Антонио Гурабиевски е 26-годишен битолчанец, кој студенските денови ги помина во Романија и воедно ги заврши своите студии на Факултетот за Физичко образование и планински спортови, во одделот на Физиотерапија и специјални моторни вештини, во рамките на Универзитетот Трансилванија oд Брашов. Магистрира на Физиотерапија: Активности за подобрување на здравствената состојба и се пресели во Америка. Во моментот освен што работи како персонален тренер во една од најпознатите теретани во New York – „ Lifetime”, успешно започна со работа и неговиот сопствен салон за физиотерапија. За патот до досегашниот успех дознаваме повеќе од интервјуто со Антонио Гурабиевски за Читај бе.
Читај бе: Антонио, за почеток би сакала да те прашам за кратка компарација меѓу твоите две животни искуства надвор од Македонија. Каков беше твојот живот во Романија, а како е сега во Америка?
Антонио: Најпрво сакам да ви се забалагодарам за поканата и можноста да ги споделам моите искуства со вас и вашите читатели. Искрено, двете искуства се многу посебни и различни, во различна фаза од животот и развојот, така што само би споменал дека во Романија го живеев тој „студентски живот”, а овде во Америка е веќе еден сосема различен начин на живот со тоа што фокусот веќе не е на студирањето туку на работата и кариерата.
Читај бе: Што е најважно за тебе при работата со клиентите и колку се тие задоволни од техниките кои ги користиш при работа со истите?
Антонио: Можам да издвојам како многу битен фактор – сослушувањето на секој клиент/пациент и разбирање во суштина каков е нивниот проблем. Кога сме кај техниките, морам да напоменам дека се користат доста различни и специфични техники во зависност од потребите на секоја индивидуа. Клиентите генерално се задоволни од третманите, а резултатите си доаѓаат сами по себе со правилното имплементирање на техниките и методите.
Читај бе: Колку време тлее во тебе желбата за здрав живот и кариерско насочување токму во овој оддел?
Антонио: Желбата ми се појави уште на 11-12 години кога веќе почнав и доста активно да се занимавам со спорт, а кон физиотерапија се одлучив да се насочам со тоа што го продолжив моето образование во средното медицинско училиште „Др.Јован Калаузи“ во Битола, а од таму тргнува целата таа приказна за спојот на здрав начин на живот и интересот за проучување на човечкото тело.
Читај бе: Колкав беше ризикот, доколку го имаше, во Америка да се отвори сопствен бизнис? Зборувај ни накратко за ваквото искуство.
Антонио: Ризикот секако дека постоеше и беше доста голем, со самото тоа што дојдов во огромен град каде не познавам голем број луѓе и немам претходно искуство со започнување сопствен бизнис, стартот беше тежок како и за секој новоотворен бизнис, но таа тежина поминува релативно брзо со самата работа.
Читај бе: Што сé е потребно за ваков чекор и што е она што сакаш да им го пренесеш на јавноста како и на сите оние кои се заинтересирани да градат слична кариера на твојата?
Антонио: Овде би сакал да го цитирам кинескиот филозоф Лао Цу „Патот од илјада километри започнува со еден чекор”. Друга работа која исто така е многу битна е да се има јасно дефинирана цел и нормално познавање на професијата. Останатото се стекнува со текот на времето.