Академик Алла Генадјевна Шешкен, проф. на Московскиот државен универзитет М.В. Ломоносов

Естетика на идеалниот живот
Слепченски пролог со химнографија

Слепченскиот пролог со химнографија, чиешто издание е подготвено и започнато во еден од древните македонски манастири Свети Јован Крстител во селото Слепче во Демирхисарскиот крај, според замислата на авторите треба да ги обедини хагиографските текстови и нивната музичка придружба, посветена на светиите почитувани во православниот свет. Предвидено е издавање на 36 тома, по три за секој месец, со кратки житија на современ македонски јазик, како и тропари на истиот јазик, кои се преведени на црковнословенски и англиски јазик. Составувачите и авторите на текстовите си поставија цел да издадат класична хагиографска збирка на житија и тропари, вклучувајќи и малку познати светии, со што ќе го воскреснат нивниот духовен подвиг за современиот човек. Покрај тоа, изданието има за цел да го претстави и зачува за потомството уникатното и исклучително убаво старо македонско црковно пеење. Тоа е направено со трепетен однос кон постоечката традиција на музичкото писмо, како со современа (западноевропска), така и невматска нотација. Во моментов, монахињите на манастирот имаат составено повеќе од 1.700 текстови и над 14.000 партитури (автор Гоце Секуловски).

331537736 673889001182040 8087841954205387611 n

Употребата на современиот македонски јазик при составувањето на новото издание на житијата и тропарите има за цел да го доближи Божјото Слово до современиот човек. Така, авторите на текстовите дејствуваат како наследници на големите словенски просветители св. Кирил и Методиј и нивните ученици свети Климент Охридски и свети Наум Охридски, кои на македонските земји ја донеле светлината на христијанското учење и „писменото слово“ и биле длабоко убедени дека молитвата треба да биде разбирлива за верниците. За зачувување на Словото служеле и црковните дејци од XVI век, кога жанрот на прологно житие станал еден од најраспространетите во Македонија. Познато е дека Пахомиј Слепченски, спомнат во ист ред со автори како Висарион Слепченски и Лазар Кратовски, дејствувал во манастирот над селото Слепче. Дејноста на манастирот во одржувањето на православната традиција ја потврдува и илустрацијата употребена на страница (стр. 43) од Слепченскиот стиховен пролог со житието на свети Гемел Многустрадален, чиј автор е јеромонахот Висарион (втора половина на XVI век).

Имено во Словото е содржана големата творечка сила што ги обединува луѓето и тоа мора да проникнува директно во душата. Во таа насока, пред нас имаме обид на современ автор (поточно, автори, бидејќи сите тропарии се авторски дела на монахињите од женскиот манастир) преку современиот македонски јазик, да се пренесе не само содржината, туку и духот на свештените текстови, нивната експресивност и звучна возвишеност, поетичност и внатрешна енергија. Постигната е важна цел, која постојано се истакнува во говорењата на црковните служители, дека текстовите наменети за богослужба треба да се пишуваат со зборови кои се проткаени со љубов и служат за умножување на славата на чествуваниот светител. Преводот на црковнословенски јазик овозможува плодовите на овој несебичен труд да се користат низ целиот православен свет, а преводот на англиски овозможува да се надминат и овие граници.

Секоја епоха дава свои примери на праведно однесување. За ова пишувал, на пример, истакнатиот руски специјалист по химнографија, професор на Казанската теолошка академија А.В. Попов (1856-1909) во неговиот труд „Православни руски акатисти“ (1903, препечатено во 2013 година) и бројни учесници на конференцијата во споменот на научникот зборуваа за „Современата словенска химнографија“ (2009 година, организирана од издавачката куќа на Московската патријаршија и Научниот центар за проучување на црковнословенскиот јазик при Институтот за руски јазик именуван по В.В. Виноградов РАН. Стана редовна) . Тоа јасно го покажува и списокот на светии, кои се одбележуваат истиот ден, даден на крајот од вториот том (стр. 62). Заедно со мачениците кои пострадаа за Христа во ерата на Диоклецијан, се одбележува и споменот на руските праведници кои биле стрелани за време на прогонството на црквата во 1937 година во Рјазанската област: Александар Михајлович Туберовски (свештеномаченик), свештеномачениците Анатолиј, Евгениј, Константин, Никола, мачениците Петар, Евсевиј, Михаил, Доротеј, Лаврентиј и мачениците Александар и Татјана.

331491554 560599579331622 9135417957881327260 n

Различни примери на праведно однесување во земниот живот (цврстина и непоколебливост пред мачителите, морално убедување во вистинитоста на Христовото учење, борба против освојувачите и духовните поробувачи, кроткост и мудрост и т. н.) се од голема едукативна вредност, значително засилена од атмосферата на храмот, каде што се чита житието.

Тоа го создаваат и иконите од кои гледаат лицата на светиите (во зборникот се користат и тие како илустрации) и просторот исполнет со чудесна убост на пеењето. Сето тоа заедно создава идеал на прекрасен живот кој ја воздигнува душата, кога мерка за убавината на човекот е крепоста на верата, цврстината на духот, самопожртвуваноста, подготвеноста за земски подвиг во име на повисока и праведна цел.

Еден од постојаните мотиви на тропарите и прологните житија е цврстината на духот и непоколебливоста во верата. Ова за македонците, кои го преживеале многувековниот османлиски јарем, проследен со суровиот прогон на православието, има посебна смисла. Долгите векови верност кон христијанството била најважниот дел од националниот словенски идентитет, а религиозното чувство – составен дел на љубовта кон татковината. Само цврстината, еднаква на онаа што ја покажа многустрадалниот Гемел, им помогнала на македонците да не исчезнат во историјата и да го зачуваат својот јазик и култура. Омилените херои на народната епопеја, како што е Марко Крале, непроменливо делуваат како бранители на христијаните и на црквата, што пак им дава сила за борба со освојувачите. Со посебно чувство за слушателите звучи тропарот посветен на светиот праведник Јован Деспот, чија светост ја потврдуваат неговите нетлени мошти и чудата на исцелување („со нивното чудотворство луѓето ги збогатуваш“). Во Прологот за Јован Деспот се раскажува за настаните од крајот на XV – почетокот на XVI век, кога овој српски владетел, од една страна, водел херојска борба против иноверците-турци, а од друга страна, против опасноста што доаѓала од Западот, обидите на Римокатоличката црква да му наметне унијатизам на православниот народ. Тој неуморно се молел Бог да ги зачува „верата и душата“ на својот народ. Силно чувство предизвикува и звукот на прологот посветен на свети Тома Дифуркин, современик на Кирил и Методиј, обдарен со дарот на исцеление и прозорливост.

Изданието на манастирот Свети Јован Крстител во селото Слепче, создадено во наше време, зборува за континуитетот и преумножувањето на традицијата и за творечкиот однос на современите автори кон неа, кои тргнале по патот на духовниот подвиг.

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Претплатете се за новости

You May Also Like

Приказна: Како се бираат мајките на предвреме родените деца?

Некако, го замислувам Бог како лебди над земјата. Мајките ги избира според…

Кога љубите не велете: родени сме еден за друг, оти љубовта е потрага, не се добива по раѓање – поетски израз на Влатко Деловски

Влатко Деловски е човек – систем, роден во Битола, а потекнува од…

Биљана Т. Димко: Човек кој нема свој јазик е еднаков на човек кој нема гробно место – нема име

Пишува: Биљана Т. Димко Двата столба на македонскиот идентитет од искона до…

„Светот стана прибежиште за сите стравови“ – Виктор Дамчевски, кој умее да го чуе она кое не говори

Виктор Дамчевски е економист по професија. Живее во Битола. Често има ораторско…