активности кои го промовираат Средното училиште кое е од огромна важност за целиот Пелагониски регион – со оглед дека нуди разнолико стручно и гимназиско образование. Од чии клупи имаат излезено видни интелектуалци во македонското општество. Поранешен ученик на училиштето е и познатиот македоснки поет Веле Смилевски. По тој повод беше оганизирана промоција во КИЦ – Битола „За книгата Палимпсес во творештвото на Веле Смилевски“, за поетот говореа професорките Милица Радевска и Симона Петровска.
Веле Смилевски е поет кој во поезијата го носи бремето на два века, дваесеттиот и дваесет и првиот, успешно ги преплетува, така што на квалитетот му дава квантитет, а на квантитетот – квалитет. Задира во некажани вистини од стварноста, за кои е потребна умствена сила. Покрај неговата поезија не се проаѓа –без да се замисли читателот. Несомнено, Смилевски е еден од бардовите на македонската книжевна авангарда – благодарение на прецизната поетска естетика.
Самокритичен поет
Зборови, зборови, зборови…
Хамлет, принцот дански
Поетот е самокритичен:
ги брише запирките, прашалниците,
точките и извичниците.
Исфрла една именка, па глагол, па пак именка,
потоа придавка, исфрла едно дрво,
и еден град, исфрла небо, и чекорење,
го брише зборот љубов, и зборот сонување.
Потоа љуби и зборува
и зборувајќи љуби,
во сите годишни времиња љуби
да биде поет што ќе љуби
во земјата назборовите, во стеблото на гласот,
од кои ќе се роди нова песна
со запирки, прашалници и извичници, со именка, глагол и придавка
и меѓу нив едно дрво во еден град
и едно небо во кое сонува поетот
како Хефајст го кове металот,
како Посејдон ги бранува морињата,
како Зевс ги распалува молњите.
Концепт за книга
Ниту една книга не може да биде
Забранета книга.
Вжештувањето на кладата
Постепено нѐ внесува
Во делот
На непишаното.
Затоа
Ниту имало, ниту ќе има
Забранета книга.
Но помислата
Да ја исклучиме можноста
За забрана
Е крик
Или
Идеја за тестамент,
За книга што ќе ја доживее
Слободата за читање.
Потребата
Да ја кажеме оваа вистина
Не качува на високо.
Слегување оттаму нема.
Генерациска песна
(Пофалба за врсниците)
1.
За пофалба е
Ако од трпезата ги собереш трошките
И го сонуваш летот на јатото.
За пофалба е
Ако бараш вакуум во времето
И во вакуумот најдеш време.
За пофалба е
Ако се огледаш во леген со вода
И ѝ се вратиш на живата жица на водата.
За пофалба е
Ако знаеш да го читаш жарот во огништето
Оти тој веќе те препрочитува.
За пофалба е
Ако во лифтот ја изгребеш мачката
И останеш реалист, по вокација.
За пофалба е,
Ако на перницата нацрташ море
И бродиш, спокојно бродиш по подот.
2.
За пофалба ќе беше
Ако сите во една година бевме родени
И сите од иста болест бевме перцовани.
(О, зошто
Сите во една година не сме биле родени
О, зошто од иста болест не сме сите перцовни?!)
…Ако песната е сеопшт збор што расте и боли
Во долгото патување што нуди решенија
За капките живот зовриени во нашите гради.
…Ако навистина сме сакале да читаме на плоштади!
Та нели бевме млади?
Та нели бевме млади?
„Поетот како што вели самиот автор може да си земе право да си поигрува со различните стилови од различни автори и епохи да се става на испит на самопроверка и во таа творечка играрија да го чуе одгласот на оние што се повод за таквиот вид на пеење. И го поставува прашањето, кој не би бил фасциниран од феноменот на одгласот? Со оваа архитектоника на зборот, едноставен, но и кристално чист на јазично ниво, го афирмира творечкиот чин како стремеж за слобода во општењето, во зрачењето на идеи и пораки на песната“ – Милица Радевска, проф. по Македонски јазик и литература.
„Тежината на поезијата на Смислевски се најдува токму во самокритичкиот опит за откривањето на себеси преку зборот и храброста да ја признае неможноста да се реши сѐ што го измачува човека. Тој, зборот е уште еден голем симбол којшто го претпочитува мигот на создавањето и го испитува прашањето на времето и безвременоста. Така „зборот“, во поезијата на Смислевски се појавува во функција и на симбол и на знак. Тој е почеток на бескрајната потрага по смислата на животот, по смислата на човековото, а особено поетовото постоење“ – м-р Симона Петровска, проф. по Македонски јазик и литература.