330834274 500281912281144 4586776048619949724 n

Ако не го пробаше Ева јаболкото во рајот, облеката немаше да биде нужна ама воопшто. Сега облеката има еволуциски пат исто колку и човештвото. Етнологијата е наука која во последно време сѐ повеќе го пробудува  интересот и кај стручната, но и кајљубопитната јавност која трага по идентитетски ознаки кои ни се неопходни во ова бремено време. Македонија од дамнина е извор на единствени особености со кои треба да бидеме горди и да ги промовираме како позитивен културен шок пред светската јавност, за кои, за жал, ние како народ ниту сме свесни во целост, од разни општественипричини.

Овојпат разговарав со нашата битолчанка Наде Геневска Брачиќ, етнолог, која својата професионална кариера ја посвети на истражување на начинот и културата на облекувањето во Битола и регионот. Инспиративна жена, врвен професионалец, според мое мислење – скромна  грамада од од која може многу да се научи, еднаш учев и јас, па „Везилка“ на Конески  ја преточивме во вез, храна, звук, фотографија, а притоа остана автентичната Везилка со два конца…

330214312 1984533568555115 2225680007434339350 n
Биљана Т. Димко и Наде Геневска Брачиќ

Која е Наде Геневска Брачиќ?

Наде Геневска Брачиќ: Наде е дипломиран етнолог, која своето работно искуство го започнува во НУ Завод и музеј Охрид од 1988 до 1992 и потоа доаѓа во НУ Завод и музеј Битола, каде работи до денес како кустос советник. Mојата работа како етнолог и мојата истражувачка дејност, но и самата работа во музеј каде се применуваат музеолошките принципи, направија моето 35 годишно работно искуство да ми претставува неисцрпна радост и поттик во моите остварувања. Науката/ работата ме прави да се чувствувам  како патник низ времето која се обидува да направи поврзување на минатотo и денешницата.

Колку Наде е етнолог, или етнологијата е Наде?

Наде Геневска Брачиќ: Радосна сум што за време на студиите кои ги започнав на Институтот за Географија после втора година требаше да одлучиме на која насока ќе продолжиме, дали на наставна или применета географија и во тој момент се отвори групата за етнологија, за која имав некои предзнаења, тогаш без двоумење продолжив со студиите за етнологија. Затоа секогаш велам дека етнологијата ме пронајде мене, имаме взаемна поврзаност не можеме една без друга и секогаш одново се предизвикуваме.

330940274 467903205409484 8655207327151144394 n

Што е најбитно за еден етнолог?

Наде Геневска Брачиќ: Едноставноста, но истовремено и комплекснота во дејноста на еден етнолог е да ги разбере луѓето. Сето тоа подразбира различни методолошки пристапи, се со цел да го реконструира временскиот период кој го истражува и да може да сфати како функционираат одредени групи на луѓе. Битно е освен тоа што го истражуваме минатото, подеднакво да бидеме заинтересирани за сегашните случувања, секогаш да ги опсервираат промените кои настануваат и зошто и како тие се случуваат.

Што е фокусот на интерес?

Наде Геневска Брачиќ: Професионално, како кустос – советник во музеј, мојот фокус е облеката и текстилот, поле кое има широк дијапазон на теми за истражување и презентирање, голема културолошка особеност, посебно низ облеката да ја запознаете знаковната функција, како и регулирањето на начините на облекувањето.  Од мој посебен интерес се етнологија на градот и визуелната антропологија како поле каде антрополошкиот документарен филм првенствено ја има функцијата да даде одговор на времето и просторот во којшто се создава, и на тој начин  визуелно  документираните истражувања  ќе ја имаат моќта во создавањето на колективната меморија. Не сум имала некаква професионална опрема, но тоа не го гледав како пречка за нешто да креирам. Така првиот мој едноминутен филм беше поврзан врз основа на моите истражувања и презентации за градските костими и делото на браќата Манаки, (каде е направена споредба меѓу минатото и сегашноста). Вториот експирементален филм беше мојата опсервација на „Широк сокак“ во периодот кога го имаше својот максимум на простор каде се одвива животот во градот. Третиот филм беше предизвикан од животот во чаршијата, посебно периодот  кога почнаа да се затвораат голем број на дуќани. Интересен беше и филмот-компарација на бербер – барбер во Битола каде е снимен стар бербер во последните два месеци пред да го затвори дуќанот, а од друга страна е младиот барбер Дадо на почетокот на својот занает. Филмовите се претставени на меѓународни етнолошки фестивали, на ревии од етнолошки документарни филмови и така натаму.

331141320 582544340458921 3000354999638306993 n

Мора да се забележи и развојот на модата или начинот на облекување – и влијанијата кои наивно се калемат врз начинот на однесување во Битола, каков тек имаше тој процес?

Наде Геневска Брачиќ: Начинот на облекување ја одразува општествено-културната реалност во градот и учествува во формирањето и физиономијата на градскиот живот.

Битола е град кој во различни временски периоди има свои особености. Посебно значаен период во развојот на градот е од средината на 19 век како централно место во Европска Турција и период кога постепено започнуваат промени на ориенталните влијанија „ала-турка“ со западно европските „ала-франга“. Од почетокот на 20 век во голема мера е застапено напуштањето на ориенталните влијанија, знаковната функција на облеката според која можело да се одреди кој на која општествената позиција припаѓа, социјалната и економска положба како и етничката припадност на секој поединец. Според облеката можела да се одреди и брачната состојба, возраста, занимањето и други особини на членовите на општествената група на која припаѓаат. Згаснување на занаети кои биле поврзани со изработка на облеки од тој тип, па така се започнува со отворање на нови занаети поврзани со европскиот начин на облекување.

Модата како посебна и специфична структуристичка компонента на културата е сеопфатен термин кој подразбира далеку широк дијапазон на манифестација. Од крајот на 19 и почетокот на 20 век се манифестирала и во архитектурата, ентериерното уредување, културниот живот и секако облекувањето кое ја одразува општествено културната реалност на градот. А со самото тоа и улогата во тогашните изразити процеси на акултурација, сретнување, спојување на различни културни обрасци и создавање на свој битолски модел. Несомнено Битола била препознавана како град со развиена градска култура, каде стиловите во различен временски период биле прифаќани.

Работите со млади и успешни дизајнери кои ги мотивирате да ги промовираат фрагменти од Македонија. Народна носија – каков е предизвикот?

Наде Геневска Брачиќ: Предизвикот е во тоа луѓето кои се занимаваат со дизајн, првенствено да ги запознаат кроевите, техниките на изработка, орнаменталните и ликовни композиции на народната носија и врз основа на тоа да создаваат нов современ моден дизајн. Богатството на орнаментални композиции и ликовни решенија, колоритот и структурата на носијата е сегмент  кој зборува многу за симболичната страна и пораката која ја носат. Големиот број на облековни елементи зборува за богата духовна култура која има свој континуитет и како тие се формирале низ различни периоди.

331419817 527128292742998 2401488909990546402 n

Што сѐ се знае за моштенската народна носија?

Наде Геневска Брачиќ: Моштенската народна носија се носела  во  селата во Битолско и тоа: Живојно, Гермијан, Бач и Совиќ, за чие население е забележан етнонимот „Моштени“.  По своите карактеристики носијата се надоврзува со носиите од Леринска Поле. Главна одлика, посебно во женската носија е техниката на везење на женската кошула „крвчина“ во разнобоен колорит која ја диференцира од поголемиот број македонски кошули. До почетокот на 20 тиот век по целата површина до рамото се извезувале ракавите на кошулата, но подоцна се игубил тој вез, Над кошулата се носела горна безракавна облека од црн шајак наречена „ќурдија“, со расцепени поли, а на градите се „чапрази“. Покасно „ќурдијата“ ја замениле со долга, безракавна облека, широка во долниот дел, која достигнува до везот од кошулата. На главата носеле бели „даркми“. На градите се кителе со метален накит од сребрени синџири, поткитени со пари, а на појасот носеле метални пафти наречени „ѓубеци“.

330769766 1151901232181925 2505457509613116252 n

Што Ве воодушевува најмногу?

Наде Геневска Брачиќ: Убавината. Убавината на животот, природата, убав звук, збор,мојата фамилија, моите деца.

Работите во НУ Завод и музеј  – Битола: како се промовира оттаму етнолошкото наследство на Македонија и што треба да се преземе во иднина?

Наде Геневска Брачиќ: Првенствено преку презентација на музејските етнолошки експонати, која всушност е основната работа на кустосот- да направи поврзување на предметите со публиката. Понатаму преку организирање на изложби,  гостувања со изложби во странство,  со организирање на едукативни работилници, предавања, презентации, учество на меѓународни конференции, семинари, меѓународни соработки, медиуми.

( Во глобала етнологијата во нашата земја сѐ уште го нема добиено нејзиното место, како да е маргинализирана, потребни се повеќе финансиски средства и според мене треба да се  одобруваат повеќе истражувачки проекти, што е основата на секоја наука. Медиумската покриеност за теми од етнологијата не е доволно застапена или е ограничена само кон одредено поле, но секако потребна е упорност и поголема афирмација и од страна на самите етнолозите, бидејќи има голем број на дипломирани етнолози и идни генерации кои студураат на Институтот за етнологија и антропологија. )

330871415 589650975993091 2012256135225132318 n

На што треба да внимаваат младите етнолози?

Наде Геневска Брачиќ: Младите етнолози треба да бидат љубопитни да имаат емпатија, да се поврзуваат со темите кои ги интересираат, да одат на терен да истражуваат бидејќи кај нас многу теми од етнологијата не се доволно обработувани, или тие на кои се дадени добри основи за кои има релевантни податоци во литературата, со цел да се надоградуваат. Да ги истражуваат случувањата во современиот миг и да се обидат да дадат одговор зошто тие се случуваат. Важно е да остават материјал за понатамошни поопсежни анализи и проучувања.

330944401 3318315198421546 3398185826977101131 n

Што им порачувате на младите, оние кои се занимаваат со промоција на културното и духовното наследство на Македонија?

Наде Геневска Брачиќ: Да следат современи практики и искуства, посебно од земјите кои имаат изграден однос кон своето културно наследство. Да осмислуваат добри начини на интерпретација, да создаваат добри приказни како би можеле да го доближат културното наследство до поголем број на различни групи на луѓе, да ги заинтересираат и предизвикаат и тие да дадат свој допринос во зачувувањето, популаризацијата, промоцијата и заштитата на културното наследство.

Организирање на работилници, пренесување на знаења и вештини во продолжување на изворните традиционални искуства и наоѓање нивна примена во современото живеење.

330969323 1271069090115107 6687432532056485495 n

Која е Ваша омилена  книга?

Наде Геневска Брачиќ: Да се одбере една омилена книга е навистина тешко, било да станува збор за автор или содржина, но за мене е значајно стилот на кој се пишувани книгите, како се обработува односно како се пренесува суштината на темата. Во периодот кога сум студирала сум читала повеќе и сум имала повеќе писатели и книги кои ми се допаѓале. До ден денес ми се допаѓаат и можам да ги препрочитувам книгите на Херман Хесе, Ернест Хемингвеј… . Една од моите омилени книги  е  „Сто години самотија“ од Габриел Гарсија Маркес, оваа книга започнував да ја читам неколку пати се додека не успеав да сфатам кој е кој, бидејќи исти имиња се повторуваат и се обидувате да ја најдете нивната поврзаност, но кога почнав да ја читам буквално книгата ме обзеде со нејзината мистичност, описот на ликовите, настаните за на крај да останам длабоко трогната кое чувство остана длабоко во мене до денес.

Каков е Вашиот музички вкус?

Наде Геневска Брачиќ: Обожовател сум на повќе жанрови, вредни музички дела од изворна народна, класика, џез, рок, инди рок, панк… Како омилени би ги издбвоила неколку, The Rolling Stones, Pink Floyd, Talking Heads, Bryan Ferry, и многу други, но посебно место во мојот живот посветен на слушање музика е David Bowie.

Читај бе има за цел да ги открие знаковите покрај патот, како се читаат според вас?

Наде Геневска Брачиќ: Знаковите некогаш се предупредување, некогаш патоказ, се зависи кој како ќе ги прочита, тие се таму да ни овозможат во која насока да се движиме. Најдобро е правилно да се прочитаат за да не залутаме по патот по кој што сме тргнале.

meblo trejd cesmi во боја
Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Семејството ја испиша од факултет, таа се врати и заврши со 9,80 просек – Сонита Фејзовска од Битола руши табуа за жената Ромка

Никогаш не се откажувајте од својот сон иако не ви дозволуваат да…

Џуџестиот раст не е недостаток и проблем за да работиш или учиш некоја професија – интервју со 15-годишниот Никола Попчановски од Битола

15-годишниот Никола Попчановски од Битола е момчето со џуџест раст кое не…

Животниот сон му стана реалност – интервју со битолчанецот Филип Тодоровски, пилот-капетан во Wizz Air

Битола можеби нема аеродром (патнички), но има КАПЕТАН. Кога нареден пат ќе…

Патот до успехот на битолчанецот Антонио Гурабиевски – од физиотерапевт во Романија и Македонија до сопствен бизнис во Америка

Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија…